Емоционална зараза

29.01.2013 13:07
Емоционална зараза

Бев член кој скромно се трудеше, не секогаш беспрекорно успешен член на молчаливата завера која се плетеше против мојот живот. Во поредокот на светот сигурно дејствува некоја ужасна заблуда, некоја дијаболична иронија, којашто ја живееш како редовен, нормален живот, а таа ужасна заблуда е самата култура, идејниот систем, јазикот и поимите кои ти кријат дека самиот си составен дел од машинеријата, која подмачкано работи, одамна веќе остварена за да те уништи. Тајната на преживувањето е колаборацијата, но со нејзиното признавање на твоја глава се струполува толкав срам што попрво ја одбиваш отколку да ја прифатиш.
Имре Кертес, Досие К.

Зошто луѓето влегуваат во партија? Можеби зашто „тајната на преживувањето е во колаборацијата“? Постојат два брзи одговора, „позитивен“ и „негативен“: за да придонесат за својата заедница или од себични интереси. Но, постојат и некои не толку видливи психолошки причини зошто влегуваме во партии. Психологот Ервин Стауб, на пример, вели дека припадноста кон групата може да задоволи потреби кои на друго место не наоѓаат сатисфакција, како што се потребите за сигурност, за позитивна врска со другите луѓе, за позитивното чувство на внатрешното јас или за чувството на делотворност.

Еден друг влијателен психолог, Дејвид Меклиланд, тврди дека мотивацијата за моќ, која тој ја дефинира како „внатрешна потреба или склоност на поединецот да ја бара моќта или негова преокупираност да постигне снажно влијание врз другите“, е еден од основните три мотиви во темелот на социјалното однесување; другите два се потребата да се постигне успех и потребата за поврзување, т.е. за дружење и пријателство.

Во нашиот контекст на една снажна и често зависничка опседнатост со партиски сфатената политика корисно е да се спомне и феноменот на „емоционалната зараза“. Емоционалната зараза настанува кога човечките суштества склони кон здружувања во помали групи во социјалната интеракција се стремат да ги ускладуваат држењето на телото, движењата, начинот на говор и изразите на лицето, без за тоа да се свесни; на тој начин, нивното однесување и расположение стануваат сè послични. (Еден мој пријател вака вели: Во нашава припиздина ретко кој мисли. Но затоа повеќето имаат свое мислење.)

Кога психолозите зборуваат за опасноста од емоционалната зараза тогаш се мисли и на фактот дека честопати се случува емоциите сосема да нè совладаат, а ние тоа да не го знаеме. Некои експерименти покажуваат дека луѓето можат да бидат под влијание на емоционалните надразби дури и кога тие надразби свесно не ги перципираат. Во еден таков експеримент на учесниците им се покажувани низови апстрактни симболи кои пред тоа не ги виделе, за потоа да побараат од нив да кажат кои симболи повеќе им се допаѓаат. Се покажало дека нивната одлука зависела од тоа дали пред симболот накусо било прикажано тажно или среќно лице. Иако лицата не биле видливи доволно долго за гледачот свесно да ги перципира, на луѓето повеќе им се допаѓале симболите што следеле после среќното лице.

Како што вели Кетлин Тејлор во извонредната книга „Перење на мозокот“, голем дел од нашиот емоционален живот се одвива на тоа непрепознатливо, пониско ниво. Затоа емоциите на учесниците во секоја социјална интеракција ќе бидат под влијание на емоциите на другите учесници. Таквата поделба на емоциите има улога на социјален притисок, ја олеснува општествената прилагодливост и пружа чувство на припаѓање. Притоа, така распоредените слични емоции меѓусебно се хранат. Како што вели Тејлор, социјалното изразување на емоции не е ниту случајно нити ирационално; тоа има корисна цел и на некој начин ни покажува дека мислењето и чувствувањето се преплетуваат.

Еден друг славен психолошки експеримент од 1962 година исто така зборува за влијанието на средината врз нашето мислење. Група учесници, на кои им било речено дека врз нив се тестира делувањето на витамински комплекс, всушност добиле инекции; едните добиле адреналин, а другите примиле дози со неактивно плацебо. На некои им било речено дека инекцијата ќе ги растресе (како што делува адреналинот), а на некои им рекле дека ќе почувствуваат умор (тоа во никој случај не е реакција по примање адреналин). На некои од испитаниците не им било речено ништо за придружните нуспојави. Трикот на испитувачите се состоел во тоа што меѓу учесниците ставиле „убедувачи“, лица што работеле со експериментаторите. Тие лица, по „примањето“ на адреналинот (а всушност не добиле ништо), се преправале дека се мошне среќни или мошне бесни. Испаднало уфрлените луѓе, „убедувачите“, значајно да влијаат врз доживувањето на сите други учесници што примиле адреналинска инекција. Во согласност, значи, со тоа што рекол „убедувачот“, човекот ги „фалсификува“ сопствените внатрешни сигнали и си резонира: „Ако тој го добил лекот и е среќен, тогаш сигурно и моето чувство треба да е среќа, оти го земав истиот лек“. Како што заклучиле испитувачите, начинот на кој учесниците го протолкувале однесувањето на лажниот учесник влијаел на внатрешните сигнали што ги добивале од сопственото тело. Она што го мислиме влијае на нашите чувства, и обратно.

Теоретичарот на културата Рудолф Арнхајм, уште во триесеттите години на 20 век предвиде дека човечкото суштество ќе ги испомеша сетилно согледаниот свет со мисловно интерпретираниот свет и дека гледањето ќе се претвори во разбирање. Арнхајм напиша дека „телевизијата ќе биде еден од најтешките испити за нашето осознавање. Таа ќе ни го збогати духот, исто онолку колку што ќе го умртви“. Современите медиуми, главни пренесувачи на „политичките зарази“ и моделатори на стварноста, се случуваат токму во хаотичниот простор помеѓу гледањето и знаењето, помеѓу гледањето и разбирањето.

Најнакрај, сепак мора да се истакне дека можат да имаат и позитивно влијание емоционалните зарази при здружувањата на луѓето по најразноразни основи. Политичките, културните или економските пресврти понекогаш се должат токму на новите поттикнувачки енергии на одредени групи луѓе. Надежта, која понекогаш расте наспроти реалните околности, е голем придвижувач на луѓето. Кертес тоа подобро го објаснува:

„Изгледа дека не само што човек не се раѓа за среќа, ниту општествата не се раѓаат за среќа, туку за борба. Истакнатата цел секогаш е среќата, но тоа е секогаш слика на примамливоста. Сè уште не се знае како може да се усогласи индивидуалниот живот со целите на општеството, за кои едвај нешто знаеме. Сè уште не се знае што нè придвижува и - заправо - зошто и живееме, надвор од вегетативниот автоматизам. Навистина сè уште не е разјаснето дали ние постоиме, или сме отелотворени фигури на групи клетки коишто во нас дејствуваат - симбол кој се однесува така - присилен е на тоа - како да е автономна стварност. Мене, којшто не сум важен, нешто ми е сепак важно: отприлика тука сме во книжевноста.“

Слики: The Royal Art Lodge

ОкоБоли главаВицФото