Треба да сме револтирани оти сме дозволиле да ни ја подметнат омразата

21.05.2014 09:29
Треба да сме револтирани оти сме дозволиле да ни ја подметнат омразата

Оваа омраза што излегува на улиците е долго негувана, прихранувана и подгревана од фотелјашиве кои само чекаа да избувне, па да се ситат на братоубиството. Не им беше доста да си играат со луѓето: те контрапротести, те потписи за претседател, те митинзи, те списоци од по 20, 30, 50 гласачи, мораа истите тие луѓе да ги доведат до момент меѓу себе да се испоубијат. И згора на тоа, уште и да им ја пуштат полицијата да ги докрајчи на најнечовечки начин, затскривајќи си ги доказите од бруталноста со одземање на снимките од новинарите.

А бре луѓе, не сфаќате ли како си играат со нас? Револтот треба да го насочиме кон нив, кон тие што ја вбризгуваат омразата во порите на нашиот живот преку нивните продолжени јазици - јанковци, миленковци, мирковци, преку учебниците во кои има сѐ повеќе предрасуди и во кои сѐ повеќе се промовира раздор, преку нивните говори, преку злоупотребата на ситуации како оваа. Млад човек го загуби животот за да си го спаси точакот. Зар не е жално која острина ја достигнала сиромаштијата кај нас - за точак кој не би го продал за повеќе од 2.000 денари, да убиеш човек? И ние за тоа треба да сме револтирани.

Треба да сме револтирани оти полицијата која ја плаќаме не нѐ штити, не е на наша страна, таа е само оружје на истите сеирџии кои од фотелјите нѐ гледаат како гинеме. Треба да сме револтирани оти сме дозволиле да ни ја подметнат омразата, тивко и подмолно, да нѐ прелажат. А омразата, не му доаѓа на човека природно. Љубовта доаѓа природно! Она што се случува сите овие денови за Босна и Србија - тоа е љубов, кај што никој никого не прашува од која вера или националност е, туку гледа дека е во неволја и помага. Е овој пат, ние сме во неволја. И нашата неволја не е природна катастрофа, туку е катастрофа што ние ја создадовме, ние ѝ дадовме мандат и моќ и да нѐ преплави, да нѐ разруши, да нѐ уништи. Сега дојде време сами да си помогнеме, да се спасиме, за да може да преживееме.

Извор: Фејсбук профилот на авторката

Слични содржини

Став / Култура / Теорија

ОкоБоли главаВицФото