Единствениот азил за кучиња во Иран

16.12.2014 12:34
Единствениот азил за кучиња во Иран

За кучињата и љубителите на кучињата, Иран е едно од последните места на светот во кои би сакале да бидат. Уличните кучиња ги убиваат шинтерите, а сопствениците ги кријат своите миленици во домовите, бидејќи шетањето со кучиња низ град е забрането и во тој случај полицијата би можела да им го одземе миленикот и да им наплати казна од три илјади долари, а конзервативните власти гледаат на најдобриот пријател на човекот како на „лошо влијание од запад“. Со закон е забрането и кучето да „ѕирка“ низ прозорецот од автомобилот на сопственикот.

Сопственикот кој полицијата ќе го затекне како шета куче има десет дена да се ослободи од животното или тоа ќе му биде одземено, по што му се губи секаква трага, а се соочува и со казна од 74 удари со камшик.

И покрај тоа, засолништето за кучиња во предградието на Техеран сепак успева да опстане, благодарение на волонтерите и волонтерките кои се грижат за стотици кучиња кои имале малку повеќе среќа. Азилот Вафа е дом за повеќе од 500 кучиња, кои таму имаат топол оброк, многу простор за трчање и добри луѓе кои се грижат за нив и доаѓаат таму за да си играат со овие животни. Отворен е во 2004 година благодарение на една фондација и до денес останал единствено засолниште за животни во цел Иран.

„Во нашето општество кучињата се најзагрозени животни. Овде, во нашиот азил, доаѓаат кучиња кои едвај преживеале на улица“, вели Али Сани, менаџер на засолништето.

Азилот не смее да ги поттикнува граѓаните да доаѓаат да ги шетаат кучињата и да си играат со нив, но властите целосно го толерираат ова место, најмногу затоа што волонтерите од азилот ги тргаат кучињата од улиците на Техеран и ги стерилизираат оние кои остануваат. Финансиски, ова место опстојува со помош на приватни донации и неплатена работа на љубителите на животни.

Вафа тешко наоѓа дом за кучињата, но сепак успева месечно да вдоми во просек по шест кучиња. Освен што поседувањето куче не е пожелно во Иран, дополнителен проблем е и тоа што повеќето Иранци би сакале некакво расно куче, а не мелез. Вафа настојува да ја промени свеста и по ова прашање.

„Сакаме да им покажеме на луѓето дека кучињата кои ги гледаат на улиците можат да станат нивни најдобри пријатели“, вели Афсанех Зарин, волонтерка задолжена вдомување на кучињата.

Наградуваниот фоторепортер на агенцијата AFP Бехроуз Мехри и фоторепортерот на AP Вахид Салеми ни овозможуваат увид во ова единствено место во Иран, каде владее љубовта на човекот кон кучиињата и каде се оправдува пријателството меѓу човекот и кучето.

Извор: www.vafashelter.com