Ние, студентите, не чекаме избори и не веруваме во вашите лаги и популизам!

03.11.2015 11:25
Ние, студентите, не чекаме избори и не веруваме во вашите лаги и популизам!

Иако многумина сметаат дека треба да ви се заблагодариме за постигнатото, не го очекувајте тоа од нас. Не можеме да ги заборавиме останатите 600 колеги кои зимските минусни температури ќе ги дочекаат во мизерните услови кои сите ги посведочивме.

Навидум чисти ѕидови, нови кревети, нов мебел, интернет, парно и чисти тоалети за 300 студенти, но што е со мувлосаните ѕидови, скршените тавани, поплавените подови и нечистите тоалети во останатите блокови, но и во останатите студентски домови?

За реновирање на еден блок ви беше потребна повеќе од една година, а сега велите дека до 2017 ќе биде реновиран целиот студентски дом „Гоце Делчев“. Дали навистина мислевте дека со реновирање на само еден блок ќе ги заборавиме вашите лаги и популизам? Дали можеби сакате да ве потсетиме колку пати до сега сте ни дале лажни ветувања?

Ќе повториме, бидејќи се чини дека не нè разбирате – ние, студентите, не чекаме избори! Ние не веруваме во вашите предизборни ветувања ниту пак во вашите лаги. Затоа престанете да се фалите со полузавршени проекти и фатете се за работа, бидејќи нашите колеги страдаат.

P.S. Да ве потсетиме дека поминаа 20 дена, а сè уште не сте ја објавиле локацијата на студентскиот дом кој го ветивте.