Рушењето на „Скопје 2014“ ќе отвори нови работни места!

11.06.2017 20:54
Рушењето на „Скопје 2014“ ќе отвори нови работни места!

Рушењето на #Скопје2014 ќе го поттикне туризмот, ќе овозможи нови приходи за државата и граѓаните, како и отворање на нови работни места. Германците до ден-денес, речиси три децении по рушењето на Берлинскиот ѕид, продаваат негови парчиња како сувенири. Со сертификат за автентичност – и не се баш евтини.

Пресметајте колку само сувенири ќе се направат со материјалот од градбите кои ја симболизираат корупцијата и аздисаноста на режимот на Никола Груевски!

А сертификатите да ги потпишуваат токму лицата за кои ќе се докаже дека биле дел од коруптивната шема. Како дел од нивните затворски казни, да се вработат во сувернирниците, со своја рака да ги даваат на муштериите! Парче стиропор, чиј материјал не вреди ни денар, но со сертификат за автентичност, потпишан лично од Груевски, ќе може да се продава за минимум 10 евра – како колекционерски примерок.

За преместување споменици, нека се направи референдум на ниво на државата. На гласачкото ливче нека се наредат сите споменици, со нивната цена на чинење, одржување и преместување. Секој граѓанин нека има можност да одбере под а, б, в (како на екстерно) дали сака споменикот да се уништи, да се пренесе во неговата општина (за Центар – да останат кај што се) или пак, да се пренесе во посебен парк како што имаат направено Унгарците. Тие најзабеганите споменици од комунизмот ги имаат ставено во Мементо парк, кој сега претставува една од туристичките атракции на Будимпешта. Еве, на пример, во Пелинце, Дељадровце – таму и онака ги носат децата на екскурзии. Нека заживее руралната средина, ќе се направи инфраструктура да го прими напливот и на странски туристи.

Само прекинувањето на трошоците за одржување, поправките на фушерајот, ангажирањето на СГС и слични фирми да ги чуваат, сметките за струја, вода, кмичењето на костимирани млади лица, чистењето измет од птици, ќе ни заштеди стотици илјади евра од #нашитеПари годишно!

А најважено, како што рече Југослав Петровски, симболичкиот аспект. Присуството на спомениците, како и незаконски направените графити со имиња на политички партии, создаваат впечаток на моќ на нивните автори. „Скопје 2014“ е симбол на моќта на ВМРО да прават што сакаат.

СДСМ – Социјалдемократски сојуз на Македонија и коалицијата мора да сфатат дека потценувањето на историското и симболичкото, му овозможи на ВМРО-ДПМНЕ да го пополни тој простор. Но, не смее да ги имитираат и да се подлизуваат на нивните гласачи. Ако навистина сакаат да се смени нешто, и да спречат одлив на нови 5 милијарди евра од џебовите на нашите деца и внуци, рушењето на „Скопје 2014“ е прва превентивна мерка за спречување на враќањето на груевистите или на некаква нивна копија.

Мора да се направи темелна ревизија и сите градби за кои ќе се докаже и трошка корупција, да се отстранат. Оти, во спротивно, се легитимира корупцијата. Да, ќе чини пари, но ќе платиме многу поскапа цена ако на финта АПП („ako prođe – prođe“) се остави да тлее популизмот и евентуално да се врати.

Има многу начини да се заштеди. Градежните фирми за кои ќе се докаже дека биле вклучени во коруптивни зделки, да може да го вратат дел од долгот во натура, преку обезбедување услуги за рушење – на нивни трошок.

Важен е и аспектот на безбедноста. Колку од зградите се без технички прием, или на принцип АПП? Дали барокните фасади се запаливи? Во Баку, Азербејџан, каде исто така диктаторот „разубавува“, има многу пожари токму поради новите фасади. Дали во сите згради се почитувани правила за заштита? На пример, тесната зграда врз паркчето до „Бристол“ нема скали, само лифтови. Како е предвидено да се симнуваат луѓето од горните катови во случај на пожар или земјотрес? Колку зградите изградени во заштитниот појас на Вардар и во неговото корито ја зголемуваат опасноста од поплави?

Наша должност како родители и старатели е да ја намалиме можноста нашите деца да ги тргаат нашите маки или да се изложени на уште поголеми ризици.

Извор: civilmedia.mk
Слика: Странски служби

Слични содржини

Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Култура
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото