Пронајдено месо во студентски оброк

19.03.2014 16:43
Пронајдено месо во студентски оброк

Скопје, 19 март 2014

Во мензата на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје за време на вчерашниот ручек дошло до необичен инцидент, кога студентката од трета година на Филолошкиот факултет, Тања Арсова, во гулашот кој тој ден бил на мени пронашла мало парче месо, откриваат неколку очевидци. Студентката претрпела голем шок и по советувањето со лекар, одби да им се обрати на медиумите по овој повод.

Очевидците на овој настан велат дека во еден момент слушнале страшен вресок, за потоа да ја видат фрапираната студентка која со ококорени очи покажувала кон својата чинија, за само момент подоцна да се онесвести.

Бројни студенти притрчале да ѝ помогнат, но нивното внимание сепак повеќе се задржало на необичниот предмет кој се наоѓал во нејзината чинија, кој имале можност да го видат само во своите домови, но никогаш во студентската менза. Неколку постари колеги потврдиле дека станува збор за месо, но никој од студентите, како ни од вработените во студентскиот дом не можел да открие како тоа се завршило во оброкот на Тања.

Полициските службеници кои набрзо пристигнале на лице место и извршиле увид не сакаа да откриваат детали за истрагата чија цел е да се открие како месото стигнало до студентскиот гулаш.

Поради трауматичното искуство на Тања, жителите на студентскиот дом „Гоце Делчев“ уште истиот ден на Фејсбук ја креираа групата „Гулаш без месо!“, која за кратко време го надмина бројот од 100 членови.

Со поддршка за студентите се огласи и претседателот на СПУКМ Кирил Спировски, кој изјави дека лично ќе се заложи во иднина месото да биде што подалеку од студентите.

„Најмалку што можеме да направиме е да се заложиме за трајно отстранување на месото од студентските оброци. Но, нашата борба нема да престане тука. Имајќи ги предвид непријатностите кои храната ги предизвикува кај академските граѓани, ќе се заложам и за укинување на некој од оброците“, изјави Спировски.

Извор: www.njuz.net