Непожелните граѓани на Русија

03.12.2014 14:46
Непожелните граѓани на Русија

На уличните настани има сè повеќе противници, на кои законот им даде крила: „Такви работи не се случуваа пред донесувањето на законот за геј пропаганда. Луѓето не се грижеа толку за ЛГБТИК настаните“.

За разлика од повеќето западноевропски паради на гордоста кои ја изгубија својата политичка острица и се претворија во комерцијални спектакли, парадата во малото место Висбуј на шведскиот остров Готланд тежнее да биде токму политичка. Готланд Прајд, на кој ова му е трета година ја гради својата програма врз соработка со уметници и активисти од цела Европа и пошироко кои овде имаат можност да ги разменат своите искуства. На островот оваа година дојде и Наташа Шастнева од Санкт Петербург. Тука ги покажа своите фотографии на квир лица од Русија, но зборуваше и за искуството од животот во Русија каде веќе три години е на сила законот против геј пропаганда, денес преименуван во закон против пропаганда на нетрадиционални вредности меѓу младите. Во Санкт Петербург Наташа работи на Државниот универзитет, а во слободно време како фотограф ја документира својата ЛГБТИК заедница.

Наташа има андрогин изглед и не сака родово да се определи, ниту како жена, ниту како маж. Во рускиот јазик не постои неутрален род за човечко лице, па таа се согласува за неа да се пишува во женски род, иако не се чувствува како жена, барем не исклучиво. „Пасошот вели дека сум жена, но јас не се идентификувам така. Верувам дека во мене има многу повеќе идентитети, како женски така и машки“, објаснува Наташа. А тоа денес не е баш пожелно во Русија. На работа често слуша негативни коментари за тоа: „Кога луѓето ќе дојдат во мојата канцеларија бараат жена, а мојот изглед не им се вклопува со претставата што ја имаат. Веројатно не им изгледам доволно женствено.“

Инаку, тоа не ја загрижувало премногу, но оваа година осамнал графит на ѕидот под нејзиниот прозорец и потоа почнала посериозно да размислува за последиците кои може да ѝ ги донесе нејзиниот изглед и родовиот идентитет. „Не е баш најјасно што пишува на графитот, но би можело да се протолкува како 'лезбејка'. Сфатив дека морам да бидам внимателна, откако е на сила законот за геј пропаганда, луѓето сакаат да го пикаат носот во животот на сите кои им се чудни. Едноставно не се чувствувам безбедно и слободно во градот.“ Таа вели дека законот не ја згаснал ЛГБТИК сцената во градот, но дека сè се одвива со повеќе внимание и поскриено. „Законот ја означи нашата заедница како непријател на руската традиција и ги охрабрува луѓето во нивната омраза“, раскажува Наташа и додава дека со законот во Санкт Петербург се појавила и радикалната група „НКО Действие“ (непрофитна организација Дело) чија цел е да ги разоткрие геј поединците, а посебно внимание е посветено на наставниците, бидејќи законот изрично вели дека пропагандата не смее да се врши врз деца. Некои поради тоа веќе ја изгубија работата. На шега додава дека на нивните страници може да се најде најцелосната програма на ЛГБТИК настаните во градот бидејќи следат сè.

А таа програма се состои од забави, фестивали, но и улични демонстрации. Сите забави се од затворен тип, таму се доаѓа исклучиво преку познати лица. Со фестивалот проблемот е малку поголем, настаните се јавни, па чести се заканите и дојавите за бомби поради кои програмата често се прекинува. На уличните настани има сè повеќе противници, на кои законот им даде крила: „Такви работи не се случуваа пред донесувањето на законот за геј пропаганда. Луѓето не се грижеа толку за ЛГБТИК настаните“.

Во таква ситуација, каде целата сцена полека ја губи видливоста, Наташа се решила да ја документира. Сè почнало спонтано, имала апарат и фотографирала. „Не можев да направам ништо друго, ова е единствена трага за нашето постоење“, ја објаснува таа својата потреба за документирање.

Претставуваме дел од фотографиите на Наташа, како од квир лицата во Русија, така и од нивните противници на улиците.

Извор: pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото