Контролен (про)тест и за Иванов

24.11.2014 01:55
Контролен (про)тест и за Иванов

Со ништо предизвикан, во врска со студентските протести се јави и професорот Ѓорге Иванов, овој пат од функцијата претседател на државата. Во обраќањето од Ново Село прво ја потсети нацијата, која изгледа заборави дека тој како претседател, но и како универзитетски професор, секогаш посветувал внимание на сите предизвици со кои се соочуваат младите, а потоа побара: „Треба да се слушне гласот на студентите и да се разговара за сите нивни сознанија и ставови. Да се поттикне дијалогот со надлежните институции, за да можеме сите да имаме корист од овие промени“.

И по ова, како и по речиси секое јавување на претседателот, нацијата се потсетува на сознанието дека е многу подобро и покорисно и за него и за сите кога го нема, кога си молчи. Студентите повеќе од два месеца се соочуваат со најголемиот предизвик за нив - со контролниот, екстерен тест што неговите „надлежни институции“ упорно на сила, со директива, сакаат да им го наметнат. Исто толку време Иванов го немаше нигде, не им посвети никакво внимание, ни како професор ни како претседател. Не побара да го слушне нивниот глас, уште помалку да разговара со нив „за сите нивни сознанија и ставови“. Бидејќи никој ништо не очекува од него, никој и не му замери за вниманието. Но, за лошото не треба многу. И покрај невидените напори на провладините медиуми да го скријат настанот, Иванов, сепак дознал (државна тајна е како) дека далеку од Ново Село, во некој од многуте универзитетски центри, протестирале студенти.

Не е проблем што претседателот дал изјава, туку тоа што кажаното ептем му доликува.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња