Кеш, кеш, кеш, немој да ме е беш!

25.04.2014 13:26
Кеш, кеш, кеш, немој да ме е беш!

Моралната дисквалификација на најмоќниот човек во државата и способноста на општеството и од такви предизвици да прави одвратна манифестација на своите смачкани морални критериуми, го фрлија во сенка воскресението на богочовекот од Назарет и заедно со обидите на опозицискиот лидер да ја драматизира оценката за ситуацијата во Македонија и по таа линија да ја доближи својата опција до стварноста и вистината, ја одбележаа, според моето скромно мислење, неделата во која не се случи ништо друго ако не ја сметаме промоцијата на песната "кеш, кеш, кеш, немој да ме е беш!"

Неговата појава во Соборниот храм на Велигден може да е прашање на неговата морална бесчуствителност, цинизам или дури идиотизам, а одбраната што ја вршат партиските подлизурковци врз основа на клиентелистичките критериуми на неговата титалитарна партија, а не на етиката и правото, е јасен знак дека моралот е избркан од овие простори и дека општеството ја загубило својата супстанца.

Тие, можеби, ќе успеат да го одбранат Груевски, но ако тоа се случи, тоа ќе значи дека нашата мила Македонија фатила џаде и некаде исчезнала! Оти, не е можно општество кое не е во состојба да изгради единствен или макар доминантен морален став кон така очигледната јавна морална дисквалификација на најмоќниот човек во државата во случајот со Македонска банка, документирана низ драматичното писмо на Зоран Трпевски и кешоловната снимка што ни ја презентираше Зоран Заев. И не само тоа, туку критериумите кои доминираат во јавниот дискурс јасно покажуваат дека во Македонија не е можен ниту правен став кон оваа инкриминација односно дека е можен само како тешко спрдачење со правото како идеја и модерен систем!

На политичката класа ѝ недостасува самосвест за морално просудување (Пуховски)! Тоа, меѓутоа, не е проблем само на класата туку таквите хендикепи на оние што управуваат со општото добро го туркаат целото општество во хаотични состојби, правејќи го морално испразнето и дезириентирано. А тоа значи дека ја доведуваат во прашање заедницата и сите нејзини форми, вклучувајќи ја и државата како таква. И правото ако ја земеме познатата максима (Јелинек) дека "правото е минимум морал"!

Јас се обидов преку една цинична, признавам, досетка да ја илустрирам драматичноста во која е втурната Македонија, па на Фејсбук се обратив со една ваква дилема: ако се случи, сакам да прашам, Никола Груевски да прдне и да отруе две третини од Министерскиот совет сосе сопствениот кандидат за претседател на Територијата под негова контрола, викан Хорхе, дали ќе имаме втор круг, прв круг, девети круг или ќе престанеме да се вртиме во круг!?

Какви избори?! Да одиш на избори со Груевски е како да одиш на вечера со поп што ти го силувал детето пред пробата на црквениот хор!

Добар беше Заев на последната прес конференција: конечно точно формулирани, вистинити, категорични оценки, задоцнети, додуша, многу задоцнети, за природата на основниот конфликт, за криминалната мрежа организирана од врвот на власта која ги загрозува и луѓето и државата, за тоа, додавам јас, минуциозно испланирано велепредавствено десубјективизирање и декапацитирање односно уништување на државата од внатре!

Единствената, но клучна дилема ми се видувањата на Заев за можната разрешница: да се моли Груевски да го признае злосторството и да се повлече има помала смисла од апелот до некоја свиња да врзе кравата и да оди в кланица, а идејата да се порази на избори е проблематична, прво по тоа што опозицијата ќе реши да влезе во политички процес со личност и со систем за кои тврди дека го претставуваат највисоко организираниот криминал и, второ по тоа што, имено, тој криминален систем по дефиниција ја исклучува победата на која било друга опција! За што многу добро говореше Стево Пендаровски на една од последните трибини! Самото учество на изборите во извесна смисла ги релативизира обвиненијата и ги зголемува шансите на власта!

Од друга страна, и бојкотот не е некое паметно решение. Првенствено зашто Македонија дефинитивно не е средина од која може да се очекува по линијата на бојкотот морално и политички да се возбудува и да ја казнува власта на краток рок. Но, повеќе од сè тука е важно дека секое влошување на ситуацијата не е работа што го загрижува режимот туку претставува остварување на неговите мисионерски цели, од финансиските колапси до внатрешната имплозија што би се случила на меѓуетнички теми! А субјектот кој би можел морално и правно да го процесуира криминалот за кој говори Заев во таква ситуација може да исчезне! Затоа јас тврдев и тврдам дека во целава операција парите и пљачката се инструмент додека крајната цел е да го снема субјектот кој тоа може да го процесуира, и тоа не поради самото процесуирање туку поради субјектот!

Што да се прави!?

Ако врз основа на ваквиот развој на настаните опозицијата не е во состојба политички и морално, односно по линијата на одговорноста, да ја возбуди јавноста, не на линијата на својот опозициски концепт, односно не само на таа линија, туку на линијата на последната одбрана на заспаната Македонија, со јасна јавна активност на сè што уште макар малку дава знаци на енцефалографите на разумот, тогаш не треба да се глупира и да оди на избори! По секоја цена!!! Мислам, не треба да оди!

Меѓународната заедница е сосема недвосмислено одговорна за ваквиот развој на настаните, но јас мислам дека има повеќе меѓународни заедници, ако така може да се каже, на повеќе нивоа, и треба да се искористат сите средства за да се вознемири и да реагира! Да реагира, оти ова што тука се случува е без преседан во светската политичка историја!

Гифови: Свирачиња
Извор: Глобус