Нобелови награди: Она што не го знаевте...

15.10.2014 09:09
Нобелови награди: Она што не го знаевте...

Од 1901 до 2013 година, Нобеловата награда ја добија 847 личности, на просечна возраст од 59 години, како и 25 организации. Тоа е само една од занимливостите поврзани за Нобеловата награда, која ја издвојува агенцијата Франс прес.

Рекорд во номинациите: Рекорден број номинации за Нобеловата награда за мир е постигнат оваа година со 278 номинирани. Имињата на сите номинирани ќе бидат обелоденети за 50 години.

Одбивање на Нобеловата награда: Двајца добитници ги одбиле своите награди: Французинот Жан-Пол Сартр, наградата за книжевност во 1964 година и виетнамскиот премиер Ле Дук То кој во 1973 година одби да ја дели наградата со државниот секретар на САД, Хенри Кисинџер. Покрај тоа, Адолф Хитлер им забранил на тројца германски добитници да ја примат наградата, а тоа се Рихард Кун (за хемија во 1938 година), Адолф Бутенанд (за хемија во 1939 година) и Герхард Домагк (за медицина во 1939 година).

Советската влада го натерала Борис Пастернак да ја одбие наградата за книжевност во 1958 година.

Добитници на Нобеловата награда за мир кои биле во затвор: Тројца добитници на наградата биле во затвор во моментот кога било објавено дека истата им е доделена – германскиот пацифист и новинар Карл фон Осјецки (1935); опозиционерката Мјамнара Аунг Сан Су Чи (1991) и кинескиот дисидент Лиу Сјаобо (2010). Аунг Сан Су Чи го посети Осло на 16 јуни 2012 година каде конечно можеше да одржи говор и да ја прифати наградата, повеќе од 20 години откако ѝ беше доделена.

Најстари добитници: Најстариот добитник на Нобеловата награда е Американецот со руско потекло, Леонид Хурвиц, кој ја доби наградата за економија во 2007 година на 90 годишна возраст. Тој почина во јуни 2008 година, само неколку месеци откако му беше доделена наградата. Меѓу жените најстара добитничка е британската книжевничка Дорис Лесинг, која во 2007 година на 87 години ја доби Нобеловата награда за книжевност.

Најмлад добитник: Британецот Лоренс Браг е најмладиот добитник на Нобелова награда, на 25 годишна возраст. Тој ја доби наградата за физика во 1915 година која ја подели со својот татко Вилијам.

Нобеловата награда во семејството: Историјата на француското семејство Кири е тесно поврзана со Нобеловата награда: двојката Пјер и Марија Кири во 1903 година ја добија наградата за физика; во 1911 година, Марија Кири (родена Склодовска) е првата жена која ја добила Нобеловата награда, и повторно ја добила наградата, овој пат за хемија. Со тоа стана и единствената жена која има две Нобелови награди; во 1935 година, нејзината ќерка Ирен Жолио-Кири и нејзиниот сопруг Фредерик Жолио ја добија наградата за хемија.

Нобеловата награда и жените: Од основањето во 1901 година, Нобеловата награда ја добија 44 жени, вклучувајќи ја Марија Кири. Наградата ја добија 795 мажи. Се чекаше до 2009 година за Нобеловата награда за економија да ѝ се додели на една жена, Американката Елинор Остром. Наградата за физика ја добија само две жени досега, во однос на 191 маж, а оваа награда не ѝ е доделена на жена од 1963 година.

Наградувани полиња: Победниците на наградата за книжевност, вообичаено пишуваат проза. Во физиката најмногу се наградуваат трудови посветени на честичките, а во хемијата за биохемијата, додека во медицината преовладува генетиката. Во економијата води макроекономијата.

Јазиците кај Нобеловата награда: Англискиот е на прво место како јазик на кој се пишувани книги кои добиле награда за книжевност, со 27 добитници, потоа следуваат францускиот и германскиот (13), шпанскиот (11), шведскиот (7), италијанскиот (6), рускиот (5), полскиот (4), норвешкиот и данскиот (3), грчкиот и јапонскиот (2), а претставени се и арапскиот, кинескиот, дури и окситанскиот (провансалски) кој сега има статус на дијалект.

