50 години обнова и изградба на Скопје (4)

18.12.2013 09:53
50 години обнова и изградба на Скопје (4)

Георги Константиновски: Архивот на град Скопје (1966-68)

Георги Константиновски (1930-) по враќањето од студискиот престој во САД, се вклучува во обновата на Скопје, при што внесува нови идеи во архитектурата. Набргу потоа, тој го проектира Архивот на град Скопје (1966-1968) во вид на една скулптура во урбаниот простор, изведена од избразден натур-бетон. Овој пристап Константиновски го има видено во САД, каде што се запознава со делото на Пол Рудолф. На јужната страна од истиот кварт, тој го реализира студентскиот дом Гоце Делчев (1971-1975), со слична постапка во градењето и во обликувањето. Композицијатa на овој ансамбл се состои од четири истоветни габарити со различна височина, кои меѓу себе формираат мал плоштад.

Кон крајот на 70-тите години, Георги Константиновски повторно се јавува со два вонсериски објекти. Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија - ИЗИИС (1978-1980) со терасестиот распоред на волумените настојува што поуспешно да се вклопи во наклонетиот терен. На највисокото плато во овој ритам на геометриски волумени доминира поголемиот кубус на лабораторискиот објект со својата белина, но и со второстепената пластика од репертоарот на постмодерната.


Геогри Константиновски: Лабораториската сала при ИЗИИС (1978-80)

 

Петар Муличкоски (1929-) покрај реката Вардар ја подига зградата на Општествено-политичките организации (1970, подоцна Влада на Р. Македонија), која се состои од неколку кубуси поврзани со заеднички холови. Секој од нив е изграден со централно бетонско јадро и со висечка челична конструкција, затворена со сендвич-панели, направени со алуминиумска површина и стакло.


Петар Муличкоски: Зградата на општествено-политичките организации (подоцна Влада на Р. Македонија, 1970)

 

На другиот брег од реката Вардар, Муличкоски ја подига Народната и универзитетска библиотека Св. Климент Охридски (1971), користејќи армиранобетонски скелет за да формира тремови и чардаци, врз чија фасадна површина аплицира пластика и колорит, инспирирани од традицијата.


Петар Муличкоски: Народната и универзитетска библиотека Св. Климент Охридски (1971)

 

Ансамблот на Скопскиот саем (1972) на Б. Мицевски, С. Ѓуриќ, Д. Димитров и Ж. Гелевски е составен од неколку изложбени павилјони, со слични форми и со стремеж за нагласена експресија во силуетата. Во рамките на саемскиот комплекс, Димитар Димитров и Живко Гелевски (1931 1995) го подигаат хотелот Континентал, чија вертикала е обликувана со ленти на полно и празно.

Благоја Мицевски (1931-2002) во текот на својот работен век создава мно-губројни и разновидни објекти, а е учесник и на голем број конкурси од областа на архитектурата и урбанизмот. Во соработка со Славко Ѓуриќ (1931-1980)тој ја подига Католичката црква (1973-77) употребувајќи еден слободен пластичен израз со меки искривени линии, на сличен начин како што Кензо Танге тоа го има направено кај црквата Св. Марија во Токио (1964).

По повод одржувањето на Шаховската олимпијада во Скопје, на падините на планината Водно е изградено Олимпиското село (1973) по проектот на група домашни архитекти. Неговите сместувачки единици според формата и обработката, директно се инспирирани од традиционалната народна куќа.

Градскиот трговски центар (1973) претставува голем ансамбл со повеќе просторни единици и со сплет на улички, тремови и чардаци, кои формираат еден вид нова градска чаршија. Кон разработката на оваа конкурсна идеја, на Живко Поповски (1934-2007) му се придружуваат: Ж. Гелевски, Л. Маркова, Т. Арсовски и други. Објектот е изграден од челична конструкција и бетон со крупни монтажни панели на фасадата.


Живко Поповски и други: Градскиот трговски центар (1973)

 

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел

Извор: ПОРТА 3

ОкоБоли главаВицФото