МВР со високи казни за грешни мисли при возење

09.10.2014 12:33
МВР со високи казни за грешни мисли при возење

Скопје, 9 октомври 2014

Откако деновиве беше промовиран пакетот драконски казни од новиот Закон за сообраќај, Министерството за внатрешни работи откри уште една новина: ќе се казнуваат и сите возачи кои имаат грешни мисли додека возат.

Сторениот прекршок ќе го утврдуваат посебно обучени сообраќајци, кои со продорно гледање на возачот директно во очите ќе откријат дали тој имал грешни мисли додека управувал со возилото.

За не толку грешни мисли, казната ќе изнесува 100 евра, за баш грешни мисли 500 евра, додека за ептен грешни мисли висината на паричната казна ќе изнесува 1.500 евра. Ако казната биде платена во готово на местото на казнувањето, ќе биде намалена за 30 отсто.

Од МВР велат дека е научно докажано дека грешните мисли го одвлекуваат вниманието на возачите и ја намалуваат нивната концентрација, но листата на тоа што сè спаѓа во грешни мисли уште не е затворена.

„За неколку денови треба да ја комплетираме листата, на која веќе се наоѓаат мислењето на секс без намера за забременување, несогласувањето со потезите на македонската влада, помислата да се гласа за опозицијата на избори и сомневањето во сопственото античко потекло“, изјави минситерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

Комплетната листа на казниви грешни мисли ќе биде објавена наскоро на интернет страницата www.dalstenormalni.gov.mk.