Слободарска политичка структура

25.03.2015 11:48
Слободарска политичка структура

Мислам дека психолозите би требало да ни објаснат малку поопширно што е лудилото. Знам само дека тоа е нешто спротивно на разумот, состојба кога е прекината врската со оној дел од умот кој просудува логички (душевна болест изразена со губење на разумот, од мак. речник). Во лудило сме кога си проектираме нешто така виртуелно, си правиме конструкција од разни елементи од несвесното или од некои желби кои немаат врска со реалните можности, и кога веруваме дека тоа е стварност (силна обземеност од некого или нешто, од мак. речник). Прво „снимаме филм“, потоа го проектираме упорно, упорно, и на крај сме самоубедени дека тој филм е нашата реалност.

Навистина, не се шегувам, тие веруваат дека оној нивен филм е стварност, без разлика на фактите. Фактите не се важни, важни се нивните проекции. И не само што самите се убедени во својата налудничава креација, туку и шират масовно лудило. Добро мафијашки се организирани и надарени со лукавост и расипаност. Трагично е што на некои луѓе егзистенцијата директно им зависи од нив. И затоа не е им е баш сеедно дали ќе опстане оваа власт или не. Другото, морал, етика, не се толку битни (во однос на преживувањето, за жал така е).

Така сега и со скандалот со прислушувањето. Исто како и со сè друго до сега. Тие навистина, ви велам, навистина веруваат дека шпионирале странски разузнувачки служби. И ако знаат дека се фикција, мора-да-ги-има (шпионите) затоа што таква е приказната, таков е филмот. Филмот и реалноста се помешана структура во нивните глави, сонот и јавето, нема граница меѓу едното и другото. Исто така сосема е небитно какви содржини откриваат снимките, бидејќи со моралот толку се ниско, значи толку се затапени, што не препознаваат праг. Значи и тоа е лудило. Според мене.

Ја гледавте ли „дебатата“ на МРТВ? Јас следев само еден дел и ич не ми беше јасно што се дискутира таму. А каков коментар да дадам кога сакото или ташната Шанел-ли-беше на Шекеринска се побитни од сите скандали од снимките што ни се презентирани до сега и ќе ни се презентираат до крај, без разлика? Каков коментар? (Ефект и резултат на проектот „Како систематски и долгорочно да се сотре опозицијата“ е манијачката опсесија која ни се всади дека опозицијата е сета во дефекти, додека оваа власт е просто совршена, меѓу другото.) Забележав дека Борјан Јовановски исто така внимателно следеше што зборуваат соговорниците и од момент во момент како да сакаше да се фати за некоја трунка логика, но таа постојано му бегаше, па на крај се реши да ги остави овие да зборуваат, а тој барем да извлече заклучок со каква категорија на луѓе си има работа.

Значи, стратегијата која треба да ја развива опозицијата, како широк фронт во коалиција со граѓанската заедница, треба да го има предвид и овој факт: лудилото во нашите редови! Ова е акутна состојба и ги молам докторите психијатри да ни помогнат како да се поставиме кон нашата голема трагедија и како да се справиме со неа.

Мислам дека не можеме да учиме од историјата. бидејќи нашиот случај е единствен и немало вакво нешто до сега. Имало слични појави, но во ваков склоп, не. Па затоа мораме да бидеме и многу внимателни.

Го замолуваме премиерот да си оди, да си поднесе оставка, додека е време, ако ја сака оваа своја земја Македонија, ако е за доброто на овој свој народ, му се обраќаме со такви некакви молби. Но, со тоа само потврдуваме дека немаме врска со нивната виртуелна реалност, и постојано го забораваме тоа. Ги слушате ли нивните говори на последните митинзи? И да не веруваат во тоа што го зборуваат, ТИЕ ВЕРУВААТ. БИДЕЈЌИ ТАКА МОРА ДА БИДЕ.


Значи после нив - потоп. Македонија, односно светот, не може да постои без нив како фактор-апсолутно-во-право. Со други зборови, тоа е облик на фанатизам. Кога не може да се прифати друг став, да не зборуваме за пораз.

И таа полиција што ја чува МРТВ. Којзнае како се уценети тие млади луѓе и што сè немаат добиено како наредба. Да не бидеме наивни. Од моќта, помешана со лудило и фанатизам, кога удира во глава, сешто може да се очекува.

Опозицијата конечно да се здружи со граѓанскиот сектор, како “организирана, демократска, слободарска, политичка структура“, “ општомакедонска, сенародна коалиција, со сите слободарски граѓани“ ( С. Пендаровски), коалиција со албанските опозицијски партии, и со другите етнички партии, со Форумот на слободоумни патриоти, со сите луѓе кои манифестираат разум, логика, конструктивност, смисла за правда пред сè, што е многу битно, да се усогласат и заедно да градат стратегија. Секој чекор да биде добро осмислен, без импровизации.

Колку што разбрав прво треба да се откријат сите скандали со „бомбите“, а потоа да се гради ваква слободарска структура, не паралелно? Не можело во исто време и едното и другото?

Тој концепт на спротивставување на стихијата со разумна општествена структура, можеби ќе води кон излезот од кризата.

А, инаку, демонот кој се крие во најмрачните вилаети на нашето битие е национал-шовинизмот. Тој е изворот на сите зла. Кога ќе се ослободиме од овој демон, победата ќе биде извојувана, еднаш засекогаш...

А склучениот брак-мрак од интерес во владејачката коалиција, како браковите во феудалното доба, е со цел секој да си биде господар на својата територија (од Македонија), еден на друг да не си се мешаат во „работите“, „до смрт“.

Нивниот слоган е „Не заедно за општо добро, туку поделени секој за своето, и по можност зграби што повеќе за себе лично“. Нашиот слоган треба да биде обратно: „Сите заедно за општо добро.“

На крај ова до ДОМ: кога такви стари платани, кои се дел од природниот амбиент, со длабока сенка за околината во летните месеци, ќе ги исечат во дворот на Св. Софија, ме боли бе, навистина. Исто како да го исечат дабот во дворчето на црквичката Св. Ѓорѓи над с. Курбиново, стар неколку века, исто како да го исечат чинарот, чемпресите околу манастирите Св. Наум и Св. Климент, кои се природна убавина и украс за дворовите. Се сече ли бе тоа бе? Тие луѓе, едноставно, мразат дрвја, мразат шума, мразат природа, мразат екологија.

И што сака и што треба да прави ДОМ, меѓу другото? Што е ДОМ, каква партија е ДОМ? Слепи и глуви луѓе како многу други во оваа несреќна земја?

Фотографии: Павле Миљовски, од изложбата “Мојата Македонија“

ОкоБоли главаВицФото