Фотоморгана

04.12.2012 13:10
Фотоморгана

Од самиот почеток на владеењето власта на Груевски игра мошне валкано. И пред тоа во земјава занимавањето со политика (па и воопшто со јавните работи) беше матна работа, но груевизмот политиката речиси ја пресели во подземјето. Ми се чини дека толку бескрупулозно и бесрамно политиката во Македонија не се спроведувала дури ни во челичните години на комунизмот, веднаш по војната. Главна цел на таа груба игра е тоталната доминација над општеството, т.е. партизација (т.е. криминалализација) на целокупниот систем. Во првата фаза треба да се ослабне, а во втората фаза треба да се уништи сè што не е под капа на партијата (всушност, на партиската врхушка позната како Фамилија). Таа агенда веќе седма година го дроби македонското општество до непрепознатливост. Под груевизмот Македонија е претворена во пропагандистичка фотоморгана, т.е. во аморфна каша која се обликува онака како што, на дневна база, ќе му се трефне на единствениот водач.

Најнов, симболички мошне силен, пример до каде оди насилството, па и безумието, на режимот опиен од безгранична моќ (и оттаму со сè послаби механизми на самоконтрола и саморефлексија) е кампањата против опозицискиот СДСМ наречена „Или си СДСМ или не си СДСМ“. За некоја година ваквите кампањи ќе се предаваат по училиштата како репрезентативни примери за помрачена политичка свест и за екстремно брутализирање на политичката борба. Како сталинистичките и фашистичките перења на мозоци, така и пропагандните потфати на сегашниот македонски режим во иднина ќе сведочат на колку ниско ниво може да падне занимавањето со јавни работи; кампањите на забеганата власт, меѓу другото, еден ден ќе сведочат и за тоа што се случува со едно општество кога целокупниот јавен живот ќе се сведе исклучиво на пропаганда базирана на лаги, монтажи, извртувања, омраза и насилство. (За таа идна, да се надеваме, понормална, подемократска Македонија голема работа ќе направи оној што ќе ги архивира безбројните пропагандни акции на сегашната власт. Ми се чини дека Музејот на ВМРО може идеално да се пренамени во Музеј на груевистичкиот агитпроп. Околината на идниот Музеј на пропагандата исто така ќе сведочи за забеганоста на еден водач и за подаништвото на неговите следбеници.)

Во најновиот рекламен спот на власта против опозицијата на тапет се ставени Љубомир Фрчкоски (ја спомнува можноста премиер да биде Албанец), Тито Петковски (зборува за компромис со Грција), Ѓунер Исмаил (зборува за идното справување со фараонскиот проект СК014) и Мирослав Грчев. За да не трошиме многу време, од спотот на власта ќе издвојам само еден детаљ, достоен да влезе во сите светски учебници за пропагандна манипулација. Архитектот Мирослав Грчев за некоја бугарска телевизија изјавил: „Само дилетант и будала може да зборува за македонска култура и македонска историја во предисториско време, во неолит или палеолит.“ Во агитпроповската лабораторија на власта изјавата на Грчев гласи вака: „Само дилетант и будала може да зборува за македонска култура и македонска историја.“ На повеќе телевизии, значи, се емитува рекламен спот, нарачан од режимот, кајшто еден од најугледните македонски архитекти и професори се прогласува за гнида и предавник (кому секој „вистински патриот“ може да му скрши глава на улица, зашто на најгруб начин зборува против македонската култура и историја). Вакви медиумски линчови (всушност, медиумскиот линч беше само предвесник и сигнал за вистинскиот линч) се случуваа во Србија, во времето на балканскиот касап, Слободан Милошевиќ. Но, ваквите медиумски линчови особено беа разработени во периодите на сталинизмот и фашизмот.

Како едукативно четиво за помладите читатели на Окно подготвив неколку прочуени примери за слични медиумски монтажи и измами од времето на сталинизмот. Крвавото владеење на Сталин содржеше и своевидни иронии. На пример, на насловната фотографија на текстов, од дваесеттите години на 20 век, во прошетка се наоѓаат младиот надежен комунистички кадар Николај Јежов и „црвениот цар“ Сталин. Во триесеттите години Јежов, како и голем дел од комунистичка елита што на свој грб ја изнесе Октомвриската револуција, паѓа во немилост на „хазјаинот“. Иронично е што од фотографијата отстранетиот Јежов се заменува со водите на Каналот Москва-Волга. Имено, пред да биде елиминиран Јежов бил комесар за воден транспорт.