Сартровото не за „бакнежот на смртта“

Францускиот филозоф и писател Жан-Пол Сартр е еден од најпознатите добитници на Нобеловата награда, но и првиот кој, пред 50 години, го одби највисокото признание за книжевност.

Кога на 22 октомври 1964 година, Шведската академија го соопшти името на добитникот на Нобеловата награда за книжевност, Сартр мирно ручаше во еден париски ресторан.

Младиот новинар на Франс прес, Франсоа де Клозе, тогаш му ја соопшти веста на Сартр, а тој одговори дека ја одбива наградата. „Ја одбивам наградата, тоа е факт, но сега морам на шведските новинари да им објаснам зошто“, рече Сартр додека ручаше.

Според наодите на Франс прес, веста од Стокхолм не предизвика „никакво изненадување, ниту емоција“ кај францускиот филозоф и книжевник. Меѓутоа, изјавата на Сартр предизвика големо изненадување во Париз и подоцна во светот, затоа што тој беше првиот што ја одби наградата.

Експертот за делото на Сартр, Андре Гижо, изјави дека Сартр се плашел дека „со таа награда жив ќе биде погребан пред да го заврши својот опус“. „Сартр ја нарекуваше Нобеловата награда ’бакнеж на смртта‘“, рече Гижо.

Како втора причина за одбивање на наградата, Гижо ја наведува критиката на Сартр кон сите институции, сметајќи дека тие се „смртоносни затоа што го лишуваат човекот од својата вистинска личност“ и уште „бараат некаква благодарност“.

Самиот Сартр како единствен проблем наведе дека Нобеловата награда „не нуди привилегија добитникот да ја прифати или да ја одбие“.

„Тогаш, Швеѓаните јасно ставија до знаење дека не ги интересира тоа што Сартр ја одбил наградата. Тој е избран и неговото име ќе биде врежано во мермер“, рече Антоан Жакоб, автор на книгата „Историјата на Нобеловата награда“.

Францускиот книжевник официјално е добитник на Нобеловата награда за книжевност од 1964 година, иако не дојде на церемонијата за доделување на 10 демекври, ниту го прими чекот од 273 000 шведски куни, кој денес вреди речиси 300 000 евра.

Одлуката на Сартр беше предвидлива затоа што го одби најголемото француско признание, Орденот на Легијата на честа.

Писателот и филозоф дури сакаше да го спречи тоа сценарио, затоа што на 14 октомври, кога во печатот прочитал дека е фаворит за наградата, ѝ упатил писмо на Шведската академија во кое „бара да не се наградува некој што воопшто не го сака тоа признание“.

„Според информациите кои ги дознав денес, изгледа дека оваа година имам можност да ја добијам Нобеловата награда. Од лични и уште повеќе објективни причини, не сакам да бидам на списокот на номинираните, оваа 1964 година, а ни подоцна, затоа што не сакам да го прифатам тоа почесно признание“, се наведува во писмото на Сартр.

Педесет години по одлуката на Сартр и понатаму постои поделен став за гестот на францускиот книжевник. Некои го оправдуваат тоа заради неговото лично оправдување, а други дека одбивањето на Сартр е „доказ за неговата суета“.

Жан-Пол Сартр (1905-1980) е филозоф, романсиер, есеист, драмски писател и творец на атеистичкиот егзистенцијализам.

Негови најпознати книжевни дела се „Мачнина“ (1938), автобиографското дело „Зборови“ (1964), а од филозофските дела „Битие и ништожност“ (1943) и „Критика на дијалектичкиот ум“ (1960).

Светска слава стекнаа и театарските дела на Сартр, „Зад затворени врати“ (1945), „Валкани раце“ (1948) и „Ѓаволот и Господ Бог“ (1951).

Извор: http://www.b92.net

Слични содржини

Општество / Европа / Култура
Книжевност / Култура / Теорија / Музика
Општество / Живот / Култура
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото