Не ги поткупувајте студентите со таблети!

30.06.2015 10:20
Не ги поткупувајте студентите со таблети!

Студентски Пленум изразува незадоволство од методот и начинот на кој Владата се обидува да ги поткупи студентите, за да заборават на проблемите и условите во студентски домови.

Премиерот Никола Груевски треба да знае дека откако студентите со просек над 9.50 ќе ја искористат неговата мерка која веројатно во главите на министрите и на него самиот е некаква стимулативна мерка за повеќе труд и учење, ќе се вратат во брутално лошите студентски домови, каде дури и животите им се понекогаш во опасност.

Го известуваме премиерот, доколку не знае, дека студентските домови во Македонија се олицетворение на хоророт и сјајот на бедата, што е недозволиво.

Бараме веднаш дневнополитичките поткусурувања и популистички мерки, кои никому не му носат добро, да се тргнат од образованието и студентскиот стандард и конечно Владата да покаже реален интерес за решавањето на горливите проблеми.

Решението не е во таблетите и патувањата во Париз и Лондон, туку во реновирањето на сите студентски домови, кревање на студентскиот стандард, бенефиции за студентите и развивање на квалитетно образование, кое нема да биде задушено од парцијални дневнополитички „реформи“.

Извор: Студентски пленум