Општа преоптовареност од сè

09.10.2009 17:15
Mile_02.jpg

Овде никој не цени квалитет. Џабе лажат дека “знаењето е сила, знаењето е моќ”. Во ова општество сè уште важи онаа старата “учи сине за да не работиш”, т.е. “учи сине за да не се вработиш”. Кога ми кажуваа дека треба партиска книшка за вработување, од секогаш сум се противел, мислејќи дека се претерува во таквите генерализации. Но пред некое време дознав дека на пример, најдобрата студентка од мојата група се вратила во родното место затоа што немала пари да запише пост-дипломски ниту пак ја примиле таму каде што аплицирала за работа; додека можеби најслабиот од оние кои дипломираа за само неколку дена бил вработен на добра позиција во едно битно министерство, со решение и целосно регулиран статус (тешко на тоа министерство). Во исто време, во земјата на информатичари, еден програмер со меѓународно искуство поради некои чудни околности остана без работа и единствен успех при потрагата за следен ангажман овде, му беше да копа кај Паско Кузман. За среќа, му успеа да емигрира и сега е како препороден бидејќи работи за добра компанија за солидна плата во САД. А да, ова ви го збори невработен магистер.

Овде не функционира ништо. Спомнав дека сум магистрирал, меѓутоа допрва тоа ќе треба да го средувам: сè уште не можам да си ја земам дипломата за завршен факултет, бидејќи мојот факултет во Скопје сè уште не донел одлука за издавање дипломи. Поради тоа не можам да си ја земам дипломата од магистериумот од странство. Во исто време имам проблем и со апликации за работни места, школи и сл., поради тоа што освен транскрипт, многумина бараат задолжително и диплома, која јас ете ја немам поради проклетата бирократија.

Добро, факултетите на кои владеат тетките од студентски прашања уште долго така ќе се мачат. Но она што е вистински проблем во Македонија, не е нефункционирањето на институциите, туку нефункционирањето на ништо. Почнувајќи од аеродромот, јавниот превоз, па сè до тоа да молиш приватни фирми да им ги дадеш твоите пари за некаква си услуга а тие да се однесуваат како всушност да ги рекетираш (пример туристичка агенција, 5 дена ги молев да ми пратат документи, тотално индолентно оденсување од нивна страна) – значи во Македонија проблем е и самото функционирање на капитализмот. Па ако и капитализмот не функционира и ако профитот не е мотив некој да чини и работи, тогаш нешто сигурно не е во ред, тоа е некоја структурална грешка бидејќи во природата на луѓето е да работат за профит.

Кога веќе сме кај капитализмот, многу тажно е што одредени производи и услуги во Македонија, а особено во Скопје се екстремно скапи во споредба со стандардот на граѓаните. На пример, она што секој млад човек го интересира е пиво. Во Скопје, пивото чини па отприлика 90-100 денари (што е едно и пол евро), и тоа често пати тоа е цената на мало шишенце од 0,33 л кое се пие за 1 минута. Во многу поголеми, поразвиени и побитни средини од Скопје, се наоѓа пиво и за цена од 1 евро (при стандард далеку повисок од македонскиот), и тоа точено, големо, и свежо (а не шишенце мало топло со скршено грло). На промотивниот фестивал Пиволенд, цената на домашното промотивно пиво беше иста како на странското. Па каде со тие цени на пиво, особено кога не можеш да си го купиш во продавница?

Да не почнувам и за грабежот од цени за разговори по мобилен, за сè уште неквалитетниот интернет и за сите работи кои се преплатени..

Овде не функционираат и други поситни работи; ако нешто правам во последно време, се занимавам со неколку слободни ангажмани и не би сакал да почнувам за тоа дека за наплата на договор на дело (која стандардно е неколкукратно пониска од реалната цена) треба во голем број од случаите да го гониш наплатувачот со оружје и закани за да ти го исплати трудот, дека (оние што пишуваат знаат) ќе ти осамне текст во магазин со сменет наслов и поднаслови без никој да те праша или да ти плати, дека се промашуваат имиња дури и на битни документи (цел живот ме пишуваат Атанас или Вангелис УА НЕПИСМЕНИ!), дека ќе ти објават нешто без авторизација, дека ќе те бараат новинари за уствари ти да им го спремиш прилогот (плус ми се јавува новинар ми вика дека многу добри “блогови” сум пишувал годинава, а ја блог неам фатено со мал прст со месеци, толку тој проверил).

