Милчо Манчевски бил киднапиран?!

25.04.2016 11:25
Милчо Манчевски бил киднапиран?!

Се разбира, очекував националниот уметник Милчо Манчевски да одговори на мојата критика, на критиката на многу други луѓе и на мојот директен повик да го отфрли пактот склучен со ѓаволот, на тој начин што храбро ќе се откаже од статусот национален уметник и од поткупот од Никола Груевски во вид на пензија од 60.000 денари месечно. Повикав на еден ваков смел потег еден несомнено голем уметник и човек кој, нели, јавно се огласи дека ги поддржува нашите протести против режимот. Патем речено, нему тие 60.000 денари веројатно и не му значат премногу. Но, знаев дека Милчо национале нема да го прифати предизвикот и дека ќе го стори она што го прави секој Мефистофелес – во интервјуто за Дојче Веле, тој се оправдува и ламентира против „лажната демократија“, против „поделбите“, против опасноста да сме станеле „варвари“ и сето тоа во одбрана на неговата комотна, олимписка позиција, некаде помеѓу „нашите“ и „вашите“...

Тоа е Милчо. За нас што го познаваме троа подолго, ништо ново. Помладите можеби можат да бидат заведени од неговата поза на „приврзаник на граѓанските идеи“ и особено од неговата грда навика во одбрана на својата наводна неполитичност и непартијност постојано да го заложува своето филмско творештво. Можеби некој ќе се воодушеви и од неговата задоцнета дијагноза дека „културата и сите други сегменти во општеството се вулгарно окупирани од партиите на власт“ и од неговата истовремена критика (секогаш истовремена, заради баланс, де!) дека „опозицијата и НВО не градат нови критериуми“. Тоа е таа стара, веќе здодевна приказна дека сите ние другите сме исти, што ќе рече исполитизирани, испартизирани, суетни, злобни и никакви, а само националниот уметник Милчо Манчевски со пензија од Никола Груевски секогаш е надвор од „партиското трло“. Но, за тие што не смеат да си дозволат блажено незнаење и кратко паметење, ова е само евтина апологија на еден тажен, долгогодишен колаборационизам на нашиот несомнено голем режисер со режимот на нашиот несомнено голем диктатор.

Милчо чувствува дека режимот пропаѓа и сега „сведочи“ јуначки: „Јас со години во филмови и интервјуа ја кажувам истата критика на власта, ама многу повеќе и за нас самите како поширока заедница“. И уште додава: „ Кога гласноговорниците на режимот ме плукаа, се фаќаше сеир“. Јеби га, веројатно има некои филмови што Милчо ги снимил, филмови во кои тој ја критикува власта, а јас сум ги пропуштил. Да не биле емитувани на тајни приватни проекции? И кој знае, можеби се случило некогаш гласноговорнците на режимот навистина да плукале по Милчота, а тоа да не било кога плукале по поштенската марка пред да ја залепат на пликот во кој го ставале чекот од неговата национална пензија, додека јас мора да сум бил некаде на пецање по нашиве гудури од Маседониа тајмлес...

„Најгенијалното“ објаснување и оправдување Милчово се однесува на неговите фамозни спотови, кои, како што вели тој, биле „спотови за промоција на земјата, а не на Владата или на една партија“. И што се случило? Вака тоа го објаснува скапоцениот наш Манчевски - вмровците „го киднапирале патриотизмот како дискурс“ и тоа било „резултат на нивната умешност, ама и на некритичната опозиција“. И така некако изгледа бил киднапиран и Милчо, за насилно да му се додели статусот национален уметник и доживотна пензија од мочани 60.000 денари, што морал да ја прими со раце врзани со сиџим одзади грбот.

Но, доста веќе за Милчо. Ајде да зборуваме за еден друго наш голем уметник, за еден вистински храбар и одговорен интелектуалец. Тоа е композиторот Димитрије Бужаровски. Тој на 29 март ја одби наградата „Трајко Прокопиев“ за животно дело на Сојузот на композитори на Македонија, поради тоа што не се согласува со културната политика што се води во земјата и од која дел е и СОКОМ. Наградите на СОКОМ се доделија на 14 април, на концерт на Македонската филхаромонија. Додека траеше манифестацијата чиј покровител беше фикусот Ѓорге Иванов, Димитрије Бужаровски беше меѓу демонстрантите, очи во очи со специјалците кои ја бранеа зградата на ВМРО-ДПМНЕ и ја почестија публиката со симфонија од шок-бомби и пендреци.

Милчо, се разбира, не беше таму. Елем, Милчо е киднапиран. Заедно со патриотизмот како дискурс. А ние сме немоќни да ги ослободиме. И него и неговиот ебан вмровски патриотизам...

Извор: Плусинфо

ОкоБоли главаВицФото