„Заедничкиот јазик на науката“ - радио порака на Алберт Ајнштајн

29.11.2013 06:31
„Заедничкиот јазик на науката“ - радио порака на Алберт Ајнштајн

Есејот „Заедничкиот јазик на науката“ е снимен во септември 1941 година како радио порака до Британското друштво за унапредување на науката. Снимката е направена во САД, бидејќи Ајнштајн не се вратил во Германија по емиграцијата во 1933 година.

Ајнштајн почнува со краток преглед на развивањето на јазикот пред да се впушти во истражување на поврзаноста помеѓу јазикот и размислувањето. „Постои ли размислување без користење на јазикот“, прашува Ајнштајн, „првенствено во концептите и комбинациите на концептите за кои зборовите не се нужно потребни? Зарем не ни се случило на сите да се обидуваме да пронајдеме зборови за нешто додека врската веќе ни е јасна?“

И покрај очигледната сепарација помеѓу јазикот и размислувањето, Ајнштајн набрзо укажува дека би било голема грешка да се заклучи дека тие две работи се целосно независни. Всушност, тој вели дека „менталниот развој на индивидуата и начинот на кој таа создава концепти во голема мера зависи од јазикот“. Затоа заедничкиот јазик подразбира заеднички менталитет. Поради таа причина Ајнштајн во јазикот на науката, со своите математички знаци, гледа глобална улога и начин на влијание врз размислувањето на луѓето:

„Супранационалниот карактер на научниот концепт и научниот јазик е последица на тоа што е измислен од страна на најголемите умови во историјата. Во самотија, а истовремено и соработувајќи, тие создадоа духовна алатка за техничката револуција која го трансформираше животот на човечката цивилизација во последниот век. Нивниот систем на концепти послужи како водилка во збунувачкиот хаос од перцепции, па така научивме да ја сфатиме генералната вистина од индивиуалните опсервации“.

Ајнштајн со предупредувачко потсетување заклучува дека научниот метод е единственото средство кое води кон целта, и дека благосостојбата на човештвото на крајот зависи од заедничката цел.

„Според мене, се чини дека совршенството на средството и конфузијата на целта го карактеризираат нашето време. Ако искрено и страсно ја сакаме нашата безбедност, благосостојба и слободниот развој на талентот на сите луѓе, нема да ни недостига средство за пристапување до таквата состојба. Дури и ако мал дел од човештвото тежнее кон такви цели, нивната супериорност сама ќе се докаже на долги патеки“.

Извор: www.openculture.com