Ќе го преживееме ли овој наплив на глупоста?

04.10.2023 12:20
Ќе го преживееме ли овој наплив на глупоста?

Пред извесно време вниманието ми го привлече едно обемно истражување објавено во стручно списание од областа на епидемиологијата, во кое на огромен број учесници е испитувана можната врска помеѓу нивната интелигенција измерена во младоста и очекуваниот просечен животен век остварен подоцна. Истражувањето опфати 1.107.022 учесници од кои во меѓувреме 22.453 починати, при што биле земени предвид хетерогеноста на урнекот и собраните податоци за да се дојде до недвосмислен заклучок дека повисоката интелигенција (измерена во младоста) обезбедува од 34 до 54 отсто помалку предвремен морталитет, односно подолг животен век.

Колку поинтелигентен, толку подолговечен

Оваа навидум неверојатна меѓузависност – помеѓу интелигенцијата и животниот век – предизвика бурни дискусии и дебати во стручната јавност, но извршени се и други истражувања кои, како за инает, давале слични резултати. Иако статистичката врска помеѓу интелигенцијата и долговечноста упорно се потврдувала, објаснението за оваа цврста асоцијативност исто толку упорно им се измолкнувало на научниците.

Како илустрација за оваа апорија може да послужи и насловот од статија објавена во релевантно стручно списание: „Интелигенцијата ги претскажува здравјето и долговечноста, но зошто?“

Во заклучокот од една голема епидемиолошка студија во која е опфатено безмалку целото население на Шкотска се тврди дека е неспорно повисоката интелигенција мерена (со класични IQ тестови) во младоста да обезбедува значително помал морбидитет и морталитет во доцната возраст, вклучувајќи ги тука и умрените од канцер и од кардиоваскуларни болести.

Едно можно објаснување за оваа упорна мистерија било дека повисоката интелигенција им овозможува на луѓето посоодветна грижа за сопственото здравје, бидејќи таа подобро го обезбедува процесот на учење, на размислување и вештините за совладување проблеми што се појавуваат во различни ситуации во животот.

Светските епидемиолози се загрижени дека цутењето на вмровската кауза може катастрофално да ги зголеми перцентилните вредности на параметрите на морбидитетот и морталитетот на населението, а сето тоа како последица од зголемената кретенизација на Македонците од сите возрасти и полови. Оваа загриженост, разбира се, се темели на утврдениот однос помеѓу менталната тапост и зголемената смртност, од една страна, и веќе одамна научно утврдената правопропорционална врска помеѓу вмровштината и когнитивната инсуфициенција.

Накусо кажано, на Македонците што се подготвуваат повторно да му ја стават в раце власта на вемерето им се заканува библиска болештија и гибел и пред тоа да биде непосреден резултат на уште едно заробување и ограбување на библиската земја од страна на злосторничкото здружување.

Глупоста ја сардиса Македоња

Но, ситуацијата е уште подраматична одошто изгледа на прв поглед, зашто епидемиолозите предупредуваат дека со омасовувањето на когнитивната инсуфициенција предизвикана од вмровската кретенизација на целиот јавен и политички простор во Македоња, неминовно ќе бидат зафатени и оние нејзини граѓани што претходно (во младоста) не покажувале интелектуална тапост и инхерентна глупавост како генетски детерминираното вмровско население. Ова ќе биде последица на општопознатиот Бонхоферов закон на масовното заглупавување: „За да сознаеме како да излеземе на крај со глупоста, мораме да ја сфатиме нејзината суштина. Едно е сигурно, таа суштински не е дефект на интелектот, туку на човечноста.

Притоа се добива впечаток дека глупавоста не ќе да е некој вроден дефект, туку напротив, дека во одредени ситуации луѓето стануваат глупави, односно дека дозволуваат да бидат престорени во глупаци. Така се чини дека глупоста е можеби помалку психолошки, а повеќе социолошки проблем. Таа е посебна форма на делувањето на историските ситуации врз луѓето, психолошка нуспојава на одредени надворешни прилики. Кога подобро ќе погледнеме, забележуваме дека секој посилен развој на надворешната (вмровска и странска, м.з.) моќ, било тоа да е од политичка или религиска природа, сардисува и бие со глупост голем број луѓе. Се чини, дури, дека се работи за вистински социолошко-психолошки закон“.

И, како што ингениозниот Бонхофер пред осумдесет години го дефинираше тоа од нацистичката ќелија на смртта, чудовишен развој на надворешната моќ ја сардиса Македоња со огромна глупост во која синергично дејствуваат глупоста на бугарското ВМРО со македонското ВМРО, поттикнати од огромната глупост на Европската Унија и на САД: тие креираа ситуација во која глупоста царува поигрувајќи се со судбината на библиската земја. Бугарската вмровштина постави услов за менување на македонскиот Устав, кого го поддржаа моќните сили на колективниот Запад, што ја удри земјава со вселенска глупост и ја стави македонската ВМРО во ситуација ништо да не прави, освен да ја гои сопствената глупост ширејќи ја убиствено долж и попреку библиската земја.

Уставните измени што самите по себе не се никаков проблем – нормална земја со рационална размисла за својот егзистенцијален интерес би ги донела без секунда задршка – сардисани од надворешните околности обезбедија притисок на моќ што ја удри земјава со масивна глупост и ја претвори кампањата за уставни измени во моќна алатка на вемерето, не чинејќи ништо, да успее себеси да се факторизира како моќна „патриотска“ сила што ќе ја спаси Македоња од сопствената безбедна иднина.

И така, ендемската катаклизма која и самата се заканува со библиски морбидитет и морталитет – поради вмровската инхерентна тапост – да ја опустоши најстарата цивилизација во вселената, е ставена во ситуација во која глупоста е стократно зголемена поради надворешниот наплив на моќта и бие со демиуршка сила на веќе апатичната и заморена Македоња. Ќе го преживееме ли овој наплив на глупоста?

Стрип кадри: Ken Jackson - The Red Comet (1940)

Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото