Лезбејска љубовна приказна ја доби Златната Палма

28.05.2013 11:28
Лезбејска љубовна приказна ја доби Златната Палма

Новиот филм на Адбелатиф Кешиш – „Животот на Адел – поглавје 1 и 2“ (или како што е познат во англиското говорно подрачје – „Сината е најтоплата боја“), со својот трогателен спој од еротика и тага ја доби Златната Палма на 66. Кански филмски фестивал.

Овој филм ја раскажува епската, но интимна приказна за љубовната врска помеѓу две млади жени, пред сè прикажувајќи го еротското созревање на петнаесетгодишната Адел (Адел Ексаркополус) која се заљубува во постарата, синкоса Ема (Леа Сејду).

Иако самата врска е малку идеализирана, во овој тричасовен филм особено доаѓаат до израз искрените и моќни изведби на двете актерки, на кои им беа доделени почесни награди за нивните улоги.

Филмот е заснован на еден француски стрип од Жули Марох, кој го носи истиот наслов („Сината е најтоплата боја“).

Адел е седумнаесетгодишна ученичка во едно средно училиште во Лил, паметна и малку занесена девојка која ги сака француската и англиската книжевност и сега да биде наставничка. По болното раскинување со своето момче таа оди во еден геј бар со својот пријател каде што се запознава со една прекрасна млада жена со кратка коса, обоена во сино, која ја има и претходно забележано: тоа е Ема, која студира уметност.

Набрзо потоа тие ја започнуваат нивната интензивна врска. Преку сината коса на Ема, сината боја станува бојата на среќата. Но како што девојките растат и сè повеќе се оддалечуваат, Ема ја заменува сината со нејзината природна руса коса, која тука како да го означува почетокот на крајот.

Иако филмот предизвика контроверзии поради експлицитните секс сцени, нивната искреност и отвореност е доловена на прекрасен начин. Покрај нив, секс сцените во некои од најпознатите филмови, како на пример во Последното танго во Париз, изгледаат надмено и застарено.

И храната е интересен мотив. Ема ја запознава Адел со нејзиното либерално и толерантно семејство кое е апсолутно свесно и отворено за нејзината сексуалност. Тие ја послужуваат Адел со една софицтицирана новост – остриги. Кога Ема ги запознава конзервативните родители на Адел, тие мораат да се преправаат дека Ема има момче. Јадат нешто многу пообично: шпагети болоњезе. Токму тоа е и храната која Адел ја подготвува за забавата по повод првата изложба на Ема, која тука станува симбол на нејзината потчинета позиција во врската.

Мрачната фаза од нивната врска (најверојатно второто „поглавје“ од насловот) е навистина болна, но исто толку стравствена, реална и не-холивудска колку и сексот.

Од политички и општествен аспект темата која ја обработува годинешниот добитник на Златната Палма како да доаѓа како „поддршка“ во сосема соодветен период, особено ако се има предвид неодамешната легализација на истополовите бракови во Франција, но и многубројните протести со кои беше проследена. Сепак, „се работи за извонредна, долготрајна експлозија од уживање, тага, лутина, страст и надеж. Дејството на филмот е нешто што веќе безброј пати сме го гледале – млади љубовници кои најпрво се запознаваат, започнуваат да живеат заедно, а потоа се разделуваат, но изведено и доловено преку таква интимност која предизвикува да се чувствувате како дел од таа врска. Затоа е и ремек-дело на својот жанр, речиси совршен филм“.

Извор: guardian.co.uk

ОкоБоли главаВицФото