Благослов и клетва

29.11.2013 05:45
Благослов и клетва

„Јас сум Господ, вашиот Бог, кој ве изведе од земјата во која бевте ништожници.“ Оваа основна, старозаветна пустинска порака провејуваше низ целиот говор на Груевски, таа беше единствената порака во сите Десет заповеди, кои премиерот пред неполн месец дена им ги соопшти на офицерите на државната и јавната администрација. Говорот беше задушен со повторувања на рудиментарни, анахрони морални поуки, кои можеби биле пригодни за неписмените синови Израилеви пред 3.200 години, под изгорената Синајска гора, но сосем сигурно се неприкладно, дури злокобно инфантилни, кога денес им се соопштуваат на образовани, возрасни, раководни кадри од една современа држава. Јасно е дека сите тие ветви морални поуки (за тоа како администрацијата треба да се однесува со граѓаните) имаа функција само како носачи на едната и единствена порака во целиот говор: „Немојте да имате други богови освен Мене!“, ечеше зловесто зад секоја умилна детска поука, и „...немојте да им се клањате, ниту да им служите, оти Јас сум Господ, Бог ваш, Кој за гревовите на татковците ги казнува децата до третото и четвртото колено...“ (Свето писмо, Втора книга Мојсеева 19.20).

Латентната закана за сурова и непропорционална казна, која ќе удри на невините членови на семејството „во трето и четврто колено“, е всушност вистинската порака која Груевски во таа пригода им ја испрати на сите синови Александрови, на целиот библиски народ. „Пораката ја праќам (...) чисто, јасно, недвосмислено, и (ве молам) никој поинаку да не го разбира или толкува од она како што го кажувам.“ – вели Тој, исто како Јахве: „Пазете го целиот мој закон и сите Мои повелби, и извршувајте ги. Јас сум Господ, Бог ваш.“ (19.20) Самодеификацијата која премиерот скромно ја „одработи“ во говорот, тој ја конструира заедно со мистификацијата на моќта на неговите закони: „Законот е така направен што не постои начин да се изигра“ – вели Груевски (изговарајќи ја сосем сериозно оваа скудоумна детска глупост, на која администрацијата – да не беше посрана од страв и восхит – ќе се валкаше по партерот од смеа). Но потем, за некоја будала буквално да не ја сфати претходната изјава, премиерот – гувеејќи срамежливо - напоменува дека Неговата Реч е (сепак!) посилна и од законот: „ ...повикајте се на законот, етичките норми, и (најнакрај, демек, ако ништо не помага!) ... и на овој мој говор.“ Амин.

Јазикот на прималните емоционални екстреми на стравот и овчата блаженост, кој превладува во говорот на Груевски, е проверена религиска формула за потполно и безусловно потчинување на верничките маси од страна на правичниот но строгиот Господ Бог. Тој модел на „строг ама правичен“ татко, газда, паша, крал или бог, е очигледно длабоко врежан во поданичкиот ген на божјите робови со овчо самочувство, кои во животот се управуваат со примални чувства а не со разумна мисла. Тие знаат инстинктивно дека „строгиот ама правичен“ бог секогаш имал двоен аршин: тој дава благослов само на оние што го слават слепо и безусловно, а фрла клетви и сурово се пресметува со инакумислечките: „Ако постапувате според Моите повелби и ги запазувате Моите наредби, (...) Ќе погледнам на вас и ќе ве благословам (...) Ако, пак, не Ме слушате и не ми се покорувате, (...) Ќе ја запустам земјата ваша, (...) вас, пак, ќе ве растурам меѓу народите и ќе ве истреби мечот што ќе дојде;“ (Свето писмо, Трета книга Мојсеева 25.26 Благослов и клетва).

Кога овој верски говор на благословот и клетвата ќе стане старо-новоговор на политиката, тогаш е сосем сигурно дека тоа никако не е говор на разумот и логиката, туку говор на емоциите, говор на популистичката манипулација и на пропагандата. Основната функција на овој примитивен новоговор не е да обезбеди интелектуални алатки за препознавање на доброто и злото, туку да ја утврди социјално-политичката стратификација на општеството, да го оддели мнозинството благословени од стигматизираното малцинство на отпадниците. Етиката на сите старозаветни - во денешно време тоталитаристички - заедници е одредена преку носителот на монополот за насилство: доброто е секогаш на страната на власта, а злото е секогаш кај отпадниците, слободоумните, предавниците. Ветеното блаженство – од една страна, и заканата за непропорционалната и свирепа казна – од другата, се практично единствените елементи на бинарниот емоционален говор на пустината, а кога ќе станат носечки елементи на еден современ политички говор, знајте дека тој се случил во општество во кое веќе владее тоталитаризмот. Рита Леви-Монталчини сведочи дека „Хитлер и Мусолини зборуваа со јазикот на емоциите, којшто го прифаќа базичниот, анималниот дел на мозокот, а не неокортикалниот, интелектуалниот мозок. Тие управуваа со емоции, а не со разум и со резон.“

Како е можно тогаш, македонската држава - која од рана младост ја осозна слободата на рационалната мисла - да пропадне толку ниско за да биде владеана со примитивните емоции на стравот и ветената милост? Славната нобеловка објаснува дека разумот е чедо на несовршеноста, па за безрбетниците кај кои се’ е програмирано може да се рече дека се совршени, додека несовршениот човек морал да прибегне кон разумот и кон проценка на етичките вредности. Изборот помеѓу доброто и злото така станува највисок степен на Дарвиновата еволуција. Но, длабоко во секој човек, за заштита на треперливата искра на голиот живот, останало во функција безрбетничкото мозоче кое управува со емоциите, а најсилната од сите емоции е стравот. Така еволуцијата на човечкиот вид е обележана со борбата помеѓу стравот и разумот, а таму каде што премиерот држи старозаветни говори со благослов и клетва, милост и закана, таму стравот веќе ја однел победата.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат, 26.11.13.