Американскиот кредибилитет во Сирија

13.09.2013 08:09
Американскиот кредибилитет во Сирија

„Го создадов Трансјордан со еден потег со пенкалото едно попладне во Каиро“, се фалеше Винстон Черчил. Погледнете што остана од Јордан 90 години подоцна и ќе видите како. Со праволиниски граници повлечени со линијар се правени индиферентни разграничувања низ еден комплексен регион, со колонијална дрскост која не обрнува никакво внимание на јазичната, верската или етничката сродност.

За добар дел од тогашните потреси на Блискиот исток се одговорни странските сили кои цртале линии во песок, произволни, но со реални последици, водени повеќе од империјалниот престиж отколку од интересите на регионот. Ниту „црвената линија“ која Барак Обама ја повлече како изговор за американска воена интервенција во Сирија не се разликува по ништо.

Тој ја повлече унилатерално во август 2012, одговарајќи на прашањето „дали размислува за употреба на американската војска во Сирија“. „За нас црвената линија е ако видиме голема количина хемиско оружје како се транспортира или употребува. Тоа би ги променило моите сметки.“

На 21 август, се случи напад со хемиско оружје во близина на Дамаск, и се верува дека го изврши сириската влада. Тоа ја промени и сметката на Обама и неговото памтење. „Јас не повлеков црвена линија“, тврдеше Обама минатата недела. Не повлеков јас, туку сите, вели Обама: „Светот повлече црвена линија“.

Ова беше новост за светот, кој за време на викендот се обиде да се дистанцира од таа линија, додека американскиот претседател сè пожестоко навалуваше.

„Не станува збор за мојот кредибилитет. Во прашање е кредибилитетот на меѓународната заедница. И кредибилитетот на Америка и Конгресот е во прашање... САД сметаат дека доколку меѓународната заедница не успее да одржи одредени норми, стандарди, закони кои пропишуваат како државите да се однесуваат и како луѓето да се третираат, овој свет со тек на време ќе стане сè помалку безбеден“, тврди Обама.

Наводната ургентност за бомбардирање на Сирија во овој момент е водена исклучиво од потребите на Белата куќа да ја наметне американската моќ и моралниот авторитет онака како што ги дефинира самонаметнатиот ултиматум. Во тој ритам тропаат тапаните на војната. Но за сега, ретко кој маршира. Американските граѓани со огромно мнозинство се против. Образложението и целите на бомбардирањето постојано се менуваат и не се убедливи. Обама напиша реторички чек кој можеби неговата влада нема да успее да го реализира додека граѓаните одбиваат да го примат. Во вторник навечер, ќе се обиде да ја убеди скептичната нација во обраќање од Белата куќа.

Пред да разгледаме зошто луѓето со право се скептични, би требало да се позанимаваме со некои страшила, додека не бидат претворени во стампедо за војна. Употребата на хемиско оружје е гнасна и сирискиот режим е брутален (без оглед на тоа дали во случајов користел хемиско оружје или не). Со повеќе од 100.000 мртви во граѓанската војна, дипломатските напори очигледно до сега не биле успешни. Оние на кои им е дојдено до принципот на човечка солидарност и интернационализам не би требало да стојат на страна додека убивањето трае. Никој не може уверливо да тврди дека има план кој ќе го запре крвопролевањето.

Но, тезата дека трајното и ефикасното решение се крие во американските крстосувачки ракети предизвикува неверување. Таа почива на кружниот аргумент на кој се темелеа претходните „хуманитарни интервенции“: (1) Нешто мора да се направи веднаш; (2) Бомбардирањето е нешто; (3) Значи, мораме да бомбардираме.

Корените на овој судир се длабоки, замрсени и затруени. Аргументите против сирискиот режим и употребата на хемиско оружје не се исто што и аргументи за бомбардирање. А аргументите против бомбардирањето не се исто што и аргументи да не се направи ништо. Затоа повеќето луѓе не се убедени во оправданоста на воената интервенција. Воената интервенција нема да го запре сирискиот режим, а носи голем ризик од дополнително разгорување на веќе хаотичната ситуација. Засилувањето на дипломатскиот притисок, допуштањето на истражувачите на ОН да состават извештај, истовремено подготвувајќи терен за политички договор на завојуваните фракции, останува најдобро решение во сиромашниот избор од лоши опции.

Капацитетот на Америка да придонесе за дипломатски преговори е ограничен со фактот дека таа има историја на наметнување воена моќ, која е во голем раскечор со нејзините претензии на статус на морален авторитет. Покрај сите американски осуди на хемиското оружје, луѓето во ирачкиот град Фалуџа бележат малформација на новороденчињата и деформитети кај децата, и пораст на случаите на рак кај младите луѓе, што можеби е поврзано со употребата на осиромашен ураниум во американското бомбардирање на тој град. Американците користеа и бел фосфор против непријателите во Фалуџа.

Главниот американски сојузник во регионот, Израел, е рекордер во игнорирање на резолуциите на ОН, а Америка не учествува во меѓународниот кривичен суд - задолжен за приведување кон правдата на воените злосторници - затоа што не дозволува нејзини граѓани да бидат обвинети. Истиот ден кога Обама пред светот држеше предавање за меѓународните норми, нареди беспилотен напад во Јемен, во кој настрадаа шест луѓе.

Кога Обама апелира сирискиот режим да се заузда во рамките на меѓународното право, тоа е како кога Тони Сопрано би барал од судот да нареди забрана за приоѓање за некој од неговите мафијашки ривали - не може да се сфати сериозно, бидејќи законите на кои се повикува се истите оние закони кои отворено ги крши.

Неговата загриженост дека САД го губи кредибилитетот поради Сирија нема основа, бидејќи САД повеќе и нема некој кредибилитет. Повикувањето да се бомбардира една арапска земја без овластување на ОН и без широка меѓународна поддршка, врз основа на парцијални докази, пред да им е овозможено на истражувачите на ОН да напишат извештај, звучи премногу добро познато и во таа земја и во странство. Тврдењето дека би требало да се води оваа војна, а не претходните, се судира со фактот дека САД сè уште водат една од своите најнови војни. А бидејќи се покажува дека военото решение не е достижно во Авганистан, САД се обидува да постигне политички договор со талибанците пред да се повлече.

Обама би го зголемил кредибилитетот на САД не со повлекување линии до кои другите треба да се држат, туку со повлекување линија под минатото и промовирање на надворешна политика која се потпира на меѓународното право и дејствува во согласност со остатокот од светот, наместо да го игнорира. „Благородната вештина на губење на образот“, ми рече Ханс Билкс непосредно откако почна војната во Ирак, „еден ден ќе го спаси човечкиот род.“

Извор: Гардијан

ОкоБоли главаВицФото