Нападот во Париз е и напад врз духот на толеранција

08.01.2015 12:09
Нападот во Париз е и напад врз духот на толеранција

Овој напад не дојде сосема неочекувано. Сатиричниот магазин „Шарли Ебдо“ уште во 2009 година ги објави карикатурите на Мухамед од данскиот весник „Јуландс Постен“, кои ги разбеснија муслиманите ширум светот. Тогаш беше изведена цела низа напади во исламските држави врз данското и дипломатските претставништва на други западни земји.

Во 2011 година беше запалена зградата на редакцијата на „Шарли Ебдо“ во Париз. Тоа не го спречи магазинот и натаму да објавува статии и карикатури на Мухамед и исламот, меѓу другото, и во посебното издание „Шеријат“, каде главниот уредник се потпишува како „Мухамед“. Веројатно не е случајност ни тоа што на насловната страница на најновиот број на магазинот има карикатура на Мишел Уелбек. Овој писател тукушто го објави романот „Покорност“ околу кој се водат жолчни дебати, зашто пишува за Франција на чие чело е претседател муслиман.

Муслиманите немаат посебен третман

Смее ли некој магазин да се шегува со верата и нејзините светци? Секако дека смее, во рамките на законите на земјата. „Шарли Ебдо“ секогаш одново на заб го земаше и папата и победуваше во сите судски спорови со католичките организации. Католиците се можеби бескрајно лути поради шегувањето со папата, но и тие ја прифаќаат таа слобода.

Тука не смее да се меша ниту владата. Од оправдани причини тогашниот дански премиер Андерс Фог Расмусен ги одби сите иницијативи за забрана на таквите „сквернавења“, како што муслиманите во дел од светот ги оценуваа карикатурите на Мухамед. А една држава очекува од сите нејзини граѓани да можат да ја издржат критиката. Мислиманите тука не можат да уживаат некој посебен статус.

По овој стравотен напад, сега се прави обид за повикување на луѓето на воздржаност: „Вие, сатиричарите на исламот, немојте да претерувате, бидете малку мирни. Не сакаме овде некоја верска војна.“ А токму тоа е она што го сакаат овие терористи, доброволно одрекување и ограничување на слободата. Таквата уцена не смее да функционира.

Без оглед на сè, можеме да се наежиме при помислата какви последици ќе има овој напад. И онака големата напнатост меѓу етничките групи во Франција сега ќе биде уште полоша. Во Франција има голем број граѓани со муслиманска вера. Многумина од нив се невработени и живеат на маргините на општеството. Во некои квартови веќе ни полицијата не се осмелува да влезе.

Од друга страна, екстремно десничарскиот Национален фронт подбуцнува против странците и особено против муслиманите. Оваа партија на изборите за Европскиот парламент лани освои мнозинство гласови од француските гласачи. Сега тие гласачи ќе се чувствуваат дека се во право. Ќе расте отпорот против исламот, исто така и бесот меѓу муслиманите. А тоа е маѓепсан круг кој води право во пеколот.

Терористите ќе го победат и национализмот

Последиците нема да ги почувствува само Франција. Практично, во сите земји на ЕУ минатите години зајакнаа партиите кои заговараат непријателство кон странците. Сега сите тие ќе речат: „Гледате, муслиманите не припаѓаат овде. Тие не можат да се интегрираат.“ Ова злодело на ситно малцинство во рамките на едно малцинство набрзо ќе биде етикета за целата религија и сите нејзини верници.

И во Германија со нејзината популистичка Пегида и „одбраната на Западот“ некои лесно ќе се идентификуваат со опасноста од наводна исламизација. Не смееме да се залажуваме, соживотот нема да стане полесен. Затоа е дотолку поважно да ги зачуваме главите ладни.

Да, ова е ужасен напад врз нашата слобода кој со ништо не може да се оправда. Нема да дозволиме некој да ни ја одземе таа слобода. Но, исто така, не смееме да дозволиме некој да ни го одземе и духот на толеранција. Нема никаква причина сега да се сомневаме во сите муслимани или во можноста за соживот.

Извор: Deutsche Welle