Македонија мора да биде идеја

17.11.2014 11:20
Македонија мора да биде идеја

Македонија не може да биде само обична држава; Македонија мора да биде и идеја. Македонија мора да биде идеја што ќе нѐ обединува дома и која ќе нѐ помири со другите народи на Балканот. Македонија мора да биде идеја за слободата. Разнолика по својот карактер, дом на различни етнички групи, јазици и религии, Македонија мора да биде слободна и демократска. Затоа, првиот чекор кон таа цел е да научиме да правиме разлика помеѓу демократијата и слободата. Демократија е кога два волка и едно јагне гласаат што ќе имаат за ручек, а слобода е кога јагнето има инструменти да ја оспори одлуката, пишува пред повеќе од две столетија Бенџамин Франклин.


Наш голем недостаток, впрочем како и на сите нелиберални или неслободни демократии, е отсуството или окупацијата од страна на власта, на инструментите за заштита на човековото достоинство: политичките слободи, владеењето на правото, контролата врз власта, слободниот печат, човековите права...

Со овие западни вредности, несвојствени за нашата авторитарна традиција, имаме мака, зашто бараат од нас да бидеме морални личности и да му се спротивставиме на нашиот ориентален ум. Со демократијата е лесно: ни го нуди принципот на мнозинското владеење, но не повеќе од тоа. Најмалку, од сѐ, ја штити слободата. Од кого? Па, од постапките на власта, на мнозинството, се разбира! Всушност, повторно несвојствено за нашата автократска историја, самата идеја за слободата на Запад настанала како борба против самоволието на владетелите. Потоа, со ширењето на избирачкото право, растел стравот и од демократијата. Четвртиот претседател на САД и творец на американскиот устав, Медисон, бара решение за ситуации кога „едно мнозинство... обединето од заеднички интерес или заедничка страст не може да биде спречено да го репресира малцинството“.

Системот во кој се заштитени правата на оние што се во малцинство, големите мислители од минатото го нарекувале „република“.

„Републиката“, исто како и „демократијата“, почива врз владеењето на мнозинството, но само до определена точка. Објаснувањата се толку едноставни и толку разумни – толпа спремна да линчува е „демократија“, и не е голема утеха што човекот ќе биде линчуван со мнозинство гласови.
„Република“, од друга страна, го спасува човекот и му овозможува фер-судење со сведоци и во негов прилог. Значи, „слободата“ се брани и од „демократијата“ преку ограничување на власта на мнозинството со јасни механизми, кои ја земаат формата на овластувања и процедури. Со тие пропишани овластувања и процедури, „републиката“ ѝ става на власта лисици на рацете за да не може да доминира со нашите животи како што ќе посака и каде што ќе посака. Така разбраниот однос помеѓу демократијата и слободата, објаснува зошто мислењето на Здружението на архитектите за тоа како треба да биде уреден центарот на Скопје, на пример, е поважно од мислењето на секакво мнозинство освоенo на демократски избори. Или, зошто ставот на архитектот Петар Муличковски за своето дело, е поважен од ставот на која било влада на Република Македонија.

Ете зошто во Македонија може да имаме демократија, како владеење на мнозинството, но да немаме слобода, како право да се оспорат одлуките на мнозинството. Отсуството на механизми за оспорувањето на волјата на мнозинството, меѓу кои особено важна улога имаат независниот судија и слободниот печат, е главниот дефект на нашиот политички систем. Покрај дефектот во главите на оние непристојните, слабообразовани, насилни и корумпирани политичари и интелектуалци, кои доминираат со македонското општество од независноста до денес.

Извор: Плусинфо
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото