Поглупави и од Александровите мулиња и маски

28.07.2023 13:50
Поглупави и од Александровите мулиња и маски


Дибеци, торлаци, глупаци и други вмровци расправаат за тепачки и афери, чаршиски интелектуалци зборуваат за битки, тактики и идентитети, додека војсководци и државници мислат на логистиката на војната. Пресудниот чинител за исходиштето на сите војни била и секогаш ќе биде логистиката. Она што се случува во позадината, способноста на завојуваната страна да го обезбеди дотурот на храна и муниција, свежи трупи и оружје, превозни средства и медицинска заштита, комуникации и информации, како и неопходната пропаганда за обезбедување на потребното нулто ниво на свест на борците и на населението во позадината, сето тоа спаѓа во логистиката, вистинскиот победник во сите војни.

Така било отсекогаш, но порано уште и повеќе, зашто во старите времиња храната, вклучувајќи ја тука и сточната храна за коњите и за влечните животни, била всушност и гориво за движење на војските, но и воената муниција што им овозможувала на војниците да имаат енергија да мавтаат со мечевите и копјата. Да, во старите времиња кој умеел да обезбеди храна за својата војска ги добивал битките, а особено важело обратното: недостигот на храна доведувал до брзи и неизбежни порази. Обезбедувањето храна за војската и за животните во тие времиња не само што ги определувало победникот и поразениот, местата на битките, траекториите и брзините на движењето на војските, туку и судбината на народите и на земјите по коишто логистиката на војната ја испишувала историјата.


Вистинска револуција во организирањето на воената логистика извеле, нема да погодите, никој друг туку нашите предци и основачите на вмровската империја во 21 век, Филип Втори Македонски и неговиот син Александар Трети Македонски. Нивните реформи на воената логистика го обезбедија формирањето на најбрзата, најлесно подвижната и најофанзивната армија во античката доба, која на Александар му овозможи да го оствари еден од најмолскавичните, а воедно и најдолгите и најуспешните воени походи во историјата.

Филип и Александар од војската ги исфрлија семејствата и огромната комора запрежни возила, а армијата ја организираа само од активни борци, додека опремата и залихите на храна ја носеа товарни животни наместо бавните и тешки влечни коли. Во долгите воени кампањи – а Александровата била најдолга што светот ја видел – храната се снабдувала од околината на трагата на военото напредување. Од оваа неминовност потекнува и Александровото ингениозно логистичко правило што го надживеало цели два милениума: војската задолжена за собирање храна додека армијата се движела, можела тоа да го прави најмногу во кругот на четиридневно патување на товарните животни, затоа што товарното животно ја носело и храната за сопственото преживување, а копитарите и папкарите го јадат целиот товар што можат да го носат за осум дена. Ингениозното правило се базирало на немилосрдно едноставната и сурова математика: за да тргне по храна, животното мора да се натовари со храна за четири дена доколку оди по јалов терен, за кога ќе ја натоварат на најдалечната точка тоа да биде најголемиот товар што животното можело да го носи, односно храна за осум дена, од кој за четирите дена од патувањето назад тоа ќе ја изеде половината и ќе врати во логорот храна само за четири дена – колку што била натоварена кога тргнала. Така четиридневниот радиус станува нулта точка на логистичката ефикасност на снабдувачите со храна. Ингениозно, нели?


Излегува дека спознавањето на фактите за стварноста и почитувањето на неминовната математика на нивните последици е темелот на секоја човечка воена или мирнодовременска победа и просперитет. Така што историските факти за логистичката ингениозност на античките Македонци стануваат крунскиот и непобитен доказ дека тие немаат никаква крвна или културна врска со денешната Македоња, а особено немаат врска со нивните денешни обожувачи и македонствујушчи фанатици од вемерето, зашто последниве ги краси апсолутно слепило за фактите од стварноста, како и мозочна организација што е обратна од античката македонска. Додека старите Македонци биле логистички гении, овие нашиве се тотални дибеци. (Оваа моја теорема, додуша, има сериозна фалинка, зашто вемерето покажа високи логистички резултати во ограбувањето и кретенизацијата на македонското општество.)

