Возвишена убавина: планетата Земја

18.10.2014 11:55
Возвишена убавина: планетата Земја

 

„Уметноста е хармонија паралелна со Природата.“
Пол Сезан

Крај езерото, пред таа величествена и импресивна
глетка, во тишината на шумовите на брановите... едноставно... Убавина. Езерото, планината, природата се неисцрпна инспирација. А во одразот на сончевата или месечевата светлина, во блесoкот на живата плазма на брановите, се отсликува архетипска глетка- слика на нешто...

...Токму таа категорија, убавината, е клучната
категорија во поистоветувањето со уметноста. Суштината и во восприемањето на уметноста е убавината, оти внатрешното „откровение“ кое го доживуваме, кога сме пред некое уметничко дело е токму... Убавината.

И кај двете доживувања го имамe истото вдахновение,
двете искуства поттикнуваат сличен восхит.

Пред неколку години ми се случи „големо откровение“ крај езерото. Беше пролет и цветаа багремите на ридот. Го читав списот од Вилхелм Ворингер и ја посматрав таа спектакуларна глетка со езерото. Добив импулс да го сликам, да направам нешто со тоа доживување.

Но водата, дефинитивно, не може да се наслика. Во
секој момент има некакво движење, на брановите, или промена во бојата. Па ветерот интервенира во чудесно премрежување на површината. Езерото во ниеден момент не е исто. Секогаш има некаква музика што го придвижува, која се прелева во шумот на трските! Го обожавам шумот на трските помешан со шумот на брановите!

Тоа не може да се наслика. Можеби само како
импресија која остава трага потоа со четката. Но, тоа е друго. Што со овој момент сега, со оваа убавина, свежина, овој живот во милион облици, трепетот на лисјата...?

Набљудувањето на некоја прекрасна глетка, за мене е неописливо уживање, мултимедијален спектакл кој природата ни го приредува, доживеан мултисензорски. Тоа е врв на органското чувствување, едно вистинско уживање. Во истиот момент ако ги затвориме очите, она што како инспирација, паралелна реалност, се случува во нас е чиста апстракција. Бидејќи она што внатрешно мене ме исполнува тогаш, а е паралелно со таа надворешна убавина, е апстракција, чиста боја - бела или некоја друга или апстрактно чувство на светлина, или бран. Сите тие искуства можeмe да ги насликамe и не морамe. Има разлика дали ќе се случи едното или другото...

Апстракцијата е хармонија паралелна со природата (неорганско + органско).

Списот на Вилхелм Ворингер („Апстракција и
Сочувствување“ 1907/08, Wilhelm Worringer Abstraction und Einfühlung) е дело кое го антиципира Новиот поглед кон светот, сè она што следеше во ликовната уметност понатаму. Бидејќи, во минатиот век, во една повнатрешна духовна реалност, се случи тој спој, претопување или враќање кон изворот, каде што органското и апстрактното, возвишеното и убавото се Едно. Од тоа Едно се разгранува дрво со безброј гранки-облици, дали органски дали неоргански, дали кристални, дали апстрактни дали органско - апстрактни или чисто апстрактни или чисто органски итн., нема крај на креацијата, нема крај на формите. Затоа кога велам Убаво мислам на нешто што има внатрешна убавина, која потекнува од тој извор и која ќе се манифестира и како надворешна, Возвишена Убавина. Возвишеното е истовремено далеку отаде и токму тука многу блиску до/во нас.

Естетиката е широк поим денес, и многу разновидни и
разнородни одредби го дефинираат нејзиното значење. Таа има специфично значење за различни народи, култури и цивилизации, во разни епохи. Би рекле, општото, најуниверзалното значење на поимот естетика е поврзано со чувството за убаво и убавина. Покрај чувството за убавина, во естетиката е сраснат и стремежот кон возвишеното. Во најширокa смислa, под естетика денес се подразбира надворешниот убав изглед на нештата хармонично, чисто дизајнирани и обликувани и задоволството кое е проследено со нивното восприемање. Ова широкоприсутно поимање на естетиката може, но и не мора, да биде во противречност со другото значење, возвишеното и/или вистинитото, кое, исто така, е иманенција на естетиката!

Ако, пак, го стесниме хоризонтот во полето на
ликовната уметност, сликарството, можеме да прокламираме: естетика имаме секогаш кога постои хармонија во композицијата и колоритот!

