Приказни за сонцето (2)

30.05.2014 13:08
Приказни за сонцето (2)

Григор Витез
Сонцето заоѓа

Се чудат птиците, се чудат птиците:
исчезнало сонцето над жиците!
Над земјата успеало да се извие -
каде ли се крие?
Знаете ли вие?
Знаете ли вие?

Јас го бев видела!
Јас!
Јас!
Јас!
Некаде преку гората беше брзало,
од што веројатно се истоштило
па во морето потем се нурнало
и - потонало...

Сега што ќе правиме? Што ќе правиме?
Како од морето сонцето ќе го извадиме?

Птиците тажни беа сите,
ги заборавија дури и песните.
(Препев: П. Вулкански)


Михо Атанасовски
Сонце

Сонцето неизоставно си ги мие
забите пред да се дени.
Затоа секое утро гледаме ние
како морската вода се пени.

Место четче во устата си става
снопче од првите зраци,
а потоа, како со сапун што прават,
облаче притиска в раце.

И се сапуни, се плиска, се трие
во морето, пред да се дени...
Затоа секое утро гледаме ние
како морската вода се пени.


Стојан Тарапуза
Сончева песна

Сонцето свети, сонцето сјае,
сонцето безброј волшепства знае.
Внеси го в соба, стави му клатно,
ќе ти го мери времето златно.
Вдени го в коса, врзи го здраво,
ќе ти го симне од душа стравот.
Всели го в очи, стави му двоглед,
ќе ти го злати целиот поглед!

Сонцето свети, сонцето сјае,
сонцето безброј вештини знае!


Петре М. Андреевски
Кој знае како и кога

Еднаш - кој знае како и кога
сонцето си шина една нога,
се препна и, сред поле, со пискот,
падна лошо и премногу ниско.

Се искваси, му угасна жарот
и ние мигум: младо и старо
од сите села - кој знае како -
се најдовме сами среде мракот.

И, по години, векови векот,
ја дознавме болеста и лекот:
потемница го најдовме него,
оголголо заспано на снегот.

Па в кола го однесовме дома,
ко насланет и помодрен домат
и го греевме на сите места
додека не му се врати свеста.

Ама тогаш тоа нешто дозна,
нешто свое во оганот позна,
си го зеде и - кој знае како -
одново го израстури мракот...

Потем кој знае по какви скали,
на небо се качи пак да се фали
и ќе се фали дур да се сети
дека со нашиот оган свети.

Слики: Józef Wilkoń

Сродни текстови:
Приказни за сонцето (1)
Приказни за името (1)
Приказни за името (2)

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото