Историчари открија: Гоце Делчев го разбирал светот како пожар?

02.12.2013 11:00
Историчари открија: Гоце Делчев го разбирал светот како пожар?

Скопје, 2 декември 2013

Група македонски историчари од Институтот за национална историја вчера го обелодени своето најново откритие во врска со еден од најпопуларните македонски револуционери. Имено, според историчарите, Гоце Делчев не го разбирал светот како поле за културен натпревар меѓу народите, туку како - пожар.

Оваа теза на историчарите се темели на, како што велат, цврсти докази, а најнов меѓу нив е вториот пожар што за кратко време се случи во студентскиот дом „Гоце Делчев“.

„Случајно поминав покрај опожареното место на студентскиот дом Гоце Делчев и видов дека на еден од ѕидовите со чад, иако не сосема јасно, стои испишана пораката: јас го разбирам светот како (...нејасно...) пожар“, вели раководителот на истражувањето, историчарот Жарко Огненовски.

Тој додава дека останува да се истражи зошто пораката „јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“, која очигледно е лажна, му е припишана на Гоце Делчев и со тек на време станала негова најпозната изјава.

„Логично е еден револуционер да го разбира светот како нешто што има врска со огнот. Требаше да ни текне порано“, вели историчарката и колешка на Огненовски, Пламенка Димчевска.

Екипата на Пара вести го посети кругот на студентскиот дом, каде студентите се очигледно посреќни по ова откритие на историчарите.

„Штом е од Гоце Делчев, пожарот не ни пречи. Ниту овој, ниту претходните, а нема да ни пречат ниту идните“, вели 20-годишниот студент М.Е. од Крива Паланка.

Неговиот колега Р.В. (19), инаку студент по историја, е сомничав кон новото откритие и смета дека големиот револуционер сепак го разбирал светот како расипан лифт. Р.В. планира оваа теза – кога ќе дојде време – да биде основа за неговата дипломска работа.

Дел од студентите, пак, отворено и јавно го поздравија избивањето на пожарот. „Среќа што одвреме-навреме избива по некој пожар, па може малку да се стоплиме во домов, вели студентката Марија С. (24) од Охрид.“