Народ. Влез-Излез (2)

20.09.2013 15:00
Народ. Влез-Излез (2)

Возачот и трамвајот

Трамвајот лета, та, та, та,
Вртоглаво низ улицата.
По него возачот трча, свирка,
Главата внатре едвај му ѕирка.
Прееска да излезе вриел
Надвор газиран сок да пиел.
(Да се знае: често жедта ни ја гаси
Сок или вода - живот може да спаси.)
Но во мигот машината
Си се лизнала по шината.
Некој сакал да онади,
Па го бутнал трамвајот отпозади?
Што можело да влијае
Да тргне вагонот - не се знае.
Кога тоа го виде, возачот - скок,
Не се допи блажениот сок.
Сеуште држејќи в рака чаша,
Јурна тој по машината наша.
Ене го трча по лудиот трамвај,
Се плаши да не биде русвај.
Кај самиот кружен тек
Возачот стори начек (или пречек).
Со главата по вратата ко аждер
Удира и вреска небаре див ѕвер:
- Граѓани патници
Прописно и на време
Плаќајте го возењето.
Кој нема ситни монети,
Нек си купи за повеќе возења.
Патниците во чудо, возачот полуде
- Зошто врескаш ти по луѓе?
Ставивме ние монети,
Поништивме билети,
Се возиме со полно право
А тебе нека ти е здраво.
Башка, кој си па ти
Вака да ни дробиш богати?
Некои дури скокаат од место:
- Ќе те тужиме кај возачот, ресто!
Возачот тука збесна баш:
- Јас сум - вика - возачот ваш!
Излегов надвор окупиран
Сок да испијам газиран,
Таман го платив сокот -
Трамвајот ми го направи шокот.
И од Јауза до сега, полн со јад
Трчам преку половина град.
Едвај стигнав до трамвајот - вели -
Среќен сум што сите сте цели.
Се’ арно, ама да се врати реномето,
за возење ми дојде времето.
Де отворете ја трамвајската врата -
Возачот со возилото си барата,
Да може да се справува, оправува
И управува - треба да не побрлавува.
Нема веќе надвор од кабина,
Изјавувам пред оваа трибина.
Отсега сокот газиран
Сосем ќе биде суспендиран,
Газиран, значи, јок -
Отсега пијам од морков сок.
Мигум старица една стори пас
Со баршунест велејќи глас:
- Мајсторе, ти отвораме,
На зборот му веруваме.
Во трамвајот треба да си
шоферското правило гласи.
Кога веќе е тука твојот дел,
Нек ти биде, влези цел.
И од сега, кога возиш трамвај ти,
те молам, пази на овие работи!

 

Чудесна визија

Студено е, стишан град,
Ноќта носи смут,
Оди клинец смрзнат страд,
Сред улица в мразот лут.

Лесен капут, тенок ѓон,
Не е сноб, смрзнал зглоб,
Детска каша од „Данон“
Не му беше пратил Бог.

Родителите се во гробна соба,
Под прекривка на сон вечен,
Нема кој да му купи гардероба
Во светов баеги нечовечен.

Ама не е верата луда
Дека пред Божиќниот храм
Се случуваат прави чуда
За оној што тогаш е сам.

Та така ноќта - блесок од фар:
Еве црн и простран ЗИЛ,
Тркалата лепат до тротоар
Испуштајќи тивок цвил.

Како визија се вгради,
На вишниот сјај двигателот
Што си седеше позади,
На сите Руси владетелот.

Со својата рака моќна
Тој налеа чаша „Смирноф“
И во доцната доба ноќна
Детето вотка прима мирно.

Љубејќи го в уста,
Ко да му е сопруга,
Ја симна бундата густа,
Па уште една, значи друга.

Без звук ја снема колата,
Се’ исчезна како чад,
Го проголта ноќната смола
Човекот сосе венецот од жад.

Поздрав во оваа пригода
За сите наши жители,
Прекраснава епизода
Тагата треба да је исели.

Можеш, кога си сиромав,
Од бедата да најдеш спас,
Ако среќата ти даде замав
Тука да си во вистински час.


***

На оној не му е лесно
Кому соседот е манијак.
Мањакот можеби несвесно
Некого одвлекува во мрак.