Од друга страна, овде е ужасно досадно. Многу сериозен проблем за младите е сеприсутната досада која се репродуцира сама од себе. Луѓе киснат на интернет зашто им е хронично досадно и немаат што да прават. На платформи за социјален софтвер пишуваат статуси од типот “тапа ми е”, “досадно е”, “досадаааа” и сл. Сите се мрзливи, летаргични и заспани. Никој не сака да излезе за прошетка дури ни во овие прекувремено топли и сончеви денови. Тие што нешто прават пак, се ангажирани во кампањите за трето дете, побожност, абортус-не, да не се пие и лумпува и останати досадни работи. Во мода е традиција, поштовање, сите се сериозни и кога треба и кога не треба. Во потрагата по сериозност, дури и некои ко омилниот боли глава писател, кои секогаш биле бунтовни, одеднаш почнуваат да читаат досадни конзервативни автори и го прават светот уште посувопарен и понеинтересен.

За да се долови овдешното ниво на досадност треба да се потенцира дека ултимативна забава во Македонија во моментов се свирките на тезга бендовите. Екстазата се постигнува на песни од Никелбек и слични досадни бендови, како на пример Бон Џови, Дивље Јагоде и Ван Гог. За да ја замаскираат својата досадност (пошто се досадни у душа), посетителите на тие свирки тврдат дека слушаат “рокче”. Од друга страна, авторските рокенрол бендови мора да платат за свој настап, на кој публика нема да им дојде затоа што ќе добиат лош термин, затоа што после нив клубот почнува со сопствена програма – тезга. Затоа, овде рок-ѕвезди кои заработуваат многу пари и имаат обожавателки се ликови кои ги кинат солажите на Слеш, додека оние кои измислуваат свои солажи се осудени на тоа да не можат да си дозволат да сменат жица кога ќе им се скине.

Овде сите морализираат. Ова е единствено општество освен Саудиска Арабија, Иран и Северна Кореја каде што “аут” се сексот, дрогата и рокенролот кај младите (сексот е дозволен само ако се размножуваме и само ако е на “Велики брат”). Влатко Ѓорчев неколку пати посочува како нема да дозволел Скопје да стане Амстердам, а уствари Амстердам е град со многу забава, култура, зелени површини, голема стапка на безбедност, висок развој и пред сè минимален број на тешки случаи од дрога (дури и Коко го пратија на лечење таму). Веројатно тоа се некои нивни двојни стандарди, меѓутоа вредностите кои се сервираат се крајно утнати (кој бе регулација на абортус, може ли некој да гледа дете во оваа ситуација?)

Овде всушност има состојба на “општа преоптовареност од сè”. Политичката ситуација е сомнителна; се водат 19-вековни политички дебати за потекло и автохтоност; таа е толку наелектризирана што само да зуцнеш, веќе си фатил страна или во најмала рака си прогласен за предавник. Толеранцијата кон различностите скоро и да ја нема. Пирува ксенофобија, хомофобија и некој прикриен сексизам преку кампањите за семејно планирање. Единствен зрак на недж е дека можеби визите ќе ги симнат; но од евтини летови Маро, абер да се немало. Во исто време малата средина гуши сè повеќе: дали ќе ја нарекуваме паланка или село, не е важно, важно е да се излезе од неа.

Затоа што овде, накратко, нема иднина. Најстрашно за еден млад човек е да биде заточен во држава како што е Македонија каде што не ни може да се измоча на раат, каде што ако шири љубов ќе плати огромна казна, а ако шири омраза ќе биде потапкан по рамо, каде што нормално е да живее со родителите до 45 години. Каде што се смета дека слобода на говорот подразбира и малтретирање и вербално насилство, каде што е побитно чив задник си бакнал од тоа колку си го потел твојот задник. Затоа, кога на истражување на невладини ќе видите дека 30-40% од лицата под 25 години веднаш би ја напуштиле земјава, немој да се изненадите; туку вбројте ме и мене во нив. Затоа што овде е мрачно и мрак ме обвива и овој систем е толку затворен, што долго нема да види светлина.


Слики: Миле Ничевски

Овој напис е цитиран од

Овој напис е цитиран од Глобал војсис онлајн во текстот

ОкоБоли главаВицФото