Музеј

11.11.2013 13:27
Музеј

Кражбата на сè уште непроценетото богатство од Музејот на Македонија – интересно е, имено, дека сè уште не е соопштено колку и што е украдено (или барем авторот на овие редови не е во тек), а веќе се говори дека станува збор за непроценливо богатство – неминовно поставува едно суштинско прашање. Не станува, значи, збор за тоа како се чува македонското национално наследство (кое, патем речено, има и огромна физичка, односно материјална вредност), бидејќи и преку овој пример се гледа која е одговорноста, пред сè на сопственикот на богатството, односно на државата или, уште поточно, на нејзините овластени претставници, туку прашањето е за што точно служат овдешните музеи?

Ете, треба да се случи еден ваков немил (ама очекуван) настан, една ваква „совршена“ кражба (која, патем речено, не е прва во Музејот на Македонија, а и со цела добронамерност и огромна доза оптимизам, тешко дека можеме да се надеваме дека ќе биде последна), па да ја откриеме вистинската функција на македонските (скопските) музеи. Имено, додека таа иста држава, преку своите тела и институции, крај Вардар гради некои нови и чудни музеи, чии имиња се сè уште тешко запамтливи, а нивните подземни води сè уште се далеку од нозете на посетителите, и додека ги полни со восочни фигури и дилетантски платна, чија политичка и идеолошка важност десеткратно ја надминува нивната реална вредност, она што навистина вреди се остава по принцип на самопослужување на оние што имаат волја да ја искористат оваа (не)очекувана погодност.

Во моментов и не е најважно дали помпезното и прекубројно Министерство за внатрешни работи ќе спроведе уште една акција со некое монструозно име и дали ќе се најде уште некоја жртва да го искуси овдешниот веќе традиционален притвор. Многу поважен е принципот. А принципот, парадоксално, е токму оној врз база на кој работат – музеите. Бидејќи музеите, го верувале вие тоа или не, не се ништо друго туку манифестација на моќ. Иако имаат по малку романтичарско име (музејот во слободен превод, всушност, значи „куќа на музите“), тие, историски гледано, се простори каде што пред плебсот се покажува воениот плен – она што е покрадено од поразената страна.

Во таа смисла, има некаква универзална, космичка правда во пљачкањето на музејските вредности. Веќе го слушам приговорот дека, кога веќе станува збор за Македонија, ваквиот контекст е бесмислен. Нема Македонија воени походи и, следствено, не може на тој начин да се перчи со воениот плен!

Напротив. Многу е смислен. Градењето (инсталирањето), на пример, на Музејот на македонската борба и жртвите на комунизмот, неговата општествена поставеност, на крајот на краиштата, неговата бројна полициска заштита пред мирниот протест на неколку стотини граѓани и новинари, не може да се протолкува никако поинаку, освен како манифестација на сила на победничката страна во овој чуден мир, кој години на ред се толкува како беспрекорна војна меѓу „истомислениците“ и „неистомислениците“. Една, секако не најголема, жртва на оваа војна е тоа непроценливо богатство, отуѓено од Музејот на Македонија. Бидејќи, ете, Музејот на Македонија во овие последни шест-седум години не е перцепиран како симбол на преродбата, односно на победата на „здравите сили“ врз „болното македонско ткиво“, туку токму обратното – тој го претставува подемот на една историски поинаку протолкувана нација, тој е производ на сфаќањето и разбирањето на историјата токму на сега поразената страна. Во таа смисла, чинот на вака ноншалантно изведената кражба прави значително поголема штета во некаква духовна, поточно културолошка смисла, отколку што е тоа вредноста на „бесценетото“ наследство.

Во крајна линија, токму поради тој победнички карактер на институцијата „музеј“, реалната вредност на неговите експонати, иако е битна, не е најбитната. Побитна е неговата симболичка компонента. Токму оваа карактеристика од музејот прави дефинитивен урбан топоним. Победниците, конечно, бираат каде ќе го претстават резултатот на својата победа. И уште повеќе, тие ги создаваат градовите токму за да ја покажат својата моќ. Добро, по принципот „обратно, па терсене, па наопаку“, Македонија и тука прави извесни исклучоци. Еден од најпознатите исклучоци, односно најпознатите тукашни музеи секако е „Најмалиот етнолошки музеј на светот“, кој се наоѓа во – село Џепчиште.

Урбаната компонента од музејот прави митска институција. Тој е оној дел од општествената меморија што е задолжен да го чува минатото, да ја претставува сегашноста и да ја создава иднината. И, да, навистина е тешко да се дефинира што навистина е музеј. Извесен Ричард Гроув во 1969 година, во својата непрецизност, веројатно ја дава најпрецизната дефиниција за музеите. Тој вели (парафразирам) дека болницата е болница, библиотеката е библиотека, розата е роза, а музејот е – етнолошки, на современата уметност, на криминалот, на техниката, природо-научен, на пивото, на Ноевата арка, на циркусот... Со други зборови, музејот е урбана легитимација, во најшироката смисла на овој збор. Музејот е националната гордост, доказ дека луѓето што живеат на одреден простор или биле присутни на тој простор не се директно симнати од дрво, а богами не се ни дрво без корен. И еве уште еден податок: најмногу музеи има Мексико Сити, главниот град на Мексико – рамно 128. Според податоците на Заедницата на светските музеи (World Museum Community) во 202 земји во светот има повеќе од 55.000 музеи. Овие цифри, претпоставуваме, доволно говорат за битноста на овие институции во секоја национална култура.

Токму затоа, музеите во поп-културата главно се претставени, од една страна, како некакви мистериозни простори, каде што се кријат најголемите тајни на човештвото, а од друга како територии за бегство од губитничкото секојдневие. Еден од поновите примери на користењето на музејот во популарната култура е филмот на Шон Леви „Ноќ во музејот“, што доживеа две продолженија и значаен финансиски успех (Night at the Museum, 2006, 2009). Главната потка на оваа едукативна комедија е оживување на историските фигури и нивно функционирање во актуелните услови. Тоа е, секако, причината што потписникот на овие редови има зачестени ноќни мори: замислете да оживеат восочните фигури од таканаречениот Музеј на ВМРО. Тешко се преживува таков кошмар.

Кога сме веќе кај филмските фантазии и кражбата во Музејот на Македонија, лесно може да се замисли дека во некои идни времиња, некој овдешен мангуп, по принципот „повелете“, ќе ги „собере“ експонатите токму од Музејот на македонската борба. Веројатно и тогаш ќе стане збор за „непроценливо“ богатство, а и тогаш работата ќе биде сосема друга.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото