Поради лошата материјална состојба, сѐ повеќе старлети принудени да се вработат

23.11.2013 12:44
Поради лошата материјална состојба, сѐ повеќе старлети принудени да се вработат

Скопје, 23 ноември 2013

Длабоката рецесија жестоко погоди и некои од традиционално најотпорните стопански гранки, па така има сѐ поголем број старлети кои во последно време се обидуваат да се вработат, за да го издржат притисокот од светската економска криза.

Како што покажуваат податоците на Агенцијата за вработување, моментално на ред за вработување чеаат 16 високообразовани старлети, 30 кои за работата се приспособиле со различни курсеви, но и 50 кои до неодамна стажирале во рамки на програмата „Прва шанса за старлетите“.

„Тие беа на пракса кај постари и поискусни старлети, но проблем е што повеќето реномирани старлети само ги искористуваат младите една година и потоа не им го продолжуваат работниот однос“, велат во Агенцијата за вработување.

Според податоците на Агенцијата, старлетите често, дури и оние во поодминати години (на возраст помеѓу 26 и 28), се спремни за преквалификација, но само за професии како модел, фото-модел или евентуално хостеса.

Старлетата Секси Леа за Пара вести вели дека пред три месеци морала да се вработи како службеничка во администрација.

„Се плашев како моето семејство ќе реагира на тоа, но од дома добив голема поддршка. Сите се свесни дека го правам ова затоа што морам, затоа што животот ме натера на тоа, а не затоа што сакам. Вие не знаете како е кога немате пари да ставите бензин во новиот Мерцедес кој сте го добиле на подарок. Никој од оние кои сега ме осудуваат не искусил како изгледа да сфатиш дека сите фустани од плакарот си ги носела барем еднаш и веќе немаш што да облечеш. Затоа им порачувам на моите колешки да не обрнуваат внимание на зајадливите коментари и да го работат она што е потребно за да преживеат. Макар тоа била и постојана работа“, вели Секси Леа за Пара вести.

Како што дознаваме неофицијално, неколку невладини организации подготвуваат и програма за самовработување на старлети, чија реализација би требало да почне во почетокот на 2014 година.

Извор: www.njuz.net