Како и да е, веќе сфативте, муабетот за натоварените Александрови маски го започнав само за да ја сликувам нашата ситуација со вмровската летна кампања за блокирање на процесот на уставните промени. Таа е иста како и Александровата, само тотално обратна: додека логистичката ингениозност му овозможи на Сандета неверојатна подвижност и молскавични победи, идиотлукот на вемерето и апсолутното неразбирање на фактите на геополитичката стварност, нам ни ја гарантираат закопаноста во сопствените јадови и малоумие.


А, човек треба само да се обѕирне и да ги согледа темните облаци на геополитичкиот хоризонт. Ние сме дел од логистичката позадина на интерконтиненталната војна што НАТО земјите предводени од нашиот најважен стратешки партнер Америка ја водат против Русија. Најважниот факт за „нашата страна“ е што до пред почетокот на војната можеше некако и да се зборува за одделни политички ентитети – НАТО, САД и ЕУ, додека сега, после година и пол од најбезумниот човечки глобален судир во 21 век, излезе на виделина обединувањето на Западот во една единствена воена формација. Оваа огромна воена и геополитичка преструктурација ги смени од корен улогите и значењата на земјите во судирот: Америка е хегемон и командант на формацијата, НАТО е воено-логистичкиот инструмент на командувањето, Украина е поприште на борбата и испорачател на жива воена сила, а Европа е претворена во воена краина, односно логистичка позадина, еквивалент на четиридневниот животински круг на оперативната позадина на Алескандровата војска.

И сега, колку многу човек треба да е глупав и тупав, а да не може да ги согледа императивите на геополитичкиот момент, и неминовностите што произлегуваат од големата стварност во која сме физички и историски нурнати? Колкаво интелектуално слепило е потребно за да не се сфати дека зачленувањето во ЕУ не е веќе работа за која може да се дискутира, туку дека е тоа акт на воено-логистичкото консолидирање на оперативната позадина на европскиот фронт? И дека тука фиктивните трици за идентитетот, културата и блаблабла, како и бесмислиците околу бугарската уцена напросто не се релевантни, не се воопшто забележителни во магнитудата на настаните. Тие дури воопшто и не се факти од стварноста, туку се само факти за нашето несфаќање на стварноста.


Тоа не значи дека бугарските уцени не се одраз на нивните фашизоидни анахрони територијални аспирации, ниту пак тоа не значи дека Европа не е она што некогаш беше кога ги започнавме евроинтеграциите. Не: и бугарските микроимперијализми и европската несоздадена квази империја, корумпирана и испразнета од вредности, се тоа што се, само што веќе не се релевантни факти што влијаат на настаните, туку се трици што се сточна храна за вмровци и за други македонствујушчи патриоти што не можат да го согледаат континенталниот пејзаж.

И, конечно, еве неколку вистински факти за нас самите. Македонскиот современ идентитет, култура и јазик, откога се еманципираа во 1945, па до денес, никогаш не беа – и не се – загрозени од надвор. Никогаш и од никого. Сите загрози и сите ужасни рани и штети по идентитетот, културата и јазикот, од 1990 до денес, доаѓаат однатре, од ВМРО-ДПМНЕ и од вмровските деривати. А, за 32 години направивме 36 амандмански промени во Уставот, повеќето под некоја надворешна присила, повеќето заборавени од сите и, како и несменетите делови од Уставот, прилично неважни за изгревањето и за заоѓањето на сонцето во Македоња. Тоа е: поместувањето на бугарското малцинство во Преамбулата е исто толку безначаен настан, колку што е малоумно и бугарското барање, а вревата околу промената на Уставот е само доказ дека сме поглупави и од Александровите товарни мулиња и маски.



Стрип панели: Mac Raboy - Flash Gordon (1967)

Извор за текстот: Слободен печат

 

ОкоБоли главаВицФото