Добредојдовте во кибер војната

26.10.2013 11:44
Добредојдовте во кибер војната

Драга г-ѓо Канцеларка,

Добредојдовте во клубот! Ние обичните граѓани веќе неколку месеци знаеме дека нѐ прислушкуваат. Простата, и за германската влада очигледно многу уверлива причина, што ја наведе поранешниот шеф на НСА, Мајкл Хајден, е одбраната од тероризмот.

Некаде помеѓу нас се кријат силите на злото, како тогаш во Хамбург, кои планираат напад на САД. Дали затоа мораме да собираме податоци? Сите податоци? Не, нашите пријатели од Америка немаат намера да ги шпионираат оние кои не коваат мрачни планови. На пример министрите, кои ја прогласуваат безбедноста за најважно основно право, или шефовите на владата, кои положија заклетва дека ќе ги заштитат граѓаните на својата земја.

Изненадување! НСА на сето тоа гледа малку поинаку. И тоа го објасни нејзиниот поранешен шеф Хајден: „Сите модерни држави вршат електронска шпионажа. Сѐ во рамките на законот“. Тоа во случајот на САД не се гермаски закони, туку американски, кои дозволуваат шпионирање на сите оние кои не се Американци. Наспроти тоа, НСА ги прислушлува и граѓаните на Америка, додека прислушкувањето на другите се смета за потполно оправдано.

Прислушкувани се амбасадите на европските држави, поранешниот генерален секретар на ОН - Кофи Анан, поранешните претседатели на Мексико, претседателката на Бразил Дилма Русеф. Сето тоа ни најмалку не ги вознемири германските политичари. Но, можеа барем да се запрашаат: ако ги шпионираат сите, зошто не и нас? Да, зошто?

Одговорот е крајно едноставен. Затоа што тука во прв ред не станува збор за одбрана од тероризмот. Се наоѓаме среде борба за зачувување на превласта на различни политички и општествени системи. Во овој конфликт повеќе од секогаш важи - знаењето е моќ. Тоа е често грозничав и таен лов на милион политички, научни, општествени и воени информации, од кои подоцна со помош на усовршените аналитички софтвери се предвидува иднината и се развиваат конкретни чекори на политичко и стратешко дејствување.

Во центарот се, пред сѐ, политичката и економската шпионажа. Затоа канцеларката, која помалку или повеќе управува со Европа, и во многу прашања застапува ставови спротивни на интересите на САД, од агол на НСА е легитимна цел.

Ова е борба за информации, кибер војна. Во строго доверливото упатство на Барак Обама од 2012 пишува дека „НСА би требало да ги идентификува целите од национално значење, во врска со кои офанзивните кибер операции пружааат поволна рамнотежа меѓу нивните последици и ризици, во споредба со другите инструменти на национална заштита.“ Можеби ќе дојде до одредена нерамнотежа во односите, но вие сте, драга г-ѓо Канцеларка, идентификувани и хакирани со таква цел. Добредојдовте во клубот!

Елмар Тевесен, заменик на главниот уредник на ЗДФ

Извор: ZDF