Бомби фрлени врз Гујо и Сасо

13.03.2015 15:29
Бомби фрлени врз Гујо и Сасо

Слушајќи го Груевски како упорно ја повторува апсурдната приказна за измислениот пуч и непостоечката инвазија на странските разузнавачки служби, се сетив на вицот што некогаш одамна бил креиран по мерка на партизаните и четниците, а во деведесеттите, во босанската гибел, улогите ги преземаа Мујо и Хасо. Демек, тие двајцата како бошњачки борци, биваат опколени на еден селски имот од српските четници. Барајќи очајнички засолниште, Мујо го здогледува бунарот во задниот двор и му предлага на Хасо да се скријат во него. А, Хасо, и во паника обдарен со инженерски ум, му забележува дека ќе бидат сигурно откриени доколку четниците разговараат над бунарот, зашто тие двајцата со своите тела ќе го задушат природното бунарско ехо. Тука Мујо доаѓа до единствената спасоносна идеја: ако некој зборува над бунарот, тој – Мујо – ќе го имитира ехото повторувајќи ги речениците на говорникот. Со ова решение, двајцата скокаат и се примируваат на дното на бунарот. Како за инает, кога четниците го заземаат имотот, нивниот командир се налактува на бунарската ограда, пали цигара и почнува да наредува каде неговите борци да ги бараат Мујо и Хасо. „Пребарајте ја избата“ – наредува тој, а Мујо повторува: „Пребарајте ја избата...“, потоа: „Одете на таван“, а Мујо од доле: „Одете на таван“... И така, командирот продолжува да ги праќа борците наваму-натаму по селскиот имот, додека Мујо се поти во смртен зорт и верно ги повторува наредбите од горе. На крајот од неуспешното барање командирот се замислува и ги прашува: „А, погледнавте ли во пченките?“, додека од доле доаѓа екотот: „А, погледнавте ли во пченките...“. Кога четниците пребарале и во пченките, и со празни раце му се вратиле на командирот, тој наредува: „Ништо тогаш, се спасија Турците... Ај, фрлете две бомби во бунарот и да се чистиме од тука!“, а Мујо ужаснат повторува: „А, погледнавте ли во пченките...?!?“.

Фасцинантен виц, нели? Со каква несознајна поетско-комична формула е врзана една потполно надреална карикатура со една длабоко хумана, дури рефлексна психолошка реакција која секој човек ја препознава некаде длабоко во себе? Мујо, кутриот, наместо механички да ги повторува зборовите на злата и несопирлива судбина, проектира една претходна, поповолна ситуација, значи, во себе креира лажна стварност и на трогателно инфантилен начин се обидува да ја убеди таа да се усогласи со неговата верзија. Со очаен грч на голата имагинација, тој сака да го направи неможното: да го врати времето и да и сугерира на судбината друг тек на настаните, каде што се уште постојат - колку и да се мизерни – изгледите за неговото спасение.

Практично идентичната врска помеѓу нереалното комично и стварните универзалии на човечката психа, можеме да ја забележиме и во нашата денешна општествена трагедија. Во забавеното темпо на вицот за внатрешниот пуч помогнат од надворешните разузнавачки служби, ние наместо измислените Мујо и Хасо ги имаме нашите вистински Гујо и Сасо. И, исто како во вицот, соочен со бомбите што го означуваат крајот на неговата гангстерска државна конструкција, очајничкиот рефлекс на Гујо, повторувајќи ја апсурдната глупоштија за пучот и повикувајќи се на (окупираните) институции на државата, сака да ја врати судбината назад - во една претходна, за него поповолна состојба. Буквално исто како во бурлескната бунарска драма со Мујо: со лажното ехо на повторуваната лага и нашиот Гујо сака да ја возврати и одржува состојбата кога можеше да ѝ се обраќа на јавноста (и да се повикува на неговите бандитски институции) без да биде јавно исмеан, поплукан и понижен.

Но, тука завршуваат аналогиите помеѓу бунарскиот виц со Мујо и Хасо, и политичкиот бунар на Гујо и Сасо. Зашто, времето во вицот е прекинато во моментот на комичниот климакс, па публиката е лишена од трагичните сцени кои би биле неминовни во замисленото продолжено дејство на приказната. Спротивно на комичната фикција, во нашата грда реалност времето несопирливо ја претвора фикцијата за пучот и странските служби во политички бунар како метафора за темницата на политичкиот безизлез во кој автократската себичност и ароганција на Груевски ја турка сè подлабоко и подлабоко целата земја. Се разбира, тоа не значи дека нашата одвратна политичка реалност, креирана од еден простачки и арамиски авторитаризам, ќе нè лиши од дневните дози на трагичниот хумор на апсурдот на кои нè навикна.

Еве, вечерва, додека ги пишувам овие редови, гледам како нашиот Гујо, мајсторот на контрадикторните детски лаги, на новинарското прашање за коментар на странските реакции во кои се изразува загриженост од растечката политичка криза во земјава, изјавува дека странците мора да се погрешно информирани за состојбата во Македонија. Хахаха! Авторот на монструозната шпионска афера во која странските разузнавачки служби со години ја „растураат“ библиската земја и непречено го прислушуваат државниот врв, опозицијата, новинарите и уште 20.000 граѓани, убедено изјавува дека истите тие биле слабо информирани за состојбите?!?

Смеата ќе ни помогне, како некогаш песната, и затоа сум ѝ благодарен. Може да се рече дури, дека најразорното дејство на „бомбите“ што опозицијата ги фрли на режимот е токму во областа на перцепцијата на комичното и апсурдното. „Бомбите“ дадоа клучен придонес во демистификацијата на авторитарниот режим на Груевски, кој владее со измами, закани, уцени, застрашување и егзистенцијален притисок врз населението, а смеата е најсилното оружје против стравот. Сега, кога сите видовме дека се работи за една обична улична банда на прости, злоради и алчни човечиња, што со земјава управуваат како со гангстерска територија; сега, кога мистификациите за „страшната организација“ на ДПМНЕ, за „моќната дисциплина“, за „странските советници“ и други чаршиски пропагандни „магли“, стана предмет на општо гадење, подбив и смеа; сега ќе биде полесно да се стори она што е неопходно за да се врати слободата и демократијата во Македонија.

За жал, иако од голема помош, смеата и подбивот се убиствени само за луѓе со образ, чест и достоинство, а бандата што со измама ја окупира македонската држава овие својства не ги поседува. Затоа, не смееме да заборавиме дека за соборување на нелегалната авторитарна власт, ќе мораат да се употребат многу поексплицитни и „потврди“ политички средства отколку што се тоа зборот и шегата.

П.С. Во темното политичко дно на нашиот бунар никој не е поштеден од стапиците на апсурдот, зашто барањето Груевски и неговата банда да дадат оставки е вистинско contradictio in adjecto – спротивно на самото себеси. Оставка е институционално демократска постапка што во функционалните демократии се употребува од страна на демократските политичари. Како можеме од еден нелегален и криминален режим да бараме да се повлече во манирот на највисоките демократски стандарди?!

Извор: Слободен печат