Во Советскиот Сојуз фалсификуваните слики се користеле за воспевање на комунизмот и за зголемување на угледот на властодршците. Ако фотографиите обично се сметаат за фактографски записи, што се случува со вистината кога фактите се менуваат? Пропагандистите ја користеле секоја можност за да ја пренесат својата порака. На пример, на оригиналната фотографија од 1917 г. на таблата на зградата стои текстот: "Часовници, злато и сребро". Ретушираната табла вели: "Борба за вашите права". Исто така, на знамето кое се вее пишува: "Долу монархијата - Да живее Републиката!" На оригиналната слика нема видливи зборови.

Скалперски нечујно официјалната советска историографија ги чистела од фотографиите неподобните бивши комунистички кадри (главно убиени во монтираните сталинистички судски процеси). Следната фотографија е еден од најстарите и најпознатите примери на сталинистичките ретуширања. На фотографијата од 1920 снимена пред театарот Бољшој во подножјето на говорницата од која зборува Ленин, се наоѓа Троцки. Откако сталинистите го прогласиле за предавник и Троцки систематски бил отстрануван од меморабилиите.

Сличен пример на бришење на ликот на Троцки е и фотографијата од 1919, снимена на Црвениот плоштад, за време на прославата на втората годишнина од Револуцијата.

На крајот на овој текст вреди да се раскаже страшната приказна за масакрот на полските офицери во Катинската шума. Приказната, меѓу другото, е интересна и од аспект на историјата на пропагандата. Кремот на полската војска, неколку илјади офицери, бил убиен во текот на март и април 1940 година. Вкупно, во таканаречениот Катински масакр биле убиени околу 22.000 полски државјани, полицајци, интелектуалци, офицери и други припадници на елитата. Убиствата се случувале во Русија, Украина и Белорусија, но случајот се води како „Катинска шума“ зашто долго време биле познати само масовните гробници кај Катин, град покрај Смоленск. Сè до 1945 година германската и советската пропаганда меѓусебно се обвинувале за масовното воено злосторство. Дури и западните сили, Британија и Америка, среде војна против фашизмот, и како сојузници на СССР, се воздржувале со прст да покажат кон вистинскиот виновник, советското Министерство за внатрешни работи (попознато како НКВД, на чие чело тогаш бил озлогласениот Берија, под контрола на Сталин, се разбира). Дури во 1990 година Горбачов јасно призна дека за злосторот е одговорен Советскиот Сојуз.

Од тој страшен настан за пригодава ја издвојувам следнава епизода. Владислав Сикорски, како претседател на полската влада во емиграција, кон крајот на 1941 година отпатувал во Москва за со Сталин да ја потпише спогодбата за сојузничка борба против Хитлер. Сикорски од Сталин барал одговор за статусот на неколку стотици илјади полски граѓани кои, по Сталиновата спогодба со Хитлер, две години претходно, биле депортирани во советските воени логори и затвори. Полскиот премиер барал од Сталин сите тие луѓе да бидат амнестирани и пуштени. Сталин тврдел дека токму така било направено, луѓето се ослободени. Сикорски му противречел на Сталин, вадејќи ги списоците со исчезнатите луѓе.

-Неможно. Сигурно избегале - си истрајувал Сталин на своето. Молотов френетично му помагал на својот шеф: „Апсолутно е неможно и еден од вашите луѓе да се наоѓа во логор“. И не лажел: сите тие Полјаци веќе година и пол биле отпуштени - во смрт. И Сталин и Молотов тоа добро го знаеле.

Како би одговорил Сталин кога би го прашале каде исчезнале ликовите на Јежов или Троцки од фотографиите? „Неможно! Можеби некои мрачни пропагандни кругови вцртале непостоечки фигури?!“ Или би рекол: „Можеби ликовите побегнале од сликата? Ама еден ден можеби ќе се вратат...“

А што би рекол мозокот на груевистичкиот пропагандизам, каде исчезна вториот дел од реченицата на Грчев?!

Хегел во најславниот дел од од „Феноменологија на духот“ велеше дека лажното е момент на вистинитото. Но, во нашиот случај испадна обратно, дека вистинитото е момент на лажното, во дводимензионалниот пропаганден свет кој ни се сервира како затвор и стапица.

Во персискиот јазик постои еден прекрасен израз: war nam nihadan, што значи да убиеш некого, да му го закопаш трупот, а потоа преку него да засадиш цвеќе за да се сокрие гробот. Таа прастара политичка техника, гледаме, преку сталинизмот и фашизмот, сè уште е жива и жилава и кај нас, низ груевизмот, кој политиката ја сведе на фотоморгана.

ОкоБоли главаВицФото