Лудилото, се разбира, продолжува

26.06.2014 09:03
Лудилото, се разбира, продолжува

1.

Лудилото, нормално, продолжува. Дури, мислам, дека никој и не се сомневаше во тоа. Освен некои, можеби. Како Жерновски, на пример. И ако воопшто постоеше / постои некакво, какво и да е, „објаснување“ за сето она што под лажната фирма „спомен – обележја“ го гледаме низ централното градско подрачје, денес веќе не постои. Дури и ако некои, своеволно или преку (партиска) сила / принуда, ваква или онаква, сакаа да поверуваат дека, еве, државата се сетила на македонските револуционери и решила да ги овековечи, па дури и нека е преку лажната фирма „спомен – обележја“ што денес ги гледаме низ Скопје, сега веќе не веруваат. Зашто ако Делчев и Груев, Гули и Карев, Ченто и едикојси, па нека е и Аце Македонски, се имиња кои лесно можат да му се продадат на народот гладен за митови за неверојатно скапи пари, не знам кој навистина би поверувал дека некакво Панорамско тркало е во истиот патриотски дослух со спомнатине.

Зашто еве, и тоа морало да се гради, без него Скопје не ќе било тоа што некои го замислиле. И ќе се гради за фантастични 17,5 милиони евра! Градов има тооолку многу пари што не знае што да прави со нив. И ќе ги фрла на Панорамско тркало, на коешто дневно ќе се истркалаат десетина- дваесет луѓе, па нека и сто, и ќе видат – што? Ќе го видат ли новиот крст на великопатриотот и светски македономаченик Тошица звани Петров? Ако не, џабе им се милионите евра!

2.

Ама верувам дека ќе може да се види и тој крст. Како и некој друг, некаде, што допрва треба да биде подигнат. Оној на Водно секако се гледа, некогаш како половинка, некогаш како четвртинка. Соодветно на „религиозните“ чувства на патриотиве.

Но не ми е тоа муабетот. Едноставно, не можам да (си) најдам објаснување зошто? Зошто некој би намислил да гради такво тркало среде градот, веднаш до Камениот мост – што ќе рече да го нагрди единствениот вистински симбол на градот – и каква функција ќе има тоа? Дали, можеби, градското собрание ќе држи седници на тркалото, онака вртејќи се? Во или во обратен правец од мајката Земја? Зашто и тоа е битно за карактерот на нивните одлуки. Досега се вртеа обратно од цел нормален свет. Ќе видиме понатаму.

Или ќе им служи како извидница на советниците, да го контролираат градоначалникот дали навистина ги извршува сите градежни работи во градот? Или можеби ќе се вртат на тркалото кога ќе бидат на пауза? Да се релаксираат, бесплатно, сосе семејствата им, зашто тие го изгласале. Нивно е. Па онака, на височина, да им се избистри умот, да ги фати ава. Или едноставно сакаат бре брате да си ги видат селата, можеби и самите куќи и дворови, од каде што дошле да ни го упропастуваат градот?

Или сето тоа е наменето за владини потреби, ама со слични функции? Односно, тие да држат седници на тркалото, од каде што министеро’ за администрацијата ќе ги надгледува институциите, а она помпезноно министерче за надворешни работи ќе може директно, што ќе рече – визуелно, да комуницира со Брисел? А може да пушти и некое гулабче, ако им е при рака, за да не арчи пари за авиони!

3.

Шегата на страна – иако изгледа само таа ни остана – никој, никогаш, дури ни сега, не (по)нуди какво и да е образложение кому и зошто му е потребно Панорамското тркало. Каква функција, освен забава, ама зарем само до забава ни дошло, ќе има ова лудо тркало, каква е неговата „проектна“ одржливост, ќе се (само)исплати ли некогаш, и кога, и како, и дали има некакви предвидувања дека ќе привлече туристи и зошто тие туристи би дошле овде а не би отишле во Лондон, на пример, или во Дизниленд, или во Њујорк, за да го видат најголемото вакво лудо тркало на светот?

И зошто никој не се потруди да ги извади пред микрофони и камери, односно пред јавноста, сите оние градски советници – почнувајќи од „филозофон“, па „историчарон“, па сите до нив – кои креваат рака за ваква будалаштина и директно да ги праша зошто го прават тоа? Имаат ли тие лично некаква полза од тоа, или само така креваат рака? И по чија директива, или онака, самоволно? На жими мајка. Веруваат ли во полезноста на тоа тркало за градот? Мислат дека сè во овој град ни е по мерка, па ни фали само тоа чудо? Дајте да ги видиме тие „мудри“ глави кои сметаат дека седумнаесеттина милиони евра треба да се потрошат токму на тоа тркало!

А всушност, без оглед дали ова нашево лудило ќе го крстиме Шизнилед или Дизниленд, Лас Вегас или Едно Гооолемо Ништо, време е некој компетентен да излезе со јасна и прецизна дијагноза за нашиве состојби. Дали тоа некој лечи некакви комплекси, од детството или од младешките години, немал ли доволно играчки да си игра па сега за играта му треба цел град, има ли тука место и за други патолошки истражувања или сето ова има некаква друга цел и позадина? Нема ли во државава компетентни стручни лица од тие области кои би ни го објасниле лудилово што ни се случува? Ако нема, како што изгледа дека нема, ете првиот ни доктор, министерот Тодоров, нè здружува со (вели) најпознатите болници во светов, па не можеме ли од таму да побараме помош?

4.

Ако пак, од друга страна, на сите, или на повеќето, им е горе-долу, дури и без прецизна дијагноза, јасно што е ова што ни се случува, како е можно на еден умен млад човек како Жерновски тоа да не му е јасно? Ако наоѓаме разбирање – вакво или онакво, главно патолошко – за сите оние што седат во советничките клупи во Градот и упорно креват рака за вакви идиотизми, за него такво разбирање не може да има. И колку и да го штедат оние малку нормални медиуми, тоа прашање останува отворено.

Зашто, од каде воопшто идејата за некаков референдум за самопрогласениот проект „Скопје 2014“? Да не е тоа идеја на онаа Роза? А дали истиот самонаречен проект беше изгласан на референдум, па сега е потребна идентична постапка за да се анулира неговата катастрофичност по Општината, и градот во целина? Ако имало нешто такво, можеби јас сум го преспал, ама некој ќе ме потсетеше. Ќе ми кажеше дека на референдум сум / сме гласале за ваков град! И впрочем, ако веќе запнал, Жерновски имаше референдум. Не еднаш туку три пати! Зашто точно толку пати жителите на Општина „Центар“ го гласаа, односно се изјаснија дека не сакат веќе да го трпат оној „Тинекс“. Рекоа дека сакаат некој друг, некој нов, кој ќе ги куртули од такви да-не-речам-што. Зарем тоа не беше токму референдум? И зарем тој референдум, посредно или непосредно, не значеше глас на јавноста односно отворен налог за новиот градоначалник да се „погрижи“ и за оние кои му го сместија ова на Центар? Или – и за тоа ќе ни треба нов референдум? И уште колку референдуми ќе ни требаат за секоја будалаштина што му се случува на градот, и на државава? И уште колку студии, анализи, истражувања… ќе бидат потребни да се заврши сиот овој циркус, а оние што ни го сместија да се најдат на соодветните места?

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com

Слични содржини

Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Култура

ОкоБоли главаВицФото