Од друга страна, пак, во современата уметност се
прифати и естетиката на дисхармонијата, бидејќи искуството на душата низ дисхармоничното, фрагментарното, па и грдото, а сепак вистинито, на тој степен од себеспознанието, кое, во најголема мера е условено од диспаритетот со општеството, може да се прифати како естетика.

Но, сепак, во крајна линија, естетика и грдо не одат
заедно! Или едниот или другиот поим треба да го прошири своето значење, за да, евентуално, се спојат!

Сите противречности во различните значења на поимот
естетика се надминуваат низ самоспознанието кое како цел се поставува пред уметникот денес.

Уште во зачетокот на западната теорија на убавината се
забележуваат две естетски тенденции: “...питагорејската традиција, а што се поврзува со сериозниот и контемплативен вид на задоволство предизвикан од определени „формални односи“ кои се содржани во убавиот објект (возвишено убаво, м.заб.) и вториот вид, што може да се определи како дел од традицијата на принципот на задоволство, кој ги опфаќа задоволствата што произлегуваат од сетилата афицирани од убавината.“* (органско убаво, м. заб.)

Секогаш убавото е тука, присутно: убав предмет -
скулптура, убава слика, убава природа, убаво дете, убав дизајн, убаво органско, а возвишеното е далеку, отаде, неизмерно во сферата на духот, Законот. Се прашувам дали сè уште е неизбежен овој јаз, ова неединство и неспоивост? Дали естетиката и теоријата за уметноста сè уште не се усогласиле со големите достигнувања на уметноста во минатиот век ? Бидејќи нешто многу суштинско, Новиот поглед кон светот, веќе се случи. И треба да се реализира, да се спроведе во живот! Веројатно за Реализација е потребно време, па за следната етапа и во естетиката и во теоријата за уметноста, па и во самата уметност, е потребно подолго созревање... Еволуцијата не може да го следи чекорот на Духот и потребно ѝ е потребно време...

И покрај сите тривијалности во секојдневниот живот, Тоа - возвишеното и убавото паралелно постојат и постојано се случуваат.

Во почетниот импулс, во зачетокот на еден бран-
импулс-инспирација, убавото и возвишеното се едно, како едно чувство кое се еманира од Духовното Срце. Сите патишта кои ни изгледаат многу долги и тешко проодливи кога ќе ги погледнеме низ призмата на Духовното Срце се многу едностави, прави, широки, пространи, исполнети со многу Сонце, без завијувања.

Исто така, на крајот од креативниот процес, кога делото
е завршено и кога го восприемаме, повторно ги имаме тие две искуства - возвишеното и убавото пак како едно.

Возвишено и убаво може да се заменат со други две категории: апстрактно и органско. Токму овие две категории имаат централно значење во спомнатиот спис на Вилхелм Ворингер. Појавите кои младиот историчар на уметност ги идентификува, ги назначи, уште на почетокот на минатиот век, или, попрецизно, начинот на кој тој ги постави нештата во науката за уметноста, а тоа е една широка и длабока перспектива, е тоа што го направи ова дело толку значајно. Впрочем, тоа е спис за едно историско менување на афинитетот кон органското или кон апстрактното во развојот на ликовните уметности на разни цивилизации, народи и епохи...

Но „тежината“ на ова дело му ја дава Интуицијата. Интуицијата која го генерира импулсот за творење, човековата длабока потреба за уметност, внатрешната нужност која различно се манифестира во разни времиња и кај различни народи; тоа чувство за уметноста како психичка потреба, длабока психичка потреба, бескомпромисна во своето тежнение. Потребата на внатрешното битие да се достигне себеси, во суштина преку враќањето кон изворот, е она што како дух се проткајува во ова дело. Како човекот тоа го достигнува тоа себеисполнување, себесмирување, зависи од повеќе фактори, а најмногу од односот на тие две линии, органската и апстрактната, во уметничкиот израз, а во каков сооднос, во каква испреплетканост се тие две линии зависи од потребата на душата на уметникот (на народот) во тој момент, во таа епоха. Таа Уметност произлегува од внатрешна нужност и е таква каква што е и во никој случај не може да биде поинаква, бидејќи само како таква носи себеисполнување на битието, дали преку доминирање на органското уживање или смирување во апстрактното или во некаква синтеза на двете или во некаква чудесна испреплетканост. Едниот пол е чистото органско исполнување, кое се достигна со античката уметност и од Ренесансата до Класиката, на другиот пол Ворингер ги спомнува Египет и Средниот век, каде што апстрактната линија доминирала.
А, во минатиот век, па сè до денес, се случи кулминацијата и на апстрактното и на органското чувство!

Уметноста е хармонија паралелна со Природата.

И Животот е хармонија паралелна со Природата.

Бидејќи планетата Земја како екосистем е совршено место каде што човекот, низ испреплетканото чувство на органското и апстрактното, или на убавото и возвишеното, има шанса да го изгради својот свет како хармоничен живот. Планетата Земја содржи во себе сè што му е потребно на човекот да се исполни на енергетско-витално ниво, што понатаму е основа за градење на хармонија на духовно ниво. Планетата Земја или Природата или Геја како што некои научници ја нарекуваат, е незаменлива, еден вистински жив организам, а ние сме дел од тој организам. Таа е жив организам со безброј тајни, кои постепено ќе ни се разоткриваат во епохата што доаѓа. Кога тој голем организам не е здрав и ние не сме здрави и имаме помалку шанси да го изградиме својот свет на здрави темели.

Животот како хармонија паралелна со овој екосистем е уметност, бидејќи во него на чудесен начин се проткаени виталната димензија и духовната димнзија. Со овој цитат од Кришнамурти најдобро ќе се опише она на што мислам кога велам Хармонија паралелна со Природата:

„Тоа утро морето беше како езеро или огромна река: без бран, и толку мирно што можеше да го видиш отсјајот на ѕвездите, гребенот и далечните светла на градот. Кога сонцето се појави на хоризонтот, врз азурното небо создаде позлатена гора, и беше извонредно да се види оваа светлина... како ја освојува земјата и секој лист, секоја тревка.

Додека ја набљудуваш таа глетка, големо спокојство
навлегува во тебе. Исто така и умот станува многу мирен, без никаква реакција, без ниедно движење... чудесно доживување е слушањето на оваа бескрајна неподвижност... А, „слушање“ не е соодветен збор. Оти квалитетот на оваа тишина, на оваа неподвижност, не се слуша од умот, тоа е надвор од умот. Умот може да конципира, формулира или планира за иднината, но оваа неподвижност е над неговиот обем, над имагинацијата, над желбата. Толку си неподвижен што твоето тело станува дел од земјата, дел од сè она што е неподвижно...

А кога едно благо ветерче ќе пирне од ридовите растреперувајќи ги листовите, оваа неподвижност, оваа извонредна тишина, не е вознемирена. Куќата е меѓу ридовите и морето, гледа накај морето. И додека го гледаш Тоа Море, толку мирно, ти постануваш навистина дел од сè. Ти си сè. Ти си светлината, и убавината на морето. Но и да се каже „ти стануваш дел од сè“ е погрешно: зборот „ти“ е несоодветен, бидејќи реално тоа не си ти. „Ти“ не постоиш. Постои само таа неподвижност, Таа Убавина, Тоа Извонредно Чувство на Љубов...“

Придобивките на уметноста од XX век, кои даваат плод во XXI век, прво, низ квалитативно променета свест, второ, низ делото, дали уметничко, дали животно, ја поставуваат таа нова перспектива во претставувањето на нештата, во восприемањето на себеси и светот и во комуникацијата со Другиот. Гордиевиот јазол на егоцентризмот е исечен / расплеткан со мечот на себеспознанието. Земјата и понатаму е иста, светот и понатаму е ист, ние сме исти, а... потполно различни.

Нагонот за поседување, алчноста, ја уништува планетата, и го деградира човекот, а безусловната љубов кон креацијата ќе ја спаси планетата. Тоа се однесува на сè во нашитe животи. Би рекла, тоа е врвната филозофија која ние луѓето треба да ја сфатиме ако сакаме, прво, да опстанеме, а потоа и да напредуваме.

Затоа она мое откровение, тогаш кога го набљудував езерото, кога цветаа багремите и кога сакав да го насликам, а бев немоќна, е целта на моето трагање. Бидејќи тогаш сфатив дека да го сакам езерото и природата и животот воопшто, оваа планета Земја, е најмногу што можам да направам, максимално што можам да направам. Да се сака безусловно е спасот за екосистемот и воздигнување на човекот. Со таква безусловна љубов се добива сила за да се дејствува понатаму со леснотија.

Безусловната љубов е новата парадигма.

*Иван Џепароски, Естетика на возвишеното

Фотографии: Преспа, Павле Миљовски (последната е на Т.М.)

ОкоБоли главаВицФото