Се бараат студенти за работа во „Гоце Делчев“!

12.03.2014 10:29
Се бараат студенти за работа во „Гоце Делчев“!

Врз основа на член 1 од Законот за слободни односи и пад, Студентскиот гом „Доце Делчев“ во населба Тафталиџе, Скопје, распишува оглас за слободни работни места, на позиција „стражар“. Имено, студентскиот дом „Гоце Делчев“ има потреба од 168 (4 згради х 14 спрата х 3 смени = 168) студенти кои ќе работат како стражари во студентскиот гом.

„Работната задача предвидува стоење во ходникот и внимавање да не се приближи сомнително лице со фотоапарат или камера кое би можело да ја слика или сними нечистотијата и нечовечката мизерија во којашто живеат студентите. Ваквата слика е штетна по угледот на нашата земја“, изјави директорот на Студентскиот дом кој бараше да остане анонимен.

Од Студентскиот дом изјавуваат дека се решиле на ваков чекор откако на веб-страницата Imgur се појави прилог со ужасни фотографии од студентскиот дом, прилог кој за 17 часа го прегледале околу 500.000 (петстотини илјади) корисници на интернет.

Властите во Гоце Делчев се загрижиле за тоа што половина милион луѓе дознале за овој срам, и се решиле на вакви превентивни (спречувачки) мерки. Властите во домот за миг помислиле на можноста да сторат нешто за да ги подобрат условите, но се плашеле да дадат каков било предлог до надлежните повисоки институции затоа што, како што разбравме од анонимни извори, биле партиски вработени и морале по секоја цена да молчат.

„Исто така, веќе ги мобилизиравме нашите партизирани студенти кои живеат во Студентскиот дом да спречат секаков обид за организиран протест, така што можете да бидете сигурни дека нема да ни се случи украинското сценарио. Знаете, студентите треба само да ги заплашите дека нема да добијат место во студентскиот дом следната година, и тие веднаш забораваат на протест и мирно како овчички се враќаат во оние одвратни соби“, – со насмевка додаде директорот на Студентскиот дом.

Во овој оглас за стражари е наведено дека предност имаат лицата без осет за мирис и без осет за ’рбет. Од Студентскиот дом изјавуваат дека очекуваат да има голем број пријавени.

Од друга страна, во јавноста прострујуваат и некои гласини дека голем број од студентите ќе организираат масовен протест во знак на револт против животните услови прикажани на сликите на линкот погоре. На протестот се очекува да им се придружат и обичните граѓани.