Заминувањето на челичната балерина

14.08.2014 12:18
Заминувањето на челичната балерина

Кога ќе си замине последниот во низата, тој е последен. И без оглед колку алки има низата, тогаш е време за крај.

Дали баш секогаш? Може ли смртта на Владимир Беара да биде крај на „единаесетте величенствени“? Иако можеби со неговото заминување дефинитивно е завршено времето на „фудбал од љубов“ и бранење на голот на начин кој не остава ни најмал сомнеж дека можело и требало да се одбрани, а ете, голманот не успеал, не се снашол, не скокнал доволно високо, не се фрлил кон десниот горен агол или не се испружил десет метри пред голот да ја исфрли топката која сè уште не фатила вистинска насока.

Пишувајќи за „натпреварот на смртта“ помеѓу Југославија и СССР по повод 60-годишнината од еден од фудбалските настани на XX век, го почнав текстот со реченицата: „Најпрво нека ми простат Владимир Беара, Вујадин Бошков и Ивица Хорват. Што пишувам за нешто за кое немам поим.“

Тогаш тројцата беа живи. Од вчера - ниту еден.

Големиот Владимир, Балерината со челични дланки и Човекот од гума - така го викаа. Бранеше за Хајдук од 1947 година, на 308 натпревари, освојувајќи три наслови првак на државата. Потоа во 1955 година, го направи „скандалот на столетието“, што го можат само најголемите и најхрабрите, преминувајќи во тимот на Црвена Звезда, со кој освои уште четири титули првак на Југославија и два фудбалски купа. Во дресот на Црвена Звезда остана до 1960 година, одигрувајќи 174 натпревари.

За репрезентацијата на Југославија одигра 60 натпревари, меѓу кои на светското првенство во Бразил од 1950, Швајцарија 1954 и Шведска 1958. Добитник е на сребрен медал на Олимпијадата во Хелсинки 1952 година, кога во финалето одбрани пенал на Ференц Пушкаш. Прошталниот меч во репрезентацијата Беара го одигра на 11 октомври 1959 година против Унгарија (2:4) во Белград. Кариерата ја продолжи во Германија, ја заврши Високата тренерска школа во Келн и се посвети на тренерската професија во Германија, Холандија, Камерун и Југославија.

Лав Јашин, легендарниот голман на московско Динамо и на руската репрезентација, со прекари: Црн пантер, Црн пајак и Црн октопод (поради црниот дрес) во 1963 година стана прв, и за сега единствен голман кој ја освоил наградата за европски играч на годината. Сега, кога умре Беара, сите се присетуваат како Јашин во таа прилика изјави: „За мене најдобар голман е Владимир Беара“.

И за нас, Лав! Се поздравуваме со последниот од тимот на „единаесетте величенствени“, со некоја скриена надеж дека заминувањето на Владимир Беара не значи и дефинитивно, последно простување со вистинскиот и чесен фудбал.

Извор: e-novine, 12.08.2014.

ОкоБоли главаВицФото