Колапсот на македонскиот остров

02.04.2015 14:14
Колапсот на македонскиот остров

Пред неколку дена во Скопје се случи момент на дефинитивно прекршување. На историјата сакам да гледам како на континуиран процес, исполнет со безброј резови, пресеци, стратификации. Иако човек за да поедностави, секогаш го става акцентот на тие моменти на прекршување, тие не секогаш, во самиот момент на случување, се толку видливи за современикот. На пример, нашата катастрофа тргнува од многу далеку, ќе има свој епилог, а историјата сепак ќе си продолжи со нас или без нас.

Но, да не филозофирам, моментот на прекршување, пред некој ден, беше сечењето на последните две дрва околу просторот кој порано го нарекувавме плоштад. Во историјата на нашата катастрофа исечени се илјадници дрва, уништени се бројни јавни простори и значајни урбани или рурални реалности, на природата и на општеството им се зададени безброј удари, но ова последно сечење носеше со себе еден епохален пресврт. Како лош омен, ни навести дека сме на чекор до колапсот. За прв пат во историјата на една европска земја, беа исечени дрва, не за се стави нешто ново на нивно место, туку за да се премести еден веќе постоечки споменик.

И толку ми беше доволно да се потсетам на судбината на луѓето од Велигденскиот Остров, и на поуката која ја извлекува антропологот-археолог Џаред Дајмонд во својата позната книга „Колапс“. Суштински, се работи за една анализа околу тоа како општествата избираат да изумрат или да продолжат да живееат. И како што ќе видите од приказната, тука не станува збор само за уништување на природните ресурси или јавните простори. Станува збор за тоа како општествата, односно, пред сè политиката, мислејќи само на своите цели, на своите финални цели, не избира средства во уништување на општеството. Сум пишувал и порано на оваа тема, за изчезнувањето на дистинкцијата помеѓу средствата и целите, односно, кога самите средства стануваат цел, а целите се претвораат во средства. Но, да не должам, ќе ја раскажам само тажната приказна, за која верувам дека многумина веќе слушнале благодарение на филмот „Рапа Нуи“.

Велигденскиот Остров, на самиот екстрем од Полинезија, се наоѓа на 3.700 километри источно од Чиле и бил откриен од страна на Европејците во 1722 година. Познат е по своите 397 мегалити, од кој еден ја достигнува неверојатната тежина од 270 тони, и кои претставуваат гигантски и енигматични човечки трупови, на чии врвови стојат камени цилиндри обоени во црвена боја.

Велигденскиот Остров, во моментот кога човекот прв пат стапнал на неговото копно, некаде кон крајот на првиот милениум, бил бујна и раскошна земја, покриена од шуми, богата со храна која растела на земјата, живеела во водата или летала на небото. Станал дом на неколку илјадници луѓе, поделени во дванаесет кланови кои живееле во мир и пацифизам. Кога пристигнале првите европски навигатори, пронашле само опустошена земја, каква што и ден денес е останата: комплетно исечени шуми, уништено и неплодно земјиште, каде преживеале едвај неколку стотини луѓе. Во 1864 година, кога европските трговци се симнале на копното, пронашле 111 индивидуи, неухранети и генетички дегенерирани.

Што ли им се случило, како ли можело такво нешто да им се случи?! Кој бил односот помеѓу тие огромни камени статуи и екстремната пустелија која ги опкружувала?!

Мистеријата на Велигденскиот Остров, како што е разбрана од страна на научниците, е една тажна и заканувачка приказна за тоа како општествата се способни самите да си ја уништат сопствената иднина поради мегаломанија и негрижа. Првичната причина за „колапсот“ било уништувањето на шумите, односно расфрлањето со базичниот природен ресурс врз кој се темелел животот на островот. Шумата била дом на ендемски видови птици, и привлекувала бројни видови кои емигрирале. Била извор на дрва за изградба на кануа кои служеле за риболов во длабоки води. Го штитела интегритетот на земјиштето кое било погодно за земјоделство, од уништувачката моќ на тропските бури. Малку по малку, хранливите ресурси почнале да исчезнуваат, стеснувајќи ја диетата на луѓето. Прво, на кокошки и мали школки, а потоа на глувци и други штетници. Оскудноста на базични суровини, како и секогаш, го потхранила ривалитетот и војната помеѓу различните кланови. Во генералниот недостиг на храна, се стигнало до последниот стадиум, антропофагија, односно, канибализам.

А, што е со камените глави? Каква е нивната улога во колапсот? Како што минувало времето и војната помеѓу клановите станувала се пожестока, од малечки и симболични какви што биле статуите, почнале прогресивно да стануваат импозантни. Интересно е што најголемата статуа „Паро“, онаа што ја гледаме на разгледниците, е изградена токму во финалните моменти на катастрофата. Постои латински термин „Motus in fine velocior“, или што во превод би се објаснило како чувство за забрзување на времето во ситуација на криза. Статуите биле симболи на технолошка моќ, се разбира за тогашната технологија, но треба да ги сфатиме и како технологија за политички престиж и надмоќ. Статуите биле играта, идеологијата, политичката програма за луѓето од Велигденскиот Остров.

Но, за да се донесат од карпата каде биле правени, и за потоа да се подигнат, односно исправат, биле неопходни дрвени трупови и дрвени влакна за да се создадат јажиња. На крајот, островот останал без дрва, а во исто време прошаран со сè поголеми статуи, за потоа, во општата војна на секој против секого, најголемиот дел да бидат срушени или бутнати. Кога сè било готово и дошол крајот, преживеаните помислиле да бегаат од пеколот кој самите го создале, но дрвата потребни за изградба на чамци, ги немало, биле уништени под мегалитите.

Велигденскиот Остров и судбината на неговите жители е предупредување. Метафората е многу поголема и не говори само за уништување на природните ресурси. Политиката постои во секое општество, формите можат да бидат најразлични, но битна е суштината.

За да ја кондензирам параболата, ќе се вратам на самиот почеток. Политиката не може да размислува само на задоволување на актуелните, моменталните или себичните апетити, без да ги има предвид неопходностите на утрешнината. На островот секоја генерација се однесувала како да е последна, користејќи ги јавните ресурси како свои ексклузивни добра, злоупотребувајќи ги до екстремни граници. Има една фраза на Томас Џеферсон која вели: Земјата секогаш ѝ припаѓа на постоечката генерација. Но, треба да се сфати оваа фраза малку пошироко отколку што само звучи. Смислата е да се ослободи постоечката генерација од долгови кон минатите генерации кои имале заслуги. Жителите на островот, како и жителите на Македонија сакаат да дејствуваат ослободени од каков било долг кон идните генерации, за тие самите да можат да се изживуваат врз јавните добра, врз државата која им припаѓа на сите генерации подеднакво.

Е сега, ние Македонците, додека го чекаме Годо, можеби треба времето да го искористиме и малку да подразмислиме што значи лошото, погрешно дејствување во полисот, колку и да е архајска таквата концепција на демократичното и политичкото. Или можеме во исто време да разбераме дека позитивното, проактивно чувство за дејствување, наспроти практично-инертното однесување, согласно Сартр, во однос на тоа чекање, и некакво си пристигнување, треба да активира свесни и објективни динамики, кои ќе излезат од самото чекање нешто да случи. Треба да ја надминеме таа хомеостатична слика за нашето општество и да престанеме да бидеме мизерни робови на пасивното чекање, односно, на најтивката, но најкорисна форма на соработка со режимот.

Дали ќе умреме или живееме како општество, комплетно зависи од нас, и таа одговорност е во наши раце.

Извор: Либертас
На сликите: Статуи од Велигденскиот Остров