Интелектуална автобиографија (3)

06.03.2014 13:52
Интелектуална автобиографија (3)

Милан со Данило Киш и Влада Урошевиќ

Од најрани години јас немав проблеми со учењето во училиштето. Како мошне љубопитно дете, бев заинтересиран речиси за сите предмети и бидејќи релативно брзо сфаќав, учењето не ми претставуваше проблем.

Проблемот беше во другото (за што, за среќа, на времето и не бев свесен). Во текот на овие 12 училишни години јас 10 пати го менував школото (со тоа и наставниците и училишните програми и образовните системи), учев во 4 различни градови, слушав настава на 3 различни јазици, покрај триве јазици, кои не ми беа мајчин јазик, бев принуден како главен странски јазик да преминувам од францускиот кон италијанскиот, од него кон германскиот и од него, конечно, по Ослободувањето, кон рускиот јазик. Ќе дадам уште еден пример за тоа како и моето лично вонучилишно об- разование беше принудено да минува низ сличен јазичен лавиринт. Едно од првите дела што требаше да ме воведе во сокровиштата на светската литература беше романот „Мајка" од Максим Горки. Тој руски роман го добив во српскохрватски превод (на латинично писмо), како млад читател Македонец, кој во тоа време учеше бугарско училиште во кое ги изучуваше бугарскиот и германскиот јазик. Ако кон ова го додадам фактот дека само две години пред тоа, како припадник на национално и јазично онеправдан народ, бев принуден да учам во српско училиште, со настава на српскохрватски јазик, во кое ги изучував најнапред францускиот, а потоа во врска со фашизацијата на бивша Југославија и италијанскиот јазик, за по 1944 г. конечно да дојдам во свое матично македонско училиште во кое покрај мајчиниот требаше да го изучувам новиот странски јазик - рускиот, може добро да се согледа низ каков сложен конгломерат и галиматијас, низ какви лингвистички лавиринти требаше да минува мојот духовен и интелектуален развој во периодот на неговото созревање.

Како со сето тоа се справував, воопшто не ми е јасно. Бездруго, пред сè, со максимални напори за приспособување и со својствата на мојата природа и мојот карактер кои никогаш не посегнуваа кон нешто што не ми припаѓа, кои беа втемелени врз стрпливоста и истрајноста и кои воспоставуваа некаква рамнотежа меѓу можностите и амбициите. Можеби и со некое потсвесно всадено уверување дека во животот ништо не се добива и никој ништо некому не му подарува, туку до сè треба да се дојде со темелен и истраен труд. Освен тоа, факт е дека во најраните училишни години јас имав неколку извонредни учители кои придонесоа одлично да ја совладам граматиката на српскохрватскиот јазик, една од најсложените меѓу сите други словенски јазици, да ја засакам многу географијата која беше еден од моите најсакани предмети и вистин- ски компензатор на моето големо и природно љубопитство за другите земји и другите луѓе, да се развие мојот афинитет за францускиот јазик и култура, и онака поттикнат уште во домашни услови, да го совладувам рускиот јазик паралелно со моите ненаситни читања на Достоевски, Толстој и Чехов, оспособувајќи се доста брзо да ги читам во оригинал големите руски класици, и најпосле, а бездруго како исклучително важно - да го пронаоѓам патот на сопствената мисла на мајчиниот, македонски јазик, да ја совладувам и елементарно да ја создавам терминологијата на критичкиот јазик и израз низ кои би можеле да бидат пројавени моите погледи и оценки за она што го читам, доживувам, оценувам, толкувам.

Инженер Ѓорѓи Ѓурчинов, 1896-1942

Но дури средбата со Караманов и препуштањето (целосно) на вонучилишната лектира и забрзаната пловидба кон големите светови на светската литература беа моите вистински „универзитети“. Кога сега се обѕрнувам назад, гледам дека двајца автори (Горки и Достоевски) на извесен начин ги определија моите уверувања за сиот живот - Горки со своите идеи за социјална правда, а Достоевски со своите хуманистички и морални идеи што имаат општочовечко и универзално значење.

Идеите, мислите, погледите од овие книги струеја во нас, ги раздвижуваа нашите мисли и емоции и учествуваа во формирањето на нашите личности еднакво и рамносилно со она што беше само наше и дел на нашата национална духовна традиција. Укажувајќи на ова, ми идат на ум зборовите на големиот дански лингвист Ото Јесперсен: „He е лесно да се разликува она што човекот го презема од другите, од она што потекнува од него самиот". На оваа мисла природно се надоврзува и мислата на Гете кој вели: „...а ние навистина заемно даваме и земаме. И никогаш не знаеме каде завршува едното, а каде започнува другото". Овие мисли мене ми се мошне блиски, а тие имаа свое значење и важност не само за тие далечни години, туку и многу подоцна, па и денес кога македонскиот човек во својата слободна држава создал веќе завиден фонд на дела од светската книжевност на сопствениот јазик и кога со своето книжевно и другото творештво рамноправно учествува во светските литературни процеси.

