Научници во Македонија ќе бараат ВМРОвец со смисла за хумор

10.06.2015 13:41
Научници во Македонија ќе бараат ВМРОвец со смисла за хумор

Скопје, 10 јуни 2015

Поттикнати од краткотрајното дејствување на сајтот Бозаностра, како и хаштагот #ВасеДискреција на Твитер, научници од американскиот универзитет „ХаХаХа-ХиХиХи“, ќе истражуваат дали во Македонија постои ВМРОвец со смисла за хумор.

„Бигфут, чудовиштето од Лох Нес и вонземските форми на живот не се доволен предизвик за нас. Особено затоа што на тие полиња веќе има барем одредени претпоставки. Но, постоењето на членови на ВМРО-ДПМНЕ со смисла за хумор е шпекулација за која до сега нема никакви сознанија. Тоа е тотална мистерија. Ако успееме да пронајдеме таков примерок, тоа сигурно ќе ни донесе Нобелова награда“, вели д-р Стендап Скеч, водачот на истражувањето.

Неговиот колега Тери Гилијам објаснува дека на почетокот од истражувањето наишле на лажна трага и малку недостасувало за предвреме да го прогласат истражувањето за успешно.

„Отворивме неколку провладини сајтови и читавме колумни од Влатко Ѓорчев и Илија Димовски. Кога дојдовме до деловите за економските успеси на Македонија, почнавме да се превиткуваме од смеење, шегата многу ни се допадна и веднаш сакавме да ги контактираме Димовски и Ѓорчев. За жал, по кратки разговори со локалното население, бевме уверени дека тие се сериозни“, вели Гилијам.

Ништо подобро не поминало и истражувањето на Твитер, каде деновиве преку хаштагот #ВасеДискреција одредени твитерџии се обидуваат да извршат медиумски линч врз Влатко Васиљ.

„Ги читавме твитовите со надеж дека ќе наидеме на духовит човек од ВМРО-ДПМНЕ, но залудно. Обрнавме внимание и на пишувањето на Филип Петровски, по што настана мала расправа во нашиот тим“, раскажува Скеч.

Имено, иако сите истражувачи биле согласни дека кај него навистина не се забележуваат траги од смисла за хумор, некои покренале процедурално прашање, инсистирајќи дека дури и да се појави трага од хумор, тој не може да се смета за ВМРОвец, по сите партиски премини и дијаметрално менување ставови.

„Не се обесхрабруваме. Свесни сме за опасноста да потрошиме години во јалова работа и бескорисен труд, но влогот е голем: замислете, ВМРОвец со смисла за хумор! Мора да се појави барем еден“, оптимистички и решително коментира Стендап Скеч.