Кој за комшија има ракун
Се’ на арно егзистира,
Ракунот дава радости ѕун
И алишта дури простира.

Кој Јапонец за комшија има
Нема да страда за леб,
Јапонецот плата кога прима
Го полни и комшискиот џеб.

Кому комшија е Каспаров,
Радоста исто ќе му сјае,
Оти со Каспаров паров
Победнички долго ќе трае.

Најдобро е - комшија мајор,
Тогаш ползата е двојна,
Нема да те однесе виор
Ако еднаш започне војна.


***

Годините лизгаат вкупом
Низбрдо, со песна,
Ојде животот, деца, штом
Болката стана толку свесна.

Набрав печурки грст,
Заспав како трупец,
Некогаш бев момчак цврст,
А глеј сега - слепец.

Ноу смокинг, ноу фрак,
Дури ни хау ноу,
Имам едно сако мрак
И немаштија многу.

Риби ич, матен ум,
Пари нема ни за лек,
Малку ендек, малку друм,
Та потоа пак ендек.

Резон на суд ставам,
сека глупа мисла - мињон,
Мува слета, сегде мавам,
Се направија миљон.

Вато виси на ѕидот,
Оригинал Вато,
Капут ми го блокира видот,
И тој виси, па што?

Троа троа, миц по миц,
Ветрот виори конфети,
Цурите фрлиле шприц,
преминале на таблети.

Не одете, цури, веднаш,
Ноќта ужасно мами,
Иако без мајките еднаш
Можеби ќе станете дами.

Чуму позата надмена?
Ич да не ти е гајле за све!
Евреин ти си, а и ја,
Чергари сме, еве!


Успивалка

Месечината свети но ладно,
Само џабе виси, трут.
Спиј си злато мое јадно,
Мирно заспиј в мојот скут.

Со нос притискајќи ѕид
Во густиот мрак спијат цури
Руси, смеѓи и по некоја хибрид.
Спијат Евреи, слонови и каури.

Ладна светлост сребро жари,
Цајканскиот сон е тежок.
Слатко спијат актери и забари,
А писателите како во шок.

Меѓу облаците таму
Месечината рие како сом.
Спијат и наркоманите ваму
Само курвите немаат сон.

Спијат, не знаат за себе,
Си мласкаат во сонот чист.
Ги покрива исто ќебе,
Сите се на чаршаф ист.

Се’ на светов сонува -
Мир, тишина сегде баш.
Ноќе само одѕвонува
Чкрипавиот кревет наш.

Спиј и ти, со мир во душа,
Оти од кревет ако те срушам...
Ајде, мили, слатко спи,
Заспиј конечно, мајку ти!


***

Има еден посебен момент
Кога доаѓа голем лезет:
Книгата в рака не е инцидент,
Подобра е, кратко, и од мезе.

Зениците ококорени,
Печатарски графеми - рој,
Мрените ослободени,
Страница по страница - пој.

И набрзо грижи веќе нема,
Не регистрира ништо слухот,
Ах, кој ли ја смисли таа шема -
Трезорот кајшто се гнезди духот?

Книгава можеби ми е десета,
Тоа веројатно е скромен број,
Но ко куршум секоја трета
Се забила во мозокот мој.

И во секојдневниот круг
Кога работата ќе ме сотре баш,
Јас книгата - немам друг -
Во раце ја земам понекогаш.

Превод: П. Вулкански
Слики: Свирачиња

Игор Иртењев (И́горь Моисе́евич Ирте́ньев, 1947, Москва) - поет, истакнат претставник на „ироничниот“ правец во руската поезија. Инженер по образование, завршил и Театарска академија; работел на телевизија. Почнал да пишува по триесеттата, објавува од 1979 година. Од 1993 е главен уредник на книжевниот хумористички часопис „Продавницата на Жванецки (Магазин Жванецкога). Објавил десетина поетски книги, вклучувајќи го томот на Антологија на сатирата и хуморот на Русија во ХХ век (V, 2000) и Избрани дела (2005). Пишува и за деца.

Народ. Влез-Излез (1)

ОкоБоли главаВицФото