Руската сексуална револуција во 20-тите години на минатиот век

21.07.2018 01:34
Руската сексуална револуција во 20-тите години на минатиот век

Забави на трансвестити, Владимир Ленин како борец за сексуална слобода, трамваи полни со нудисти и анархисти, голотија на плажите покрај храмот на Исус Спасителот... Сексуалната револуција создала простор на слобода која, на крајот, и самите болшевици ја сметале за закана.

„Вест: деновиве во Москва се појавија сосема голи луѓе (мажи и жени) кои на себе носат само една лента префрлена преку рамењата, а на неа пишува „Долу срамот“. Влегуваат во трамваите. Трамвајот застануваше, публиката беше шокирана“, пишувал Михаил Булгаков во својот дневник, во 1924 година. Само 15 години порано, жените во Русија не смееле ни да помислат да облечат здолниште до колена. Но, дали промениве се случиле преку ноќ?
Руското општество ни пред револуцијата не било пуританско, а особено не биле жителите на градовите. Руски војник роден при крајот на 19-иот век се присетувал: „Кога имав 19 години знаев секакви непристојни работи... Порнографските фотографии не беа реткост.“

Мажи во фустани и жени во панталони, забави на трансвестити и хомосексуалци - не било нешто невидено во уметничките кругови (некои членови на аристократијата влегувале во тие кругови). Сепак за машкиот хомосексуализам се одело на суд... барем додека не завладеале болшевиците.

Сексуалната слобода била едно од главните оружја во борбата против православието и воопшто против старите обичаи и начин на живот. Меѓу првите истакнати болшевици, главен борец за нов поредок во семејството, била Александра Колонтај. Постои теорија за т.н. „чаша вода“, за која се смета дека е нејзина. Наводно, љубовта (читај сексот) треба да се даде како што би се дале чаша вода кога некој жеден ќе побара да пие. Сепак, се работи за претерување околу идејата на Александра Колонтај.

Таа го претставила концептот на „новата жена“, ослободена од угнетување во семејството, од домашните обврски и одгледувањето деца. Сите овие должности би требало да ги преземат општеството и државата. Тие би се грижеле за образованието на детето (вклучувајќи го и сексуалното воспитување). За Колонтај, љубовта била во слободата, затоа на местото на традиционалниот брак дошол граѓанскиот брак.

Очигледно е дека болшевиците ја граделе својата семејна политика на многу прогресивен начин, онака како што ниту на Запад нема да постои уште многу децении.

Со првите укази на советското раководство во 1918 година се укинува бракот и се дозволува граѓанско партнерство. Венчавањето во црквите е забрането. Одлуката за развод ја донесувала самата брачна двојка. Абортусот бил дозволен. Сето тоа го најавило почетокот на сексуално најнеобузданата епоха во руската историја.

На брегот на реката Москва, покрај самиот храм на Исус Спасител се појавила нудистичка плажа. Движењето „Долу срамот!“ имало околу 10 000 членови. Луѓето марширале по улиците , извикувајќи: „Не ни треба облека, ние сме деца на сонцето и воздухот!“(Иако е вистина и тоа дека, според спомените на Александар Трушнович, таквите деца на сонцето и воздухот можеле да бидат и претепани).
Овој чуден развој на настаните почнал уште за време на Првата светска војна, потоа и за време на граѓанската војна.

Со амнестиите во 1917, 1919 и 1920 година и подоцна во државата која штотуку почнала да формира своја власт, биле ослободени многу криминалци. Голем број криминалци се помешале со дезертерите и поранешните војници. Силувањата преминале во епидемија. Освен тоа секој петти маж во Русија бил носител на полова болест (во царска Русија процентот на заразени бил нешто поголем и се движел помеѓу 25 и 27 отсто).

Советското општество размножувало опасна генерација на деца бездомници. Според официјални податоци, во 1923 година половината од децата што биле родени во Москва не биле зачнати во брак и од мнoгу од нив таткото и мајката се откажале или ги напуштиле. Ситуацијата била таква што власта итно морала да заузда неконтролираната сексуална револуција.

Еросот на советското угнетување

Во првата половина на 20-тите годии кога сексуалната слобода била во полн ек, советските власти почнале повторно да зборуваат за традиционалните вредности.
Психијатарот Арон Залкинд во 1924 година ги објавува „12-те закони на револуционерниот пролетеријат“ во кои црно на бело пишува дека љубовта мора да биде моногамна, дека сексуалната врска мора да биде последната точка од редицата длабоки и комплицирани чувства на двајцата вљубени.

Нудистите шетале голи по московските улици и вревеле, но комесарот за здравје Николај Семашко напишал дека таквото однесување мора да биде забрането. Семејството повторно станало основната клетка на општеството. Биле донесени многу нови укази. Конечно во 1934 година хомосексуалноста е прогласена за криминален чин; и абортусот бил повторно забранет (1936).

Што се однесува на женските слободи, жената била слободна да работи сè одеднаш: да ги извршува задачите на партијата, да биде мајка, да готви, да пере, пегла...

Во следните децении во советското општество сексуалноста и еротиката ќе бидат своевидно табу. Нова сексуална револуција во Русија ќе избие во 90-тите години на 20-от век.

Извор: Russia Beyond

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото