Чајковски на удар на антигеј законите

27.08.2013 12:09
Чајковски на удар на антигеј законите

Рускиот закон со кој се забранува „геј пропагандата“, кој неодамна предизвика многубројни иницијативи за преместување на Олимпијадата која во 2014 година треба да се одржи во Сочи, ги наведе локалните филмаџии да ја цензурираат биографијата на композиторот Петар Илич Чајковски за кој се смета дека бил хомосексуалец.

Во биографскиот филм за композиторот на „Лебедовото езеро“, „Оревокршачка“ и „1812 Увертира“, делумно финансиран од државниот буџет, нема да биде ставен акцент на неговата сексуалност поради хомофобичната политичка атмосфера во Русија, во која со законот донесен во јуни беше забранета „пропагандата на нетрадиционални сексуални односи“ помеѓу малолетниците.

Во изјавата дадена за весникот „ Izvestiya“, сценаристот на филмот Јуриј Арабов ги отфрла забелешките според кои Чајковски бил геј, и истакнува дека го адаптирал сценариото со цел да го прикаже композиторот како „неженет човек, за кого поради тоа што немал семејство се прошириле гласините дека наводно сака мажи“, и кој страдал заради тие „гласини“.

Продуцентката на филмот, Сабина Јеремејева вели дека филмот нема да дојде во судар со законот против геј пропаганда.

Уште никој не е казнет за прекршување на овој закон, иако веќе има неколку пријави врз основа на сличните регионални прописи кои беа донесени пред неговото изгласување. Преправките на сценариото за филмот на Чајковски ги потврдуваат стравувањата дека законот ќе предизвика автоцензура. Неодредениот текст во законот подразбира и казни од над 2.000 евра за „наметнување на информации за нетрадиционалните сексуални односи“ во масовните медиуми.



Кирил Серебреников, угледен филмски автор и уметнички директор на Театарот Гогољ во Москва го најави почетокот на снимањето на филмот за Чајковски уште во август 2012 година, но потоа изјави дека има проблеми при наоѓањето средства поради официјалниот став за хомосексуалноста на композиторот. По отворениот конкурс во јули овој биографски филм се најде на листата филмови кои министерството за култура одлучи да ги финансира.

Лариса Малјукова, филмска колумнистка во независниот весник „Нова Газета“ вели дека во верзијата на сценариото која ја видела минатата година, Чајковски страдал поради љубовта кон еден млад човек. Меѓутоа, коментарите на сценаристот Арабов сугерираат дека потретот на композиторот како хомосексуалец е избришан од сценариото. Текстот поминал низ пет ревизии и во конечната верзија „воопшто ја нема хомосексуалноста, филмот не се занимава со тоа“, вели Арабов.

Серебреников одби да коментира, а Јеремејева негира дека петте ревизии на текстот биле направени само поради сексуалноста на Чајковски. Продуцентката тврди дека контроверзите околу филмскиот приказ на сексуалната ориентација на композиторот се „претерани и измислени“.



Малјукова сугерира дека коментарите на Арабов се јавна реакција на политичката ситуација и дека не ја одразуваат содржината на филмот. „Знаете какво е нашето министерство за култура“, вели таа. „Сите внимаваат, па и тој, и тоа со право.“

Во едно интервју за информативниот портал Lenta.ru, дадено во март, министерот за култура Владмир Медински рекол дека „сексуалните склоности не треба да се прикажуваат, не треба да се разговара за нив, ни на телевизија, ни во парламентот, ниту на собирите на 500.000 луѓе“.

Државата игра значајна улога во финансирањето на руската кинематографија, а затоа и последниве неколку години беа произведени голем број патриотски историски филмови. Според наводите на продуцентката Јеремејева, во вкупниот буџет за филмот на Чајковски од 240 милиони рубљи, министерството за култура учествува со 30 милиони (повеќе од 650.000 евра).

Александар Познански, автор на неколку книги за Чајковски вели дека врз основа на зачуваните пишани материјали од композиторот и неговиот брат неразумно е да се негира дека тој бил активен хомосексуалец.

Целата оваа ситуација е само уште еден пример за актуелната културна атмосфера во Русија, која ја прави самата земја предмет на потсмев во очите на образованата западна публика“, вели Познански.

 

Извор: The Guardian

ОкоБоли главаВицФото