Фурија во самопослуга

01.05.2015 13:48
Фурија во самопослуга

Во самопослуга купувам нешто за дома. Стојам по две-три минути пред рафтовите, за да го исцедам најповолното. То ест најевтиното. Кога по петнаесет минути избирање успевам да дојдам до касата, се уфрла осумдесетгодишна силна госпоѓа:

‒ Извинете, ама немам време, лебот ми е во фурна ‒ вика колку што ја држи гласот.

А редот е голем, сигурно повеќе од десет души. И сите погледнуваат кон неа. А таа оди директно кон касата дерејќи се кон еден од вработените:

‒ Орнел, три кисели млека и јаболков оцет!

‒ Госпоѓо и јас брзам ‒ ѝ велам и ја ставам кошницата на пултот за да ми наплатат.

‒ Мене лебот ќе ми изгори! ‒ вика таа.

Не сакам да ѝ одговорам сè додека не се втурнува пред мене. Освен пари в раце не држи ништо.

‒ Госпоѓо, ве молам ‒ се обидувам да не експлодирам. Го заземам просторот и ги вадам на пултот двата леба, макароните и тоалетната хартија. Не можам да поверувам: еден од вработените ѝ ги носи „нарачаните“ производи. Сега таа ги турка кон касиерката.

‒ Ајде брзам ‒ ѝ вели на касиерката.

‒ Брзам и јас ‒ велам и со левата рака благо ги поттргнувам моите работи од нејзините. ‒ И кеса, ве молам ‒ ѝ велам на касиерката.

‒ Ама тебе лебот нема да ти изгори! ‒ вика безобзирната фурија.

‒ Нема, госпоѓо, оти јас го купувам.

‒ Е мене не ме мрзи да месам! Научи ја жена ти да меси и нема да купуваш! За ништо не ве бива!

Касиерката се обидува со ишарети да ми каже да се откажам, ама јас сум веќе влезен...

‒ Госпоѓо ‒ се вртам кон аждерот што фучи. ‒ Вие требало да го научите мажот да купува леб, а не да месите и да се пикате преку ред. Довидување.

Ја поздравувам касиерката и излегувам, а продавачот кој на „госпоѓата“ ѝ ги донесе намирниците, гледам, пуши цигара пред продавницата. И него го поздравувам.

‒ Е комши ‒ ми вели ‒ ќерка ѝ е инспекторка, душата ни ја вади.

‒ Нека ви ја вади, комшија. И треба да ви ја вади! ‒ му велам.

Слика: Марвин Дејви

ОкоБоли главаВицФото