Писмо од Солун

20.12.2012 12:10
Писмо од Солун

Солун во зима е меланхоличен град, со атмосфера повеќе балканска отколку медитеранска. Сивата и матно сребрената се доминантни бои. Темно небо над често немирното море. Влажна зима и нечист воздух.

Нечистотијата порано доаѓаше од издувните гасови на автомобилите кои секојдневно правеа неподнослив сообраќаен метеж во самиот центар на градот. Денес ги гледаме вечно паркирани по тротоарите на малите улици, зашто нивните сопственици повеќе немаат пари за бензин. Оваа зима воздухот мириса поинаку. Порани повеќето од домаќинствата за греење користеа масло за домаќинство, но бидејќи тоа во октомври поскапе за 50% Солун во ноември 2012 мириса како Берлин на почетокот на осумдесеттите - на брикети.

До пред само неколку недели, за време на штрајкот на ѓубреџиите кои протестираа поради намалувањето на платите и отказите, мирисот стана уште поинтензивен. На улиците се трупаа купишта ѓубре покрај кои луѓето поминуваа како да ѓубрето ќе исчезне само од себе, доколку го игнорираат доволно долго.

Навечер повеќето градски квартови исчезнуваат во целосен мрак. Уличното осветлување на многу места е расипано, но градската каса е празна, така што од поправките нема ништо. Дури и божиќното осветлување оваа година изгледа пригушено и некако меланхолично, како малубројните ѕвездички да залутале на ова место. Само плоштадот Аристотел, големиот овален простор во центарот на Солун, еве веќе трета година од кризата ја задржува својата речиси аристократска убавина: заносен ансамбл од сребреното море, белиот мармор на неокласичните зданија и римските урнатини.

Расположението е мрачно како неосветлените улици. Кога на улица ќе сретнете некој познаник, го прашувате на грчки: „Ти канис?“ (како си). Во нормални времиња, чиста флоскула, а одговорот - рутински: „Фала, добро“. Во време на криза прашањето станува сериозно, а одговорот личен и често многу искрен: „Многу лошо, не можам да најдам работа“. Често: „Некако се снаоѓам“. Или во најдобар случај: „Барем имам работа и фала му на бога сè уште ме плаќаат“.

Оној што редовно добива плата се смета за среќен. Два или три месеци доцнење на платата е до некаде подносливо, но доколку ова се одолжи ситуацијата станува очајна, често за целото семејство. И покрај тоа, многу луѓе продолжуваат да работат иако не примаат плата, зашто ако ја изгубите работата, нема да најдете друга.

Кризата во Солун започна одамна пред оваа криза. Индустријата исчезна уште на почетокот на 90-те. Речиси сите фабрики поради ниските плати, даноци и големите профити се преместени во Бугарија. Во исто време изумре и тутунската индустрија. Во тоа време, индустријата на услугите доживеа мал бум, започна и цела низа инфраструктурни проекти: изградба на линии за метро, проширување на улиците, поставување оптички кабли. Многумина можеа да сметаат на место во јавната администрација. Кому тоа немаше да му појде од рака, можеше да отвори кафуле или бутик. Ниту еден друг град на светот нема толку кафулиња по глава на жител како Солун, оттука и името „град на фрапето“. Називот на ладното кафе со пена кое се пие по целиот град, а чии најбројни конзументи се студентите, кои во градот со два универзитета и една виша стручна школа бројат 100.000.

Но, тогаш Атина стана домаќин на олимписките игри, така што од крајот на 90-те сите државни пари почнаа да се слеваат само кон Атина. Беше сè потешко да се најде работа во Солун. Во 2008 година невработеноста на подрачјето на Солун изнесуваше 17%, повеќе од двојно од грчкиот просек. Куповната моќ паѓаше, а локалите се затвораа. Почна со продавниците за мебел, а потоа многу бутици во Василис Олгас ставија катанец на вратите. Во последно време се предадоа и многу стоковни куќи во центарот на градот, како и секој трет малопродажен дуќан. Илјадници продавачки останаа без работа.

А инфраструктурните проекти? Егнација, главниот грчки автопат кој се протега од западот на земјата до границата со Турција е завршен пред кризата. Но, изградбата на метрото застана. Неговото пуштање во употреба е планирано уште за 2010, а сега владата ветува завршување на работите во 2016. Во овој рок повеќе не веруват дури ниту водачите на работата, кои веќе со месеци не примиле плата. „Можеби во 2026, ако од ова на крајот воопшто испадне нешто“, изјави еден од нив на неодамнешниот состанок во градското собрание.

Меѓутоа, во оваа колективна депресија исто така постои и малку светлина. Најсветлиот симбол на надеж се многубројните локални солидарни иницијативи, на кои им се приклучуваат сè повеќе луѓе.

Еден од позитивните примери е и солунската социјална клиника. Основана е пред седум години од страна на левичарските доктори поради пружање здравствена заштита на имигрантите. Кризата од оваа скромна институција направи едно од најважните прибежишта за сите кои немаат пристап до државните болници: легалните имигранти, локалните невработени или оние без здравствено осигурување, пензионерите. Во последната година се пријавуваат сè повеќе доброволци за работа во клиниките. Речиси 150 доктори, забари и медицински сестри даваат свој придонес еднаш или два пати неделно работејќи полна смена. Дипломирани инженери, сега без работа, управуваат со секретаријатот на клиниката и го држат отворен дваеест часа секој ден. Фан клубовите на градските фудбалски тимови ПАОК и Ираклис собираат лекови за аптеката на социјалната клиника. Една смртно болна забарка на стоматолошкото одделение му ја подари целата своја опрема.

Социјалната клиника ужива толкава поддршка што се чини дека стана проект на целиот град. Еден понеделник навечер четворица стари рокери одржаа концерт за солидарност во Олимпион, најголемата кино сала во градот. Бендот познат под името The Presidents го сочинуваат угледни професори, од кои секој бил ректор на факултет. Ги имитираа Џими Хендрикс и ги свиреа Лед Цепелин, салата беше полна, мешавина од академска номенклатура, студенти, ученици и обични фанови на рок музика. Акустиката беше лоша, но четворката свиреше навистина добро. А најдоброто е зачувано за крај: „Always look on the bright side of life“. Инјекција оптимизам, нешто што на сите им е повеќе од потребно. Дури и постарите луѓе во одела потпевнуваа, цела сала се смееше. Беа собрани повеќе од 4.000 евра и регрутирани неколку доброволци за работа во социјалната клиника.

Но, и докторите доброволци знаат за граница. Воспаленија, преломи, поправка на заби, тука може да се помогне. А рак? Што се случува кога некој што боледува од рак нема здравствено осигурување, пари или семејство? Неодамна Катарина, мојата пријателка која е лекар по професија, ми раскажа хорор приказна која се одиграла пред одборот за боледување на државното здравствено осигурување. „Се појави четириесетгодишна жена, без коса после хемотерапијата. Не носеше перика, дури ни марама. Без оглед на тоа колку се болни, младите жени секогаш задржуваат парче суета, но не и оваа.“ Кога одборот одлучил да ја испрати на тримесечно боледување, прснала во плач. „Нè замоли да ја прогласиме за здрава за да може оваа година да одработи уште десет дена, зашто инаку го губи правото на осигурување“.

Извор: Le Monde Diplomatique

ОкоБоли главаВицФото