Ќенеф унтер ден линден

11.12.2013 15:55
Ќенеф унтер ден линден

Знаете ли зошто се садени липите во Скопје? Според нашиот драматург Брацо Димитров, „за да се неутрализира реата од ќенефите со миризбите на липите, зашто комунистите не граделе канализации“.

Комунистите и Швабите. Не е баш случајно тоа што една од најубавите улици во Берлин, изградена уште во 16 век, се вика како и насловот на оваа белешка – во превод: Под липите. Многу години подоцна, под липите и во задушливата реа на берлинските ќенефи, ќе маршира и Фирерот.

Ништо не граделе комунистите во Скопје. Завртете се околу себе и веднаш ќе сфатите дека сѐ што гледате е изградено од антиката до окупацијата, а потоа од новата окупација во 2006 година до денес. Сѐ друго се само ќенефи. И липи. Сега исечени. И по некоја фабрика, овде-онде. Колку да имал Брацо што да соблака кога влегувал, како мал, во ќенеф.

Да го исправам Брацо. Опсесијата со ќенефот е дел од традицијата на „стари скопјани“. Да, да, истите оние што чувале туршија во антички ќупови, ѕидале шупи од римски надгробни плочи, претпладне ги полнеле ќенефите и септичките јами и си ги брчкале нозете во лавори во дворовите, а навечер излегувале на претстави во „Позориште Краља Алесандра Караѓорѓевиќа“.

Комунистите, друже Брацо, го натераа Скопје да се бања. Ќенефите ги унапредија во нужници и тоалети. „Стари скопјани“ упорно се држеа до традицијата, но по 1963 година мораа да попуштат. Комунистите засекогаш го скротија Вардар во неговото корито, па реката престана да ги посетува нивните ќенефи и да им ги празни септичките јами.

Но ете, времињата се менуваат. Старото позориште ни се врати. И Вардар ни се враќа во подрумите. Кај и да е, ќе ни се вратат и ќенефите. Само липите нема да се вратат. Тие си заминаа со комунизмот.

Слика: Свирачиња
Извор: „Слободен печат“