Навивачките групи како паравојски

26.11.2014 15:52
Навивачките групи како паравојски

Спортските новинари радо користат воена терминологија.

Тие зборуваат за „тотална офанзива“ на домашниот тим, „бункерот“ кој го поставиле гостите, „снајперистите“ кои погодуваат тројки, „армијата“ навивачи, „воената состојба“ на стадионот. Понекогаш нивниот јазик е неподнослив: понекогаш како да ја пренесуваат опсадата на Сталинград, а не меч од Лигата на шампионите.

Но и тоа е подобро отколку да користат термини од квантната физика. Зашто за војната човек знае по нешто.. Оние кои сè уште не знаат, ќе научат. Долг е животот, а оној кој имал несреќа да се роди, па уште и овде, ќе закачи барем две војни.

Баш како војна

Најпосле, спортот однесува човечки животи. Баш како војната.

Човек би помислил дека барем на луѓето на Балканот им е доста од војни. Но навивачките групи постојано се во војна: со другите навивачки групи, со полицијата, со управата на клубот...

Користат разна техника: од улични борби до диверзија.

Момците си играат војна.

Како изгледа вистинската војна, дека нема ништо привлечно во неа, можеле да ги научат татковците. Тие кои се вратиле од своите војни.

Но татковците се зафатени со одбрана на својата вистина за војната, бидејќи непријателот не престанува да ѝ се заканува на таа вистина. Која не се однесува само на војната. Туку и на нивната нација и вера. Нивниот идентитет, што би се рекло. А нашиот човек е таков: можеш да му чепкаш во паричникот, но не му го чепкај идентитетот.

Затоа нашиот човек има сè помалку пари, а идентитетот му е сè поширок и поцврст, машала.

И навивачките групи, и тоа како, се дел од приказната за идентитетот. Како и нацијата-држава, и тие имаат свои знамиња, химни, историја и митови.

Навивачките групи не веруваат во дипломатија. Тие ги засноваат своите односи со другите групи на провокации и судири. Мирно решение на спорот не е опција. Чудна е навивачката етика. Навивачите на Будуќност од Подгорица ми раскажуваа дека тие го скандираат баш она што најмногу ќе го разлути непријателот. На пример, одат во Грбаљ покрај Котор, крај чиишто мештани се сметаат за срж на српството - за да не им ја препуштат таа звучна титула на оние од Романија. Значи, одат „Варвари“ во Грбаљ па таму скандираат: „Ова е Хрватска“.

А некои од тие „Варвари“ притоа носат маици со ликот на Радован Караџиќ, толку е силно нивното хрватство.

Она што е морбидно во смртта на навивачот на Црвена Звезда, прободен со нож во грбот во Истанбул, не е само тоа што неговото убиство е безумен, беспричински чин, туку и тоа што сите добро знаеме дека не е последно. Навивачките воени игри ќе продолжат.

Фактот дека по убиството во Стамбол по телефон разговараа српскиот и турскиот премиер сведочи дека државите Србија и Турција ја сфатиле сериозно таа работа. А како да не ја сфатат?

Меѓусебни обвинувања за тероризам

Младичот е мртов, а тренерот на Галатасарај и српскиот конзул во Истанбул по мечот разменија обвинувања за тероризам. Најпрво турскиот тренер изјави дека српските навивачи се терористи, за српскиот конзул на тоа да одговори дека терорист е тој - турскиот тренер. Па државата Србија го прогласи турскиот тренер за непожелен на својата територија.

Како и во „случајот со албанскиот дрон“, соодветно на старото непишано балканско правило кое гласи „колку страни во судирот, толку вистини за судирот“, за она што се случи пред салата „Абди Ипекчи“ веќе постојат постојат две верзии: овој пат тоа се српската и турската.

Српската страна инсистира на тоа дека турските навивачи ги нападнале српските и притоа го убиле Марко Ивковиќ. Турските медиуми го пренесоа извештајот на тамошната полиција според кој пред салата во која се играше натпреварот меѓусебно се судриле српските навивачи, па Ивковиќ, да кажеме така, настрадал во братоубиствен судир.

Воочуваме дека не само навивачките групи функционираат како (пара)војски (со синџир на команда, на чие чело понекогаш, како порано Аркан, има човек кој буквално предводи и паравојска, па како во деведесеттите во Србија, се губи секоја разлика помеѓу навивањето и војувањето), туку и клубовите функционираат како држави. Па потоа, како што нашите држави ги бранеа своите воени злосторници, овие ги бранат своите екстремни навивачи: демек, се случува да претераат, но тоа е од голема љубов кон својот клуб/нација/држава.

Како и сите колективни идентитети, и оној навивачкиот е само бедна компензација. За секој што со цврста верба ни зборува за разни „ние“ имам само едно прашање: а дали си сигурен дека го знаеш одговорот на прашањето „кој сум јас“? Мислам, ти, надвор од групата. Мислам: ти, сам со себе.

Еднаш со режисерот Горан Девиќ разговарав за тоа зошто луѓето трошат пари во спортски обложувалници. Ми ги отвори очите кога ми рече: тоа е ситна пара за она што го купуваш - илузија дека си во игра и парче, колку и да е мало, надеж. Слична работа нудат и оние кои управуваат со разни „ние“ - илузија на гордост, исклучителност, победа, сила. Но...

Масата е секогаш најлоша

Ако убиецот на Марко Ивковиќ не беше во маса, денес Ивковиќ ќе беше жив, а тој немаше да биде убиец. Во масата тој се осмелил да го направи она што можеби го сонувал но, судејќи според сè, не би се осмелил да го направи надвор од масата.

Во масата она што е добро кај поединците кои ја сочинуваат се губи, а се насобира она што е лошо.

Затоа масата сочинета од најдобрите е иста како и масата сочнета од најлошите: масата е секогаш најлоша.

Извор: Al Jazeera Balkans

ОкоБоли главаВицФото