Кредит

27.10.2014 11:28
Кредит

Еден од најомразените, но во секој случај најфреквентни финансиски феномени на денешнината е – кредитот! Ова „најомразен“ сфатете го условно. Обичниот народ го зема главно од принуда, бидејќи не може да живее од заработеното. Од слични причини го земаат и државите, но ако Македонија ја есапиме за сериозна држава со сериозна државна администрација, тогаш ќе го забележиме парадоксот – задолжувањето не се смета за принуден продукт на неспособноста да се заработи она што ќе се потроши, туку како голем успех на економската политика. Така беше и со најновиот кредит од 400 милиони долари од Светската банка, како и претходно со кредитите од Дојче банк, ММФ и другите финансиски институции.

Кредитот е, значи, заем. Сепак, овој интернационализам содржи нешто што го нема во македонскиот термин. Кредит, според речниците „се пари што некому се позајмуваат под договорени услови (краткорочен кредит, бескаматен кредит)“, односно „давање стока или пари на долг под одредени услови и со гаранции (да се даде на кредит)“. Со уговор или договор за кредит се воспоставуваат должничко-доверителски односи, при што доверителот, кредиторот, заемодавачот... верува дека она што го дал ќе му биде вратено под договорените услови. Латинскиот „credere“ значи токму тоа – да се верува.

Сепак, многу ретко се случува за кредитот да биде пресудно верувањето, односно довербата. Да беше така, тогаш не би постоеле инструменти за осигурување на кредитот (жиранти, хипотека, залог...), сите на штета на должникот, кој, покрај останатите услови, мора да се согласи и на овие инструменти. Кредитот, имено, секогаш е продажба на капиталот, при што каматите се заработувачка на оној што го има капиталот, односно на оној што со него располага.

Затоа кога бараме пари од пријател, тогаш велиме „дај ми на заем“, а ако од некого бараме кредит, тогаш е многу веројатно дека тој некој не ни е пријател. А уште поверојатно е дека нема ни да ни стане пријател откога ќе ни ги каже условите на кредитот.

Лихвата е варијанта на приватно, лично давање кредит, а лихварите важат за една од најомразените категории луѓе. Лихвата е законски забранета за да може државата да има монопол над продажбата на капиталот, односно самата да ја одредува лихвата (каматата). Се разбира, кредитната политика е важен дел од економската стратегија на една земја, па и на глобално ниво. Токму поради таканаречените ризични кредити, а ние би рекле ризични задолжувања, настануваат и толку актуелните економски кризи.

Владејачката номенклатура во Македонија е една од ретките која тврди дека државата не е во економска криза, иако поголемиот дел од населението не може да се сложи со ова тврдење. И натаму, Македонија е една од ретките земји која тврди дека има многу пријатели во светот, што не може да се аргументира со ниту една од неуспешните македонски претензии во меѓународната политика, освен со фактот дека постојат уште некои институции кои се подготвени да ни дадат кредит и да веруваат дека земјата ќе може да го врати. Или барем да ги враќа каматите. Наспроти ова, банките, овие нашите, без оглед дали се подготвени да ви дадат кредит или не, во народот никако не се перцепираат како пријателски институции. Напротив.

Слични содржини

Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења

ОкоБоли главаВицФото