Пасош

01.12.2014 02:54
Пасош

Најблаго речено чудните реакции на официјалните власти по отворањето на аферата со домашната работилница за „производство“ на пасоши, во стилот на „бркањето на мувата од капата“ оставаат, не толку недоумици, колку реални сомневања дека сторијатата на неделникот „Фокус“ за исчезнувањето на апаратите за биометрички документи, која кулминираше токму со „пасошката афера“, не само што не е без основа, туку сериозно ја загрозува и онаа мала легитимност што оваа власт ја имаше. Изјавите на високиот функционер на МВР Иво Котевски (секој можел да собере пасоши од семејството и да ги сними!?), на министерката Јанкуловска (никој не е оштетен), на партијата на власт (кориците на пасошите можат да се купат како разгледници на секоја тезга), дадени експресно по објавувањето на спорниот видео-материјал, како и молчењето на Јавното обвинителство, доведуваат до заклучок дека станува збор за основани сомневања за сериозен организиран, односно државен криминал. Особено ако се земе контекстот и на чудните лични карти пронајдени на претходните локални избори.

Пасошот, се разбира, првенствено е – патна исправа. (Во нашиот случај и валиден доказ за идентификација на гласач). Пасошот е документ што го издава владата на една држава, а со кој се потврдува идентитетот, државјанство (поретко и националноста) на неговиот носител и служи како доказ за легално поминување на границите. Самиот збор „пасош“ во македонскиот (во слични варијанти и во другите словенски јазици) е дојден од англосаксонскиот „passport“, кој пак води потекло од средновековниот француски „passeport“ (од времето на Луј XIV), кованица на „passere“ (проаѓа) и „port“ (порта), документ што морале да го имаат оние што ги поминуваат градските ѕидини. Иако некои варијанти на пасош се споменуваат уште во Библијата, сепак неговата задолжителна употреба се воведува дури за време на Првата светска војна, како мерка на безбедност. Еве и еден куриозитет, британскиот монарх (во случајот кралицата Елизабета) е единствениот човек во светот кој не мора да има пасош за да патува по светот (не знам дали може и да гласа на избори без докумнети).

Деновиве помина 29 ноември, Денот на Републиката, односно на создавањето на некогашната татковина, што беше повод многумина со носталгија да се потсетат на југословенскиот пасош, документ со кој можеше да се патува без виза дури и во САД. Повозрасните помнат дека цената на југословенскиот пасош на црниот пазар изнесуваше неколку илјади тогашни марки или долари, така што беше вистински проблем ако го имавте тој малер да го загубите овој докмумент. За жал, македонскиот пасош ни приближно не е на таа цена. Впрочем, дури и официјално може да се добие релативно евтино (случајот со семејството на Субрата Рој). Затоа прашањето кој и зошто би ризикувал во домашни услови да произведува македонски пасоши има само еден одговор: само партија (или власт, бидејќи кај нас државата и партијата се изедначени) и само за избори. Во некоја политичка држава оваа афера би била многу повеќе од доволен мотив да се ангажира комплетното обвинителство, севкупната јавност и сите политички личности во нејзиното целосно расчистување. Во некоја не политичка, туку полициска држава веројатно би реагирале како што реагираат и кај нас.

Ние очигледно не сме политичка држава.