Кон поглавјето „Големите читателски години" што го сметам за едно од најзначајните во мојата духовна автобиографија, сакам да го додадам и да го заклучам со следново:

Почнав да читам свесно, со јасна и длабока желба да му се доближам на светот на литературата, со цел и самиот во него да учествувам како писател, некаде околу 1942 година, што ќе рече на 14-годишна возраст, под несомнено влијание на мојот нешто постар другар Караманов. Беше окупација, голема немаштија, глад, страв и неизвесност, но прифаќајќи ја идејата за посветеност на книжевноста, сите колебања и неспокојства како в миг да исчезнаа. Настапи ненаситно, алаво, речиси болникаво, гладијаторско читање. За кусо време прочитав огромен број книги до кои можев да дојдам на српскохрватски и бугарски јазик. Книгите беа мојата опсесија, мојот опиум, наркотик пред кои сè друго одеше на заден план. Имаше во сиот тој порив веројатно и нешто како натпреварувачки дух, иако ТОЈ беше за неколку должини пред мене, другите не смееја ни да ми се доближат по прочитаното. Се стремев и во тоа во голема мера успевав да бидам прв по Недостижниот. Пресудна улога, како што веќе погоре реков, одиграа „НОЛИТ"-овите изданија. Глезеровата „Класа 1902" и Толеровата „Една младост во Германија" ја збунуваа и ја освојуваа мојата млада мисла со своите превратнички навестувања на поинаквиот можен свет. А нешто подоцна, тоа беа делата на Максим Горки во истото издание, а пред сè неговиот голем и денес малку познат роман „Животот на Матвеј Кожемјакин". Ми се чинеше дека во провинциското беспаќе на окупираниот и меѓу световите изгубен и заборавен мал Охрид во кој со денови и месеци ништо не се случуваше, може само така и единствено така да се пишува, со развлечено писмо да се нижат летописите и хрониките со долги реченици и забавено темпо, бидејќи наоколу не постоеше ништо, немаше ништо што би го подзапрело вниманието и би поттикнувало на некаква акција или промена. Само слободно време имаше на претек...

Даринка Ѓурчинова, 1908-1939

Ho, читањето беше само подготовка. Главната цел беше - очекуваното претстојно пишување. Co Достоевски, Чехов, Мопасан секојдневно општев, бев убеден дека сум предопределен да продолжам по нивните стапки. Расказот „Калин" го пишував скришум, на штиците во аголот од мансардата на нашата охридска куќа. Тука владееше апсолутна тишина и осама, никој не ми пречеше, освен тоа низ малото прозорче ги набљудував крошните од дрвјата на кејот и луѓето кои повремено минуваа, а никој од нив не знаеше каде сум и што правам. Неговата критика беше - поразна, бев како од гром погоден. Безрезервно му поверував и тоа беше решавачко за моето натамошно белетристичко „пишување". He бев ни толку еманципиран, ни толку зрел за да допуштам дека и ТОЈ во нешто може да нема право. Co 14 години, осамен и без родители во тешките времиња, потребата за авторитетот и авторитарниот постар другар го сторија своето. Тој ме воведе во литературата, тој од неа на суров начин ме истера, без секаков обѕир. И еве го сега грозниот парадокс: дури неговата смрт во 1944 за која верував дека докрај ќе ме дотолчи, на некој начин ме отрезнува и ми ја враќа самодовербата. Веќе во 1945 почнувам поинтензивно пишување. Треба само да се погледне во моите бележници и дневници од тие месеци: во мене се буди некоја страшна енергија и доверба во себеси. Неговата рака е сè уште над мене, но чекорите што ги правам - се мои. Co никого не го споделувам она што го правам - започнува еден од најжестоките интервали на мојата дива осаменост (мојата „религија на самувањето“), но во приливот на внатрешното задоволство, реализирано преку слободното, спонтано и незапирливо пишување поминуваат цели две години од кои потекнуваат моите ракописи, раскази, повести, начнати и незавршени романи - големиот галиматијас на гимназијалецот-скрибоман, но можеби и навестувања на нешто што подоцна би можело да се разбистри и кое во моментот значи само подготовка, егзерцир, школа низ која мора да се помине.

Сето тоа ќе го прекине опаката болест во јули 1946. Настапи прелом. Тој не е условен само од неа, туку и од други фактори. Во секој случај, созрева потсвесно далекосежната одлука - ќе пишувам ЗА литературата, ќе бидам одново со Достоевски, Чехов, Мопасан, но не веќе како нивен ривал и конкурент, туку како набљудувач и нивен толкувач. Ќе се појават и подоцна обиди да се огласам како „писател-творец", но никогаш веќе како пред летото 1946.

(продолжува)

Кон првиот дел
Кон вториот дел

Во следното продолжение: Поразена младост

Слични содржини

Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја

ОкоБоли главаВицФото