Сао Паоло: град без билборди

01.08.2013 14:43
Сао Паоло: град без билборди

Во септември 2006 година, градоначалникот на Сао Паоло го потпиша т.н. „Закон за чистење на градот“ со кои се забранува употребата на сите видови реклами во надворешниот јавен простор. За време од една година, беа тргнати 15.000 билборди, а натписите и знаците на излозите од продавниците беа смалени во согласност со одредбите на новиот закон. Јавните видео екрани и рекламите на автобусите беа отстранети. Денес дури и делењето флаери во јавност е нелегално. Беа напишани казни во вредност од речиси 8 милиони долари за целосно расчистување на урбаниот пејзаж на Сао Паоло. По седум години, четвртата најголема метропола во светот и најзначајниот град во Јужна Америка е прочистен од визуелниот неред кој е карактеристичен за сите големи градови ширум светот.

По прифаќањето на законот, дел од градските бизнисмени и рекламните агенти беа многу загрижени. Критичарите предупредуваа дека оваа забрана за рекламирање ќе доведе до загуба од 133 милиони долари, а околу 20.000 луѓе ќе ги изгубат своите работни места. Други предвидуваа дека градот ќе изгледа како пуста бетонска џунгла по отстранувањето на сите билборди.

„Мислам дека градот ќе биде многу подосадно, потажно место“, изјави Далтон Силваном, единствениот градски советник кој гласал против законот, и е дел и од рекламната индустрија. „Рекламирањето е и уметничка форма, но и начин за забава, кој ви помага да се решите од досадата и осаменоста кога сте во колата или се шетате сами низ градот“, додава Силваном.

Но и покрај лошите прогнози, економијата на Сао Паоло не доживеа некој поголем пораз, иако градот изгледаша навистина чудно и опустошено неколку месеци по воведувањето на забраната. Брзината со која беше спроведен законот предизвика градот да изгледа како напуштено воено поле, со празните улици и набрзина пребоените фасади.

Резултатите од една анкета спроведена меѓу 11-те милиони жители на Сао Паоло од 2011 година покажуваат дека 70% од населението ја поддржуваат забраната за билборди. На еден неочекуван начин, отстранувањето на логата и слоганите им ја врати на граѓаните претходно занемаруваната архитектура, откривајќи ја богатата урбана убавина која беше прикриена долго време. Сега градот има нов јазик, нов идентитет.

Сао Паоло не е единствениот град кој се одлучи да ги забрани ракламите на јавните места. Законите со кои се забранети билбордите се спроведуваат и во остатаните делови на светот, како на пример во Вермонт, Алјаска, Хаваи и во Мејн во САД, како и во околу 1.500 помали градови. Во Европа, денес билбордите се забранети во норвешкиот град Бреген, а и многу други градови наметнуваат строги рестрикции во однос на нивниот изглед, или пак прогласуваат зони во рамки на градовите каде поставувањето билборди не е дозволено.

Фотографот Тони де Марко ја документираше трансформацијата низ која поминуваше градот од 2007 година до денес. Во прилог погледнете дел од новиот урбан изглед на Сао Паоло.

Извор: Amusing Planet

 

ОкоБоли главаВицФото