Родители, деца, статистика

27.10.2012 10:12
Родители, деца, статистика

Последниве денови слушаме за загриженоста на владеачката гарнитура за опаѓањето на наталитетот во Македонија. Велат, согледуваат дека економските пакети воспоставени последниве години не вродиле плод. Сепак, продолжуваат со политиката на државни мерки со надеж дека следните ќе бидат поефикасни. Освен тоа, премиерот ги повика младите да се огледаат на сиромашните предци, ги охрабри да стапуваат во брак и да имаат повеќедетни семејства како пример на решителност во време на криза.

Мислам дека е потребно за заедницата, бракот и проширувањето на семејството да се зборува не само на технички јазик, преку статистика и бројки, туку и со осврт на емотивната димензија и контекстот на овој аспект на човековото постоење.

Добро е познато дека граѓаните на Македонија долги години се соочуваат со мноштво проблеми, меѓу кои најболни се високата стапка на невработеност, етничките тензии, загрозувањето на личните слободи, корупцијата. Ова создава атмосфера на несигурност, живеење во контекст без интегритет, немање можност да се креира сопствената судбина и идентитет. Оттука, пак, произлегуваат фрустрацијата, лутината, безнадежноста, депресивноста.

Затоа веројатно и не изненадува намалувањето на наталитетот, кое можеби е одраз на намаленото либидо на нацијата и на еден колективен, несвесен, самодеструктивен процес. Либидо овде го користам како синоним на желбата за живот и желбата да се дава живот. Оваа желба не може да се наметне, таа единствено може да се почувствува.

Според ова, пакет мерки за подобар наталитет сами по себе тешко ќе вродат плод, бидејќи тие не функционираат во вакуум, без основа. А таа основа е суштинската желба да се даде живот и создавање контекст во кој граѓаните на Македонија ќе бидат економски независни, со можност да креираат и мислат слободно и одговорно.

Но дури и во контекст на стабилност, имањето деца останува прашање на лична слобода, но и одговорност, пред се’ кон децата. Бидејќи треба да се запрашаме како тие би се чувствувале од сознанието дека се родени само за потребите на наталитетот? Какво би било нивното чувство на вредност како човечки битија, ако се вака опредметени? И каква би била нивната желба за постоење и креативност?

Слики
Agnolo di Cosimo (Il Bronzino), Venus, Cupid, and Satyr, 16th century
Marcantonio Franceschini, The Birth of Adonis, c. 1685-90