Деликатниот ромор на исраните овчи брбушки

19.03.2024 13:42
Деликатниот ромор на исраните овчи брбушки

Како што се ближи денот на изборите во Македоња Норд, имам чувство дека сè повеќе се гасат и општата и индивидуалната свест за тоа што всушност се случува околу нас и со нас. Ми се чини како луѓето да ја губат длабочината на сопствените сеќавања со секој ден поблиску до изборниот. Изгледа дека ова тенчење на паметењето нема да се сопре додека сосема не го избришеме минатото што сме го проживеале, додека не станеме нација со дупка во черепот во која единствената стварност ја чинат звуците и сликите што ги слушаме во мигот. А нив – импресиите и предизборната бучава – ги примаме со оџагорени очи и подотворена уста од која како во сон ни протекува лигавица на перницата што како самата да нè носи низ времето, во темна и празна мозочна одаја без ѕидови или друга содржина, но бескрајно пространа, во која свесноста се претвора во ништожност.

Оваа хронична состојба на нерасонетост и од сеќавања и значења испразнета свест, ме тера повторно да го раскажам веќе култниот филозофски виц што Дејвид Фостер Валас го кажа во воведот на својот говор на почетокот на школската 2005 година на Кењон Колеџот. Елем, две млади рипки си пливаат во морето една до друга, и разминувајќи се со една стара риба оваа добронамерно ги поздравува: „Здраво, дечки, како водата?“. Младите рипки продолжуваат без одговор, како воопшто и да не ја слушнале, а по некое време едната ѝ се врти на другата: „А, што е, по ѓаволите, вода?!“ Оваа апсолутно невина и релаксирана заглупавеност, и длабока несвесност за низата на настани и години низ кои стасавме до ова дереџе, за нивната меѓусебна причинско последична поврзаност, за севременската штетност и малигност на вемерето, Македоња ја претвора во џиновски базен со матна вода во која везден се препелкаат млади рипки, штотуку измрестени и потполно неосознаени, но веќе разочарани, веќе индиферентни и незадоволни од водата што воопшто и не можат да ја спознаат.

Општата атмосфера на кукумавчење и плачипичесто коментирање на состојбите во Македоња, кои според еднослојната наномеморија на чаршијата „никогаш не биле полоши“, е само начин булукот Македонци, подзагниени од слободата и лежерната лабавост во која ко златни рипки живеат во удобниот заборав на страховладеењето на ВМРО, да се прогласат за отсутни од секаква одговорност за состојбата на која се жалат. За нив пишуваше пред цел век генијалниот Грамши во својата славна статија „За индиферентните“: „Индиферентноста е безволност, паразитизам, кукавичлук; тоа не е живот. Затоа ги мрзам индиферентните. Индиферентноста со својата мртва тежина ја притиска историјата. (…) Таа е фаталност, она на што не може да се смета; таа е она нешто што ги растура проектите, што ги урива најдобро сочинетите планови; таа е онаа рапава материја што ѝ се опира и ја задушува интелигенцијата. Она што се случува, злото што ги погаѓа сите (…) не е во толкава мера плод на напорите на малкумината, колку што е резултат на индиферентноста, на неучеството на многумината.

Тоа што се случува не е затоа што само некои сакаат тоа да биде, колку што е затоа што грамадна маса на луѓе се откажува од поседување на сопствената волја, и им препушта на другите да делуваат, пушта да се заплеткаат јазли што само меч може да ги пресече, (…) дозволува до власта да се доберат луѓе што подоцна само востание ќе може да ги собори. Фаталноста што господари со историјата не е ништо друго отколку илузорен вид на таа индиферентност, на тоа отсуство.“

Грамши пред сто и седум години како да пишувал за денешна Македоња Отсутна, отсутна но незадоволна, што се жали дека никогаш не било полошо, а не го памети ниту вчерашниот ден, што се заканува дека ќе ја казни власта така што самата ќе се фрли во септичка јама. Грамшиевата индиферентност е како опис на македонската разгаленост и расипаност во која доминира чувството на праведна разгневеност од состојбите, што всушност е одбранбен механизам на егото на слабакот, со кој тој ја компензира сопствената неодговорност, неучество и отсуство.

Историскиот миг во кој се наоѓаме е како дежаву, како повторување на малоумната атмосфера во изборната година 2006, кога чаршијата личеше на дождовна прашума, исполнета со неподнослива врескотница, завивање, врескање, виење и пискање од илјади мајмуни, копитари, папкари и други цицачи, птици и инсекти, сите громогласно изразувајќи го незадоволството од власта на СДСМ и ДУИ.

За наеднаш, кога дојде злокобното ВМРО на власт, со својата грабежлива и одмаздољубива, како на гибон долга рака, да завладее нездрава тишина, во која освен лицемерното критикување на немоќната опозиција што ја пропагираа медиумските агенти на вмровската диктатура, во чаршијата – што од прашума прекуноќ се престори во мирна зелена ливада – можеше да се чуе само деликатното роморење на исраните овчи брбушки: еден тивок и ничкум полегнат шум на стравот што завладеа ширум јуначките пасишта на Македоња Вечна, и доминираше со пасторалната фашистичка идила цела деценија.

Безмалку е несфатливо како толку луѓе, од кои огромното мнозинство се сосем нормални примероци на видот, што знаат да си ги врзат чевлите наутро и обично се способни незгазнати и неповредени да ги преминуваат градските улици и да си го најдат патот до работното место, да не можат да сфатат дека самиот факт што толку слободно гракаат за своето разочарување од оваа власт е врвен, краен и неспорен доказ за слободата што ја уживаат. И дека заради тоа несфаќање дека живеат во слобода што ја злоупотребуваат за плачипичесто ширење на очај и безнадеж, со прашумската бучава што ја создаваат го подготвуваат враќањето на вмровската диктатура.

Зашто ВМРО е злосторничка фашизоидна организација која не може да владее на друг начин освен со страв и тивок терор, со заканување и тормозење невини луѓе што потоа во тишина ќе си ги носат дома своите несреќи, исплашени да испуштат врисок заради кој си мислат дека ќе бидат казнети уште посурово.

Не му влегува на човека в умот како е можен таков колективен заборав, таква самонанесена амнезија што им ги избриша од паметење десетте години исполнети со фашизоидниот терор на ВМРО; десет оловни години што се отегнаа како вечност, сè до 2017 година. Која е таа мистериозна невропсихолошка сила што им го брише сеќавањето дека цела деценија серкаа брбушки од страв, и го подметнуваа својот опаш под срањето плашејќи се дека паѓањето на брбушките на тлото можело да предизвика шум што ќе ја вознемирело долгата рака на вемерето? Дали е тоа срамот од сопственото неучество, или свеста за сопствениот кукавичлук и конформизам? Веројатно да или можеби не, но еве го, се случува повторно.

Слики: Bruno Voigt (1912-1988)

Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото